Таткото, љубовта, изгнанството (фрагменти)

10.03.2023 13:15
Таткото, љубовта, изгнанството (фрагменти)

Тој што на земјата владее, од местото мое,
местото мое, местото мое, празно сега
сè во присуство на самиот Син Бог,
направи клоака за крв и смрдеа
од моите гробишта;

(Данте, Божествена комедија, Рај, пеење 27, 22‒26; Зигмунд Фројд го цитира во „Едно сеќавање од детството на Леонардо да Винчи“)

Она што обично се смета за љубов е изгнанство.
(Самјуел Бекет, „Прва љубов“)

 

Ми беше, зачудо, потребен духот на Венеција, сосем спротивен на Бекетовиот свет, за во парентезата во неговиот расказ „Прва љубов“ и кратката драма „Не јас“ можеби да ја согледам силата и ограничувањата на ваквиот начин на пишување, кој врз нас остава впечаток не толку со својот „естетски ефект“ колку со она што порано често се сметало за речиси „свето“. А чие име денес не се слуша. „Неименливото“, игра на смислата и уживањето?

Ми се чини дека оваа парентеза, за која мислам дека добро им прилега на многу романи и познати драми, судбината сега си ја сведува на карневалските црти на некогаш моќниот христијански свет. Тука, кај Бекет, наоѓаме сè, смрт на татко, раѓање дете, а од друга страна оралност, соголена, без украс ‒ уста на жена, сама пред Бога, пред празнината. Бекетовата пиета поминува низ WC и останува возвишена; сеедно е што мајката е проститутка, вистинското татковство толку малку се признава што детето ѝ припаѓа само на мајката ( „Прва љубов“ ); и пелтечењето на седумдесетгодишна жена („Не јас“), како антоним на црковна песна или на монологот на Моли, исто така го носи ореолот од татковските зраци кои ја воздигнуваат иронично но упорно кон третата особа ‒ Бог, и ја исполнуваат со чудна радост наспроти ништожеството. Воздигнати, демистификувани и затоа дури постабилни од кога било ‒ столбовите на нашата фантазија се тука. Или барем некои... Да речеме:

‒ Мажот доживува љубов по татковата смрт. „Нештото“ за кое му зборувале дома, на училиште, во бордел и во црква, најпосле му се укажува врз лицето на татковиот леш, благодарение на кој насетува „некој облик на естетика значајна за човека“ и ја открива „големата бестелесна мудрост“ (единствена). Смртта и таткото обединети, а сепак удвоени, разделени. На едната страна: идеалот кој дава смисла, но каде што нема комуникација; на другата: можна но безначајна комуникација, отпадок, гнилеж и измет, како придвижувачи на задоволството и безделништвото. „Нокшир“ ‒ одлично избран израз којшто спојот на спротивностите го прави нераздвоив, го потсетува синот, писателот, во исто време на Расин, Бодлер и Данте, и ја соединува оваа сублимирана опсценост во која синот, консупстанцијален со таткото само во неговата изгниеност (лешот), нема да излезе од длабоката жалост по недостижната функција на таткото која уточиште наоѓа на страната на Смртта и така, оддалеку и во опасност од исчезнување, му дава смисла на постоењето живи лешеви.

‒ Заробен помеѓу таткото ‒ телото на мртовец кое возбудува (до дефекација) и Смртта ‒ празната оска која воздигнува (до трансценденција), мажот тешко ќе најде друг објект на љубовта. Ќе може да се одважи само во средба со неодредена жена, упорна и молчалива, се разбира проститутка, со симулиран глас во секој случај, чиешто име, исто така неодредено (Лулу или Лили? или Лоло?) и сведено (еден слог: Ан?), ќе може да се впише единствено во кравја балега и така да се стопи со „изметот на историјата“. Тоа тогаш ќе биде единствената љубов, можна, вистинска: ни похотна, ни платонска, ни интелектуална. Туку љубов‒изгнанство.

‒ Изгнанство. Обид да се одвои од достоинствената и спокојна област во која возвишената Смрт на Таткото, т.е. смислата, и неподвижното, скаменето, исцрпено, „повеќе мртво отколку живо“ синовско „јас“ стануваат едно (додека ќерката може добро да се снајде). Изгнанство поради кое таквото разумно но премногу мртво синовско јас го губи спокојството пред прагот на безживотната материја прекриена со иње, тука каде што единствено има шанси да стане било кој, а сè уште без начини да исчезне. Бегање, значи, од постојаното присуство на смислата: да се живее негде другде, но со татковата смрт. Живот ‒ преживување во љубовта, во изгнанството, непостојан и несигурен, во кој се открива цената за топлината (стаклената градина, собата, балегата) и грижата на луѓето што ја даваат, но и упропастуваат, не губејќи го заштедениот капитал на татковството со кој се впуштиле во таквиот живот. Живот одвоен од татковската земја во која, меѓутоа, засекогаш останало заковано спокојството на опседнатото јас, спокојство кое не може да се разниша, загрижено, но постојано.

Да се сака, значи, да се преживее татковата смисла на барањето да се отпатува далеку за да се пронајде непостојаното но возбудливо присуство на објектот ‒ отпадок, маж или жена, отпаднат од таткото, кој би го штител наместо него, а кој сепак останува смешна замена за неотелотворената мудрост која ниеден објект (посебно на љубовта) не може никогаш да го присобере во целина. Наспроти безживотната целина на татковата Смрт, во дел се наоѓа изгнанството, паднат објект или објект на љубовта, транспонираната љубов, љубовта спрема Другиот. Па сепак, без изгнанството нема можност за бегство од прегратката на татковата Смрт. Љубовта, како и пишувањето, кои му припаѓаат, произлегуваат од Смртта на таткото ‒ третата особа (како што се вели во „Не јас“), под услов да се бега од неа.

Со други зборови, забрзаниот и опсесивен човек никогаш не го гледа таткото мртов. Лешот што го има пред очи е токму тој објект ‒ отпадок, паднат објект, та затоа конечно присутен, толку долго чекан уште од првиот плач, првите фекалии, првите зборови, и толку строго осуден, оти татковата моќ го оддалечила. Преку мртвиот објект најпосле остварува „реален“ однос со светот, однос кој одговара на сликата на самиот објект и кој може да се опише како јадно пропаѓање, изневерено милосрдие, соголена реалност, мрзоволна иронија, клапнато делување, клоака. Во тој отвор ќе може да бара жена. Меѓутоа, смртта за која станува збор не е ни Другиот, ни таткото ‒ трета особа. Тој е Смртта, секогаш и бил тоа: смислата на синовската приказна, кажана само поради идеалната, за живите недостижната и тешка празнина што ја остава татковата Смрт, смислата на приказната што ја кажува самата празнина. Сè додека синот ја бара смислата во приказната или кажувањето, дури и ако ти му се измолкнуваат, тој кажува во име на Смртта за татковите лешеви, какви што сте вие (читателите), под услов во тоа трагање да се истрае.

‒ Како да не забележиме дека на возвишениот потсмев на првата љубов смисла ѝ дава токму Смртта оти го крие избришаниот инцест и се наоѓа таму каде што би можеле да го замислиме премолчаното присуство на жена, сопруга (на таткото) или мајка (на синот). Поради тоа што се насетува тоа отсуство, изгнаникот, кога го анализира своето изгнанство, нема неминовно да биде ни вечен ерген, ни монах, ни нарцисоиден љубител на себе слични, туку избеган татко.

И навистина, со Бекет митот за неженетиот писател ја напушта фасцинираноста со ужасот на Пруст и Кафка, за повеќе да му се приближи на ладнокрвниот хумор на Марсел Дишан.

(...)

На друга страна, кај жената на изгнаникот, неомажената „невеста“, породувањето е она што ја осигурува автоеротичната автономија на нејзиниот универзум и ја остварува невозможната коегзистенција на двата ентитети, машкиот и женскиот, помеѓу кои комуникацијата е неостварлива.

„Првата љубов“ ни сугерира дека за жената детето е она што за опседнатиот е мртвиот татко, но тоа е друга приказна. Оти, друштвото на трета особа во празнината што ја остава смртта е она што нему, на изгнаникот, би му било конкретно потребно: нежно да ја очеша немата друшка, да се одрече од телото, потоа отпадок, сублимација, а за до крај да му остане верен на мртвиот татко ‒ самоубиство со двајца... Меѓутоа, младиот изгнаник остарел: верен на татковската љубов, станал старата госпоѓа (од „Не јас“).

(...)

Според Фројд, се чини дека христијанството е на пат да признае дека Смртта е убиство. Но, и повеќе од тоа, до таквото признание се доаѓа само под услов смислата на заедницата идентификувана со убиството да се компензира со уживање, и тогаш тоа може да се поднесе. Христијанството во времето на Римското царство, како и она доцното, ја слави мајчинската плодност и од инцестуозниот однос меѓу мајката и синот прави противтежа за болната и погубна синовска љубов спрема разумот на таткото. Доволно е да се погледне уметноста од 15иот век или, уште подобро, да се видат обете ‒ пиетата со Христ кој умира и тивката радоста на мајката, кај Белини, на пример, за да разбереме дека траењето на христијанството и на југ и на исток, и фасцинираноста со него, се незамисливи без тој спој. Точно е дека Мадоните со блескава плот остануваат загадочни додека ги прегрнуваат и двосмислено милуваат своите мали синови, оти меѓу нив постои неизмерна оддалеченост, читлива особено во одлутаните погледи, на раб на губење свест, на гадење или можеби ништожество? Како да сака да каже дека љубовта не е дури ни во тоа да се сака дете (уште еден изгнан објект), туку можеби повторно нешто друго, неодредено, она истото без вера и тврдоглаво „Бог е љубов“ кое не води кон ништо во „Не јас“. Детето е тука, но неговото присуство е само дел од уживањето, дел наменет за другите. Ниедна приказна, ниту слика на девица со дете нема да го открие она преостанатото, неизмерното, освен можеби скриените, воздржани, коси и празни погледи, или отсутните лица, оддалечени од светот, во залудно и меланхолично исчекување. Лица осветлени со празнината, ништожеството, а пак истрајни и упорни ‒ како во „Не јас“.

(...) После вака претставената па повторно оддалечена мајка, ренесансата одново ќе ги оживее Мажот и неговата развратност. Леонардо и Микеланџело го заменуваат Белини. Хуманизмот со изливот на сексуалноста, а посебно на хомосексуалноста, и со граѓанската трка по предмети (стока, пари) ќе го потисне од непосредниот интерес (но не и од несвесното) култот на раѓањето и неговото реално и симболичко влијание. Дотолку подобро, оти со неговото исмевање, иако не секогаш, ќе се дојде до вистинското аналитичко решение. Треба да се причека крајот на 19иот век и појавата попрво на Џојс отколку на Фројд, за да се укаже на за телото и полот опасното и безумно потиснување на мајчинството и инцестот, со јазик кој со „музика во букви“ во дискурсот повторно ги враќа ритамот, интонациите, одеците на снажната предедиповска симбиоза на мајката и детето, која му претходи на таткото ‒ третата особа... Дали тогаш жената, почнувајќи од љубовта спрема детето, би можела да изрази некоја друга љубов, спрема изгнаниот објект на татковата Смрт, со репродукција на третата особа, да речеме? Но, и разградувањето на објектот во она што низ ритамот се гледа и соопштува: полиморфното, полифониското, смиреното, вечно и постојано уживање кое нема ништо со смртта и со неговиот изгнан објект на љубовта? Зарем устата во „Не јас“ која излегува од лавиринтот на сопствените опсесии, не е одраз на тоа можно спокојство сочувано од смртта, олицетворено во мајката во ренесансното сликарство? Јас во него ги гледам очите на озарените Мадони кои со трезвен поглед гледаат настрана.

Но, не гледам бои на сликите.

Дали зашто, после Џојс и за разлика од него, целокупното Бекетово дело ја нема како свој предмет оваа археологија на христијанството? Пред очите на романските народи, и тоа на француски, нивниот најразложен, а нему сепак туѓ јазик, јазик на изгнанството и љубовта, Бекет не ја уништува претставата за Христовото раѓање чија инцестуозна радост токму тие народи ја слават: тоа би го одвело кон пишување „поезија“. Напротив, избирајќи го недовршеното но упорно кажување, монолог или дијалог, тој себе во вид на структура си дава ограничувања и наметнува начини со кои го истражува осквернавеното почитување на татковата Смрт. А нам ни го дарува тивкото ослободување коешто тоа го допушта.

Овој текст ги принудува католиците, романските народи, да го прифатат или попрво да го откријат она што од други го позајмиле (јудаизмот), или што го отфрлиле (протестантизмот), и нужно наоѓа поклоници или соучесници меѓу „другите“, „различните“, чудните, странците, изгнаниците. Од друга страна, оние чија совест е оптоварена со долгот спрема третата особа, ќе ја слушаат „Не јас“ исплашено и нема да ја разберат безумната и озарена смрт пред Богот кој не се покажува. Како морална, строга и иронично сериозна Бекетова лекција!

Меѓутоа, општеството од кое Бекет на овој начин бара објаснување брзо ќе согледа, и покрај „Не јас“, дека постои нешто што тој го оставил недопрено, а тоа е триумфалната мирнотија на мајката на која не ѝ приоѓаат и која ја избегнуваат. Во таа смисла, не ли опстојува вон урнатините на осквернавеното свето коешто Бекет нè повикува да го доживееме, макар како луцидни нбљудувачи, сочуван низ другиот, наполно заводлив, вистински чувар на последниот мит на модерното време ‒ митот за женскоста? Веќе не трета особа, туку независни од смислата: ритмови, тонови, бои, во Зборот и низ Зборот?

Тоа се моќта и ограничувањата на бекетовската фикција во заокружениот христијански свет.

Чекаме некој друг, следејќи го Џојс, да дојде и со звук на песна, одблесок на боја, смеејќи се грохотно, да го отстрани ова последно, непристапно уточиште за светото кое сè уште се крие во недопирливите Мадони на Белини, и да му даде нов лик, поинаков, световен, телесен, низ полнотијата на јазикот и фантазијата. Како што Бекет, одејќи потаму од исмејувањето, а поради човештвото во потрага по осамената заедница, ја оживеа смешната строгост на татковата Смрт, таа постојана, иако одвај одржлива, истрезнета потпирка за смислата на секое човечко битие.

Избор и превод: П. В.
Слики: Giovanni Bellini (1430‒1516)
Наслов на оригиналот: Julia Kristeva, Le père, l'amour, l'exil, Cahiers de l'Herne, ("Beckett"), 1976

Слични содржини

Култура / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото