Журка во божји храм

17.11.2011 16:21
Журка во божји храм

Симон Клемењак првин изведува неколку улични денс движења, потоа ги крева рацете во воздух за дополнително да ја возбуди толпата и, проследен со техно ритам, почнува да пее пред олтарот на Црквата на сите светци во Стокхолм.

Наместо тивка молитва и тивки црковни песни, верниците во црквата играат во стилот на рејв при техно звуците и светлосните ласери на неделната „техно миса“, која повеќе наликува на некој диско клуб одошто на служба во Лутеранската црква.

„Навистина неверојатно чувство“, вели екстатичниот Клемењак (21) по изведувањето на својата песна „Не оставај ме“, која ја компонираа младите во црквата која, пак, се наоѓа во населбата Содермалм.

Вака изгледа последниот обид на шведската Лутеранска црква да ги привлече младите верници во земјата каде што бројот на присутни на традиционалните миси опаѓа со десетлетија.

Оли Идестром ја организираше мисата по вторпат и вели дека одзивот главно е позитивен.

„Веќе постои хип-хоп миса, како и нејзини рок и џез варијанти“, вели овој 28-годишен свештеник. „Но, главно сакаме да играме при клупска музика, така што тоа е природниот избор.“

Уморен од традиционалните неделни богослужби во кои голем број столчиња остануваат празни, Идестром во април годинава решил да ги привлече верниците со првата техно миса. И, судејќи според сè, овој пристап функционира меѓу младите Швеѓани.

Во петоците навечер постои слободен термин во црквата, која во нормални услови прима 400 лица. Службата започна со традиционална музика проследена од хор, но набрзо потоа почна да одекнува моќниот техно ритам кој беше дочекан со ракоплескање, извици и крици на воодушевување.

Луѓето скокнаа на нозе и заиграа пред своите седишта додека диско топката ги шараше украсените црковни ѕидови и таван.

„Беше супер забавно, навистина откачија. Не мислев дека ќе биде толку добро пред да дојдам“, вели Ела Шварц (15). „Црквата не е место што ме привлекува, но после оваа миса ми се чини како одлично нешто“, додава таа.

Адвокатката Катарина Хогман (46) вели дека била воодушевена од оваа замисла и смета дека е добро за црквата да стори нешто фино за младите луѓе.

Последниве 10 години членството во шведската Лутеранска црква опадна за 13%, а присуството на редовните неделни богослужби се преполови на 4,6 милиони посети минатата година, што го загрижи свештенството.

Црквата во Шведска е многу напредна. Во 1958 г. ги прими првите женски свештеници меѓу своите редови, а пред две години го претстави и првиот геј бискуп, Ева Бруне, и на свештенството му даде право да венча истополови двојки. Идестром наведува дека модерната миса е само нов чекор во нивниот прогресивен пат кон придобивање на верниците.

„Луѓето велат дека ова е токму она што ѝ беше поребно на Шведската црква“, вели тој. „Треба да развиеме служби за помладите поколенија кои го сакаат овој вид музика.“

Меѓутоа, не се сите среќни поради забавувањето во божјиот храм.

„Постојат повеќе од доволно места за забава во градот кои ги покриваат сите вкусови. Ајде да ја оставиме црквата да биде место на мирен котакт со духовноста“, вели Дан Карелиусон, претставник на националистичката Шведска демократска партија.

Пар Сандберг, портпарол на стокхолмската бискупија, вели дека конгрегацијата независно ги извршува сите свои активности и дека ставовите се разликуваат и во рамки на самата шведска Лутеранска црква.

„Ние сме демократска народна црква, и тоа е поразлично од, на пример, Католичката, каде што се почитуваат други правила“, вели тој. „Можеби постојат такви кои не би одржале техно миса, но од друга страна имаме и цркви кои организираат т.н. пустински миси, што е карактеристика на коптската традиција“, додава.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото