ГЛАСНО! Уличен фестивал

18.08.2011 10:43
Гласно! Уличен фестивал

Младински образовен форум и Радио МОФ ве покануваат да присуствувате на ГЛАСНО! Уличен фестивал, во сабота (20-ти август) во Паркот на поезијата - Струга, од 18 до 01 часот.

Водени од недостатокот на простор и начин младите културно да се изразат,овој фестивал ќе им понуди простор и промовирање на младите уметници и прикажување на алтернативна култура. Преку уметнички дела, графити, јавни говори и инсталации младите луѓе ќе го изразат својот став и мислење и ќе ја промовираат слободата на изразување.

Почетокот на фестивалот ќe го означи изведба на уличен перформанс точно во 18 часот на улиците во централнотострушко градско подрачје.

На фестивалот свој ДЈ перформанс ќе имаат познатите Robotek и Lephonq како и 7 локални бендови (Storm, No name band, Surprise acoustic band, Мартина и Деспина, Нешто едноставно, Dynamic duo, Dream Control).

Покрај музичката компонента на уличниот фестивал ќе се претстават млади уметници и фотографи, рачно изработени предмети, инсталации, графити, портрети и локални младински невладини организации.

ГЛАСНО! Уличниот фестивал е финална активност на МОФ Летната академија 2011 на која 150 млади од 14 градови од Македонија низ различни работилници за дебата, аудио и видео активизам, граѓанско новинарство, изведбени уметности и перформанс ќе градат вештини и ќе промовираат слобода на изразување. Финалните производи од нивната седумдневна работа ќе бидат изложени на ГЛАСНО! Уличниот фестивал.

Наскоро ќе биде објавен и целосниот распоред на изведувачи, останете закачени на radiomof.mk за повеќе информации.

Медиумски покровители: Метрополис радио, Радио Play – Струга

Гласно! Уличен фестивал е поддржан од Општина Струга.

МОФ Летната академија и Гласно! Уличен фестивал се организирани во рамките на проектите „Локална младинска иницијатива“ и „Младинска независност“ финансирани од Фондација отворено општество – Македонија.