Во Русија владее информативен мрак

23.01.2023 00:38
Во Русија владее информативен мрак

Во Русија се јавуваат сè повеќе примери на задушување на рускиот медиумски простор кое се спроведува преку парични и затворски казни.

Информативен молк е резултатот од заробената држава што ја диктира Путин. Русите имаат се помалку канали преку кои можат да ја дознаат вистината за ужасите што ги врши нивната војска во Украина. Под образложение дека оди против својот народ и држава, секој кој се обидува да ја сподели вистината завршува со драконска казна и зад решетки.

Многу примери сведочат за задушувањето на рускиот медиумски простор. Единствениот независен телевизиски канал – ТВ Дожд, неславно заврши откако специјални единици на руските вооружени сили влетаа во ТВ студиото во Москва и на новинарите им забранија да работат.

Сличен е случајот со Марина Овсјаникова, новинарка во државниот Канал 1. Таа среде вестите кои се емитуваа во живо преку плакат повика да се стави крај на војната. Следуваше претрес во нејзиниот дом, распит во полиција, па иако се мислеше дека ќе помине само со парична казна, новинарката сепак заврши во зандана, под обвинение дека шири лажни вести за руските вооружени сили.

Илјадници лица, од Санкт Петербург па се до Владивосток, беа приведени поради искажаното „Њет војни“. Меѓу нив и 77-годишната Јелена Осипова, која ја преживеала опсадата на Ленинград за време на Втората светска војна. Опколена од осум полицајци, таа беше спроведена во станица, поради тоа што во рацете носеше транспарент „мир во Украина“.

Во исто време, протести за мир во Украина без никакви инциденти сепак се одржуваат, но на запад од Русија. Во современите демократии слободата на говор останува оружје со кое се испраќа порака кон рускиот претседател Путин да стави крај на агресијата во Украина. Пред руските амбасади и конзулати во Европа и ширум светот луѓето слободно се собираат за да го изразат својот револт од злосторствата. Во толпите народ на протестите можат да се забележат вознемирените и гневни лица на стотици пребегани Украинци, но и на голем број руски државјани кои се срамат од постапките на нивниот претседател, но кои живеат во слободни европски земји, без цензура.

Видео извор: https://www.instagram.com/portal_mk/
Извор: Frontline.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото