1016 hPa
86 %
1 °C
Скопје - Сре, 21.01.2026 15:28
Ги видовме првите потези на новата влада. Раскусурување на меѓупартискиот и меѓукоалицискиот пазар преку нетранспарентно именување партиски кадри за директори на јавните претпријатија по фамозниот принцип „вршител на должност“. И – враќање на металната ограда околу владината зграда. Ете, тоа би требало биде најава за најавуваните промени.
Но, не е на одмет да се потсетиме дека и владата на Зоран Заев ги почна промените на речиси идентичен начин. Ја тргна оградата околу владината зграда. И тоа беше отприлика сѐ од промените!
Ѕвездан Георгиевски, Призма, 08.07.24.
Ветуваа дека ќе ја укинат функцијата прв вицепремиер. Таа функција беше измислена за Артан Груби од ДУИ. Во Владата на Христијан Мицкоски прв вицепремиер е Изет Меџити од Коалицијата Вреди.
Премиерот Мицкоски тоа прециозно го објасни вака: „Според законот којшто е важечки, претседателот на Влада има заменици, а џентлменскиот договор во рамките на коалицијата е да има прв вицепремиер и тоа ќе биде Изет Меџити. Но, тоа е надвор од законот, законот вели дека премиерот има само заменици. Она што досега е работено на диво и незаконски нема да биде пракса во работењето на оваа влада“.
Значи СДСМ и ДУИ работеле на диво и незаконски, ама сега ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе работат законски, но бидејќи имаат џентлменски договор ќе продолжат да работат како што работеле СДСМ и ДУИ – незаконски.
Горан Михајловски, СДК, 28.06.24.
Доколку навистина ветропаркот остварува годишна добивка од 100 милиони евра, за 30 години (колку што типично изнесува работниот век на ветерните централи) нашата изгубена добивка изнесува неверојатни 3 милијарди денешни евра! Во идни евра, прилагодени со инфлацијата - двојно повеќе.
Значи, губиме 3 милијарди евра добивка, а заштедуваме само каматни трошоци, коишто при каматна стапка од 4 проценти (за кредити за зелена енергија, што лесно се одобруваат деновиве), на 85 отсто од 500 милиони долари, односно 425 милиони долари позајмени пари на 20 години, изнесува само околу 215 милиони долари. Така ние би вратиле вкупно 425+215=640 милиони долари во 20 еднакви ануитети од по 32 милиони долари.
Дејан Трајковски, Фактор / Окно, 27.06.24.
Европската унија на 25 јуни ќе ги почне пристапните преговори со Украина и Молдавија.
Блазе си им. Немаат тие толку големи проблеми со добри соседи како што си имаме ние со Бугарија.
Горан Михајловски, СДК, 21.06.24.
Пред некој ден добив известување за пристигната пратка. Пишуваше дека може да се подигне до 17 часот. Стигнав во пошта и на шалтерот за пратки пишуваше пауза од 16.30 до 17 часот, а немаше ни 16.30. Не ми се чекаше половина час или пак да доаѓам на жешкото и почнав да се жалам. Вработената го погледна картончето и рече: „на работно место; тоа значи треба да одиш кај поштарите, а тие работат до 13 часот“. Појдов „кај поштарите“, што е еден голем хангар кајшто се примаат пратките и поштарите ја земаат поштата. Тука картончето, како во филм, ми падна меѓу решетки во сливник, и не можев да го дофатам. За среќа, три дена бев на работилница за куклени претстава и почнав да смислувам решение како да го дофатам. Со едно стапче го извлеков кај еден поширок отвор. Вработените беа љубезни и ми ја дадоа пратката, иако подигањето формално е до 13 часот. Направив и еден краток разговор интересирајќи се за моменталната ситуација во поштата. Погледнав на пратката, беше од Куманово, а подолу Фото клуб Куманово, и сфатив дека стигнал златниот медал. Така што оваа авантура со драмска тензија заврши со среќен крај и мило ми е што појдов.
Лени Вон Гелева, Фејсбук, 17.06.24.
СДСМ одбива да се соочи со вистинската порака – дека се неопходни коренити промени, а не избрзани козметички решенија. Во нивниот најдобар манир, за „мир во куќа“, ќе сменат – ама баш ништо. Ќе чекаат ВМРО-ДПМНЕ да се удри во ѕидот на национализмот и погрешната геостратешка политика, и во неможност да испорача иднина, да се сврти назад дома со нови авторитарни глупости, за СДСМ после да дојде „на готово“. За беља, може баш така и да излезе на крајот.
Какви малери сме: имаме две поголеми политички партии, двете хендикепирани. СДСМ знаат во кој правец треба да чекориме, ама се толку неспособни што ни врвците на чевлите не можат да ги врзат, не пак чекор да направат. ВМРО-ДПМНЕ пак, и со врзани чевли, совршено подготвени во низок старт, но со неонски знаци да им го одбележиш правецот во кој треба да трчаат, ќе најдат начин да зачекорат наназад. И тие две множества на потенцијално добри страни, никако немаат пресек. Кај едните е месото, кај другите компирот, а нам ни треба – компир манџа.
Петар Арсовски, Дојче веле / Окно, 12.06.24.
Образложувајќи ја потребата од нови министерства, Мицкоски рече дека станува збор за „преспитување и рационализација со можност за спојување или укинување на одредени државни органи“. Значи, професорот објасни математички прецизно, како и секогаш кога објаснувал нешто и особено кога искажувал став.
Во неговата математика минус и минус даваат плус, па така и зборот рационализација значи повеќе. Повеќе гласови на избори, повеќе министерства. Поголема партија на власт, повеќе членови за задоволување на нивните потреби. Повеќе министерства, повеќе заменици-министри, повеќе кабинети, повеќе советници, повеќе соработници, повеќе коли, повеќе дневници…
Горан Михајловски, СДК, 07.06.24.
Минатата недела гласавте за сето она што од 2017 година го критикувавте. Денешното однесување со закажувањето седница во 22.00 часот по итна постапка е уште едно погазување на она што ВМРО-ДПМНЕ го говореше изминатите седум години. Се посипавте со пепел уште неседнати во Влада. Обинувавте за скратена постапка а денеска молк, штама. Неважно е што се работи за системски закон, неважни се принципите за кои седум години зборувавте, неважни се експертската јавност и деловникот.
Славјанка Петровска, Мета / Окно, 09.06.24.
Али Ахмети во име на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ најави дека накоро ќе почне „битка за почитување на духот на Охридскиот договор“.
Не постои дух на Охридскиот договор. Охридскиот рамковен договор е реалност. Тој е дел од Уставот. Тоа што Али Ахмети сега го прави не е почитување на духот на Охридскиот договор, туку повикување на духовите од минатото. Вадење на чизмите од таван и пушките за одење в планина.
Децата на ДУИ премногу се обогатија за тие самите да облечат чизми за да гинат во шума. Ама, пак, имаат доволно пари за да најдат други будали да гинат за ветените, а неиспорачани тендери на ДУИ.
Горан Михајловски, СДК, 31.05.24.
А зошто гласаа 454.577 гласачи за ВМРО-ДПМНЕ во декември 2016 година, кога го победија СДСМ со 17,5 илјади гласа и два пратеника повеќе, па и покрај тоа Али ја испрати најголемата македонска партија, победник на тогашните избори, во долга опозиција?
И, на крајот, но не и најмалку важно, зошто гласаа на последните избори 106.937 Албанци што довербата ја дадоа на Коалицијата „Вреди“, која ќе биде дел од власта? Што се тие помалку Албанци од оние 137.690 граѓани што гласаа за ДУИ, кои пак, не се само Албанци, туку и припадници на другите заедници. Колку гласови ќе освоеше Ахмети без нив? Во ДУИ толку се избезумени што гласачите на „Влен“ дури ги нарекоа и нелегитимни Албанци, иако токму таа коалиција е со чисто албански гласови. Забегани по моќ, борците за албанските права почнаа да ги угнетуваат Албанците.
Соња Христовска Угриновска, 31.05.24.
Ветувањето за гордости и слично на „Македонија Твоја” можеби и не беше експлицитно, но низ нападите кон противниците недвосмислено подразбираше (по ред): без Албанци во владеењето, без Северна во името, без бугарско малцинство во Уставот.
Но, што добија граѓаните кои ги гласаа грешните гордости: наместо Македонија читаат и слушаат „нашата земја”, „државава”, „републиката” и други срамни избегнувања.
Емилија Целакоска, Рацин, 31.05.24.
Уф, треба ли да го коментираме Димитар Апасиев? Димитар Апасиев пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада или на некоја друга грчка плажа. И како што еден од неговите поранешни сопартијци вели дека тие биле група на џанаци, така продолжува и да се однесува.
Христијан Мицкоски, 360 степени, 28.05.24.
Наклонетоста на Ахмети кон Груби контра Меџити е новост на денешницата, но доколку се потсетиме на почетоците на ДУИ ќе се присетиме дека истиот пристап го користеше и во фаворизирањето на Меџити („храбро момче кои само што почна да се бричи”) во судирите со Беќир Асани, и особено со традиционалните интелектуални кругови во Скопје, кои претходеа на ДУИ.
Алчноста на Ахмети тогаш се отсликуваше низ патолошката омраза кон сè што е урбано и современо, секој кој со мачните искуства од 80-тите и 90-тите ја загрозуваше неговата неприкосновеност на „нов Скендербег”. Тогаш Меџити беше само актер кој итромански ја разбираше, искористуваше и хранеше провинциската глад на лидерот за слава.
Времето течеше, нештата се менуваа, а некогашниот марксист оз Зајаc полека ги откриваше доблестите на капитализмот. Груби беше само актерот кој навреме ја препозна провинциската глад на лидерот за пари и го хранеше со малку пари, малку повеќе пари и најпосле со пари над сè друго. Алчноста на Али ја проголта фамата за Ахмети, а ДУИ падна врз сопствениот меч.
Арсим Зеколи, Дојче веле, 23.05.24.
Од дневнополитичка точка гледано, тешко е да не се согласите со наводите и аргументите на Изет Меџити за Артан Груби. Од контекстуална и историска гледна точка, тешко е да не се потсетите дека сè што Изет го тврди за Артан денес е безмалку истото што пред дваесетина година некои други интегристи го тврдеа за Изет. Вистината дека Артан ја има преземно партијата од Ахмети е на исто рамниште како и вистината дека токму Изет го измисли, креира, наметна и промовира Артан Груби за да елиминира други реални или параноично-замислени ривали на неговата семоќ во Чаир и ДУИ. Генезата на скарадноста на медиумската вулгарност, умисленост, фалбаџиство на Груби единствено може да се разбере кога ќе се стави во паралела со постизборната фалшлива триумфалана речитост на Меџити. Оттаму, бескомпромисната жестина во пресметката помеѓу нив двајца не се должи на дијаметрално спротивни карактери и концепти, туку на непомирливост на идентичности од истата школа на чаирски фолиранти.
Арсим Зеколи, Дојче веле, 23.05.24.
Мито Хаџивасилев Јасмин, Владо Малески Тале, Димитар Митрев, Славко, Блаже... и други.