Важноста на тоа да се биде исплашен

16.03.2023 10:23
Важноста на тоа да се биде исплашен

Уметност од Артур Ракам за ретко издание на бајките на браќата Грим од 1917 година.

„Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни“, вели Ајнштајн, „читајте им бајки. Ако сакате да бидат многу интелигентни, читајте им повеќе бајки“. Интелигенцијата, се разбира, е слободен термин кој опфаќа повеќекратни манифестации, но увидот што му се припишува на Ајнштајн најнедвосмислено се однесува на деветтата од многубројните интелигенции, според развојниот психолог Хауард Гарднер, - егзистенцијалната интелигенција. Бајките - соодветниот вид, оние оригинални приказни на браќата Грим и Ханс Кристијан Андерсен на кои се сеќавам од моето источноевропско детство, нехигиенизирани со цензурата и незасладени од американските прераскажувања - го потврдуваат она што децата интуитивно знаат дека е вистина, но постепено се учат да го заборават, а потоа и стравуваат: дека ужасниот и извонредниот дух извираат од истиот извор, и дека она што му дава на животот убавина и магија не е отсуството на ужас и неред, туку благодетта и елеганцијата кои ги носиме со себе додека се справуваме со тој метеж.

Оваа идеја беше во средиштето на разбирањето на психологијата на бајките од страна на Џ.Р.Р. Речиси еден век подоцна, Нил Гејман прераскажувајќи ги Хансел и Гретел, тврди дека „ако сте заштитени од темни нешта, тогаш немате заштита, познавање или разбирање за тие темни нешта кога ќе се појават“.

Големата полска поетеса и нобеловка Вислава Шимборска (2 јули 1923 – 1 февруари 2012 година) прави чудесно продуховена студија за развојниот дар на застражувачкото во Непотребно читање - таа прекрасна прозна збирка на нејзини одговори на книгите кои ги проголтала во текот на едно незаситно читање во 1970-тите, која ни ги дава и нејзините медитации околу тоа што прават книгите за човечкиот дух и како перспективата за космичка осаменост може да го зголеми нашето човештво.

Вислава Шимборска

Во делотп со наслов „ Важноста на тоа да се биде исплашен“ - осврт на првото издание на бајките на Ханс Кристијан Андерсен, кои направија револуција во раскажувањето - Шимборска пишува:

Децата сакаат да бидат исплашени од бајките. Тие имаат вродена потреба да искусат моќни емоции. Андерсен ги плашеше децата, но сигурна сум дека никое од нив не му замери за тоа, дури ни откако пораснаа. Неговите чудесни приказни несомнено изобилуваат со натприродни суштества, а да не ги спомнуваме животните кои зборуваат и дрдорливите кофи. Не секој во ова братство е безопасен и добронамерен. Ликот кој најчесто се појавува е смртта, непопустлива лик кој неочекувано се прикрадува во срцето на среќата и го зема најдоброто, најомиленото. Андерсен сериозно ги сфаќаше децата. Тој им зборува не само за радосните авантури во животот, туку и за неговите неволји, неговите мизерии, неговите често незаслужени порази. Неговите бајки, населени со фантастични суштества, се пореалистични од тони денешни приказни за деца, кои се грижат за веродостојноста и избегнуваат чуда како чумата. Андерсен ја имал храброста да пишува приказни со несреќни краеви. Тој не верувал дека треба да се трудите да бидете добри затоа што тоа се исплати (како што упорно рекламираат денешните морални приказни, иако тоа не излегува секогаш така во реалниот живот) туку затоа што злото произлегува од интелектуалната и емоционалната закржлавеност, и е единствениот облик на сиромаштија што треба да се избегнува.

Илустрација од 1924 година на Кеј Нилсен за „Оловниот војник“ од Ханс Кристијан Андерсен

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор:
The Marginalian

ОкоБоли главаВицФото