Книжевен прашалник за Марија Џонс

23.02.2023 10:48
Книжевен прашалник за Марија Џонс

 

 - Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Повеќето од раните сеќавања ми се визуелни, се фатив дека немам некое импресивно сеќавање за почетоците на моето читање. Се сеќавам од Карпошовскиот стан на едицијата на мајка ми „српска књижевност у сто књига“ и Одабрана дела Хемингвеја и дебелите томови „справочник химики“ на руски на татко ми, и атласиштата, енциклопедии, Вујаклии и по некоја од историските книги, и Черчилот во 5 тома исто на татко ми, со кого ја делам пасијата кон историјата, а подоцна за „други свецки“ и сме се џавкале ко свекрви. Испаѓа сè тоа да ми ти било на српско-хрватски, ха-ха, ради српската баба ваљда. Најраното мое рецитирање на литература ми е од чика Јова Змај на неполна година „Мала Јуца на столици муца“, што потоа можев и да ја читам во еден од горенаведените српски томови. Ама дефинитивно највпечатливи ми останале Илустрована историја света (до ден денес ги памтам и би ги препознала сите илустрации), заедно со кориците на повоените изданија (од деветсто педесеттата натака) на Гуливеровите патувања, или Децата на Капетанот Грант (конечно на македонски) од библиотеката во „горната спална“ во старата куќа во Берово, каде што се случуваа и моите епски читања од по 8 до 10 часа дневно. Не е рано сеќавање, ама исто така зазема важно место во сеќавањата како битна пресвртница и Цауберберг, Волшебниот рид на Ман, кој ми ги одбележа 13те години. Од тоа лето во Охрид најмногу се сеќавам на огромната полна месечина што го наполни целиот прозорец и на подзинатоста и речиси посраменоста од незнаењето, што морав на секоја страница од епските расправи на Нафта и Сетембрини да користам Вујаклија, па дури и сама си запишував речнички внесови на ливчиња за да ги носам на плажа и да си ги повторувам, ха-ха.

 

- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Веќе ја спомнав Илустрованата историја света. Во поново време, in the same vein, некаде околу милениумот, на сличен начин уживав во Европа, на Норман Дејвис. Можеби и Игоовите Клетници. На Сјенкјевич сега се сетив, Кво Вадис го исчитав и препрочитав кога ми беше здодевно во дневен престој.

 

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

Па, Хомер да речеме, во минатото на неколку пати сум им се навраќала на Илијада и Одисеја, во различни препеви и прозен превод на Семјуел Батлер, а и на Гогољ, иако сега, накај есента на животот, ха-ха, ќе се навратам на уште некои.

 

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Многу не сум дочитала, не дека ме одбиле, сосема спротивното туку, некако животот се напикал, ме одвлечкал негде другде, буквално, физички. Значи, прво најпопуларните недочитани, како Во потрага по изгубеното време на Пруст, и Моби Дик (детево ме посрами ја прочита за три дена), потоа Јосиф и неговите браќа на Ман, Месечари на Брох, Човек без својства на Музил, и за дивно чудо и Метаморфозите на Овидиј. Од славниот Финеган се откажав по две страни. Сите планирам да ги препрочитам.

 

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

Како комерцијален преведувач можам да наведам повеќе, мислам на книги што сум ги превела и кои највероајтно никогаш не би ги прочитала да не сум морала да ги преведам.

 

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Порано ќе речев во светот на Златното руно на Грејвз, или Одисеја, или веќе продвижувајќи се кон историски документирана цивилизација, во светот на Хадријановите мемоари на Јурсенар. Многу евроцентрично и онака прометејски просветителски или добродушно диктаторски. Сега веројатно тоа би била некоја Конрадовштина ко Ностромо, или куќата на господин Бисвас, или уште подобро A Bend in the River на Најпол, или дури и Heart of the Matter на Грин, онака полузерски и граничен колонијален и пост-колонијален свет (најчесто Африка којашто ми е некако ептен при срце) кај што сите потези во правец на просветлување се главно погрешни. А можеби и во дневничките записи на Гомбрович од Аргентина или Фердидурке, што ми беа омилени во средно, тогаш и монодрама од извадоци од втората направив, ама ќе мора да се препрочита, не знам дали уште трае атракцијата. А многу би ми било интересно и во Источно од рајот на Стајнбек. Допрва ќе пристигнувам во 21 век.

 

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

Кога работам/преведувам тука во Берово. Често ми недостига по некоја книга од Скопје, било за цитат, било за референцирање. Инаку, сè друго може да причека, ќе си дојде.

 

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Никогаш не би имала, иако сум хонорарец во бизнисот. Ама кога веќе преоѓаме во регионот на малку веројатното „што би било кога би било“. Би сакала да го усовршам францускиот барем до нивото што го постигна моето дете и да ја преведам и објавам на македонски Патување до крајот на ноќта на Селин, или, ако веќе преоѓаме во регионот на неверојатното, да успеам да го пренесам на македонски двопасусниот Молој на Бекет (или Молоа, како што се милува тука често францускиот изговор, од францускиот оригинал, иако и англискиот е бекетовски оригинал и Молој си е Молој), па дури и да го извлечкам од собата на мајка му покојна со некоја аудио-книга, демек ќе сум успеела да ја пренесам таа tour de force и низ звуковите на македонскиот.

 

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

Мртви души на Гогољ.

 

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Лош читач на лирска поезија сум. На многумина сум им закинала тука. Што е доста незгодно во култура како македонската. Ама што да правиш, никој не е совршен, ха-ха.

 

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Не можам да ги добројам, а сигурна сум дека ќе има и уште. Доброто е што веќе не ми е ни жал ниту си викам дека е баш штета, тоа е што е, можам само да се радувам на читањето во иднина. Ама, еве, да не останеме без name dropping, мислам дека ќе ми беше многу повеќе од корист да знаев за Иван Иљич и неговата Deschooling Society, пред триесетина години, Самервил беше сепак гола вода, за полесно да можам да си ги врамам размислувањата зошто ми беше толку нелагодно во институционалното образование, иако бев супер-послушно учениче и сум интернализирала многу од начелата, па во улогата на мајка често ми излетувале како отровни стрели на притисок и врз моето дете, а академија не успеав да ја дотрпам.

 

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

За да има поента вечерата, гостите треба да ги бива за таквиот потфат. Зошто да викаш омилени писатели кои не се познати по владеењето на вештините на асталската размена? Затоа би им направила вечера (готвач сум и за нив особено би се потрудила) за неколку мајстори од англиската традиција. Нема фајде да го каниш немтурот Свифт, ама затоа Семјуел Пипс дневничарот или другиот Семјуел, Џонсон, речничарот, би биле на чело на асталот, на кој би им придружила Англичани од неколку века подоцна (голем скок со мотка преку уфирцаното морализирање на Викторијанците), ок, може Оскар Вајлд, па после по некој од the roaring twenties, како Ивлин Во, или еден од првите отворено геј писатели ко Ангас Вилсон (и тој бил заангажиран во Блечли за време на војната, ама не го натерале на самоубиство ко Тјуринг, а пред и после си бил и библиотекар у Бритиш Мјузиум, сега озлогласен, ама јас сепак прст од рака би дала за таквото работно место. Е и неговите Anglo-Saxon Attitudes (насловот цитат од Through the Looking Glass) не би ми пречело да ги преведам, ама тешко тоа, слаб е интересот за повоените педесетти и рани шеесетти, кои за мене се епитом на кулоќата, кон која и моите родители некако како да се стремеа. А за да дојдеме малку поблиску и до мојата генерација, и Вил Селф би го викнала, писател и новинар кој тековно предава и психогеографија на Brunel University London (она на што дадаисти и летристите на Дебор му се сметаат за основоположници. Можеби би се испокарале на крај, ама се сомневам, баш би уживале во разговорот и доброто вино што некако би успеала да го набавам.

А втора опција би била една феминистичка чајанка (ха!), со Џејн Остин, Дорис Лесинг, Џорџ Елиот (нејзината Мидлмарч, што некои ја нарекуваат прв феминистички роман, е најдолгата книга од 1200 страни што некогаш сум ја превела), Вулф не би дошла, Сиксу да, за да им се распафта малку, и како капак, последната жена авторка што ја читав, нешто ко злосреќното дете на слугинката што избегало по бели свет да се глупира по циркуси, за малку балкански чергарски шмек, Аглаја Ветерањи. Ама оваа комбинација ми е малку без врска, поентата лесно ми се измолкнува.

 

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Порано многу подвлекував, чкрткав, ставав nota bene, или онака по маалски, ставав „цар!“, а во универзитетска и препишував и по цели пасуси од изданија што не можеа да се најдат по книжарници и и антикварници. Ама тоа е од „пешачките времиња“, сега само copy/paste.

 

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

На пуст остров, Илијада, Махабхарата, злосреќните Метаморфози, па дури и Библија шо да не, има таму има многу прикаски, иако со наравоученија, Илјада и една ноќ, такво нешто.

А во затвор анотирано издание на Бдеењето на Финеган. Ако е доживотен, собраните дела на Дикенс. Или Мопасан.

 

- Што читате деновиве?

Во моментов, се обидувам паралелно и лабавко да потчитнувам по некоја страничка пред спиење (тешко ми оди и со очила на послаба светлина) од The Dawn of Everything: A New History of Humanity на двата Дејвиди, покојниот Грејбер и Венгроу, и Guns, Germs and Steel на Џаред Дајмонд.

Марија Џонс, преведувач. Родена во Скопје 1968. Поработела и поживеала на неколку различни места по светов, моментално со постојан престој во Берово.

Слики: Валентин Губарев

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото