Стрипот Farewell од Наташа Егуменовска ја доби првата награда на конкурсот за стрип наградата Лифт

01.12.2022 18:26
Стрипот Farewell од Наташа Егуменовска ја доби првата награда на конкурсот за стрип наградата Лифт

Вчера вечер, во рамки на Малиот новогодишен саем на Темплум кој се одржува во Галеријата Метаноја, беа доделени наградите на победниците на конкурсот за стрип наградата Лифт.

На петтиот конкурс за стрип наградата Лифт стигнаа 19 стрипови од 18 автор(к)и. Единаесетгодишниот Борјан Андреевски, кој беше најмладиот натпреварувач,на конкурсот учествуваше со три стрипа, а Петар Миљковиќ со два. Два авторски тандема испратија по еден стрип, познатите Стеванов и Богданов, и библиотекарката Цонева и ученичката Коцева (осмо одд.) од Струмица.

Во потесниот избор за награди оваа година влегоа осум – девет дела, а за трите награди беа издвоени четири дела (третото место, како и минатата година, го делат два стрипа).

Еве ги наградените стрипови за 2022 година:
-Farewell од Наташа Егуменовска
-m=t од Стефан Гулевски
-Како на стрип! од А. Стеванов и Д. Богданов
-Лисицата и штркот од Борјан Андреевски.

Стрипот кој значајно се издвои од другите е Farewell на Наташа Егуменовска. Иако нема класична нарација и дијалози (вкупниот текст се состои од три реченици), делото е колористички мошне суптилно, сликите моќни и емотивни, а дејствието прегледно и убедливо. Кадрите се добро монтирани, а нежниот лирски цртеж создава нестварна атмосфера. Боите и плохите (розеви, жолти, сини...) се во функција на нарацијата и атмосферата - и таа колористичка вештина најмногу го издвојува Farewell.

m=t од Стефан Гулевски исто така неприкосновено се издвои на второто место заради иновативниот концепт, необичниот дигитален графизам, симпатичните карактери, хуморот... Иако стрипот наративно не е многу јасен и веројатно е дел од поголема целина, сепак се издвојува со квалитетите. Стефан Гулевски, објаснувајќи го концептот, вели: „Се работи за универзум/димензија каде што масата (m) = времето (t). Колку работите се потешки толку се постари. Суштествата се хибрид меѓу диносауруси, гуштери и змии, и комуницираат со симболи.“

Третото место го освои делото Како на стрип! од Александар Стеванов и Дарко Богданов, најверните творци на нашиот конкурс (заедно со Златко Крстевски од Прилеп). Како на стрип! си поигрува со стрипските конвенции и со просторните димензии на медиумот внесувајќи духовита авторефлексивност во приказната. Цртежот и кадрите се прецизни, прегледни, добро водени...

Поделба на третото место заслужи и стрипот Лисицата и штркот од единаесетгодишниот Борјан Андреевски. Иако е тешко да се споредуваат релативно неспоредливи дела (детски цртеж и дела на веќе искусни и вешти автори), сепак решивме, како жири, да го охрабриме исклучително талентираниот Борјан, посветеникот во стриповите, но и да поттикнеме и други деца да се занимаваат со стрип.
Лисицата и штркот е духовит и откачен стрип на една табла, со свеж и слободен цртеж, со луцидно прикажани ликови и дејство, со познавање на стрипот како медиум, накусо речено.

Членовите на жирито (Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски) поединечно во конкуренција за наградите ги издвоија и Медено срце на седумнаесетгодишната Тамара Мишовска, Nora and Shiro: The Adventures of Time Travel на Јована Петрушевска, The life od true dystopia на Петар Миљковиќ, Како е да се има зајак од Јана Илиевска, The Haist на Миха Ѓоргон... Како што велат тие, “секој од овие стрипови можеше да биде награден, оти годинава за третото место пресудуваа незначителни нијанси”.

Годинава е мал јубилеј на наградата Лифт - пет години. Како што велат од организацијата, време за анализи, вртење наназад и освежување на конкурсот: “Решивме следната година да го промениме концептот на наградите, воведувајќи различни категории. Но, за тие промени и за другите промени кои, се надеваме, ќе се случат - повеќе следната година!”

Од издавачката куќа Темплум изјавуваат дека во текот на овие пет години, им биле испратени вкупно околу сто стрипови. Објавени се и пет Лифт зборници на околу 430 страници.

“Тоа е пристоен капитал врз кој ќе треба да градиме стабилна иднина за нашиот конкурс, со главна цел: стрипот да добие замав и попристојни позиции во културата на нашата земја” – велат од Темплум.

Наташа Егуменовска, Farewell (прва награда)


Стефан Гулевски, m=t (8) (втора награда)


Александар Стеванов и Дарко Богданов, Како на стрип! (трета награда)


Борјан Андреевски, Лисицата и штркот од (трета награда)

ОкоБоли главаВицФото