Кога истражувањето ќе стане милитантно

24.11.2011 13:52
Кога истражувањето ќе стане милитантно

Observatorio Metropolitano (ОМ) е место на средба на петнаесетина лица ангажирани во различни општествени движења и колективи, кои се ангажирани во борба за социјалните права на општествените групи. Нивно заедничко поле на работа е следењето на урбаните трансформации на градот Мадрид. Собираат податоци и ѝ ги прикажуваат на јавноста за истите да станат конкретни аргументи на разните општествени движења кои го критикуваат сегашниот модел на развој не само на Мадрид туку и на градовите воопшто.

Работата на ОМ може да се опише како милитантно истражување. Под тоа подразбираме учество во политичките, општествените и културните процеси со намера да се менуваат истите. Главното прашање кое си го поставува милитантниот истражувач е: „Зошто дејствуваме?“ Во нашиот случај, одговорот е едноставен – сакаме да ги промениме условите за живот во Мадрид.

За да го започнеме нашето заедничко милитантно истражување, првин требаше да создадеме заеднички јазик, а првиот чекор кон тоа беше размената на различни знаења и различните начини на работење. Еден од најтешките чекори во рамки на групата е да се сфати разликата меѓу средствата за работа со кои се користат различните дисциплини. На пример, на почетокот на истражувањето се формираа две групи кои сметаа дека собирањето што е можно поголем број податоци е клучно за разбирање на градот, па ја поттикнуваа работата на анкети, статистики, табели итн. Меѓутоа, постоеја и такви кои за поважни ги сметаа учеството на изградбата на мрежа и односи и инсистираа на теренска работа, низ разговори, интервјуа, активно учество во заедницата, дружење со учесниците во процесот итн. Иако беше тешко да се започне истражување со јасно спротивставени ставови, сепак успеавме да најдеме заеднички јазик и да ги ускладиме овие два пристапа. Токму со меѓусебна размена на знаења тие разлики станаа конструктивни и се надополнуваа една со друга, па така, макроистражувањата, засновани на собирање податоци, беа спроведувани напоредно со истражувањата на микроодносите, засновани на субјективните искуства.

По усогласувањето на различните искуства и меѓусебното образование успеавме да оформиме опсерваторија, како што ја нарекуваме, чија функција е истражување и расправа за урбаните промени во Мадрид, како и дефинирање на алатот за работа во овој град. Таквата дефиниција на дејствувањето нè доведе до идејата нашиот начин на работа да го дефинираме како милитантно истражување.

Основи на милитантното истражување

Основите на милитантното истражување лежат во примената на знаењето, односно, во критиката на неутралното знаење, и во колективното истражување. Додека традиционалната позиција на истражувачот беше неутрална и дистанцирана од темата на истражување, по феминистичките и постколонијалните анализи стана очигледно дека истражувачот е иманентен кон темата што ја истражува. Тој има своја позиција во општеството и е вмешан во општествените односи, и јасно е дека таа позиција влијае на тезите кои ги применува, на податоците што ги собира и на начинот на кој ги обработува тие податоци, како и на начинот на кој го разменува своето истражувачко искуство со останатите. Со други зборови, неговото знаење не е неутрално.

Знаењето се создава низ личната позиција на истражувачот, сместено е во нашето искуство и во склад со тоа го одразува нашиот став. Истражувачот мора да ги освести можните примени на своето истражување, а не да ги одрекува. Втората основна поставка на милитантното истражување е дека ова истражување е колективно. Праксата на колективното истражување ги вреднува знаењата од маргината кои произлегле од личното искуство, непослушноста и отпорот на малцинските групи. Тие знаења не се само податок за некој настан, туку содржат и очекување на вмешаните, како и насоки за идно дејствување. На тој начин, маргинализираното знаење само по себе е насочено кон промени на сегашната структура на моќ.

Анализа на моќта и анализа на отпорот

Кога му пристапуваме на истражувањето, на ваков начин разликуваме два основни вида анализа: анализа на моќта и анализа на отпорот. Иако анализата на моќта и анализата на отпорот претставуваат две полиња на анализата, овие полиња се испреплетуваат во праксата и се надоврзуваат едно врз друго. Анализата на моќта ни служи за да ги лоцираме нејзините центри на управување и акумулација на добрата, што значи да се проучуваат економските и урбаните макротрансформации. Анализирајќи ја моќта го проучуваме општествениот и техничкиот состав на работната сила, како и условите во кои се наоѓа таа, начините на управување со населението и алатите со кои структурите на моќ се користат за производство на субјективитет. Вториот вид анализа – анализата на отпорот – ни служи за да создадеме колективна слика за разните градски движења и групи, како и да им придадеме важност на нивните гледишта и нивното моментално маргинализирано знаење. Преплетувајќи го отпорот на градските движења со начинот на кој економските, политичките и субјективните сфери се испреплетуваат во одредени сектори, можно е да се лоцираат местата на судири и да се замислат нови облици на дејствување, како и здружување.

Мадрид – збир на сите нас?

Како што веќе наведовме, истражувачите вклучено во работата на ОМ се дел од разни активистички мрежи. Таа позиција ни овозможува пристап до знаење со кое можеме да го унапредиме нашето политичко дејствување и да создадеме поширока перцепција на реалноста која не ја прават само макропромените во градот туку и самите проблеми и желбите на нашите сограѓани. Вмрежената работа ни дава можност да се користиме со „нашето“ знаење за да ги засилиме општествените движења, како и со „знаењето на другите“ кое создава стратегии на колективни акции.

Она што произлезе од нашите истражувања се развиваше во два дела. Првиот дел од истражувањата опфаќаше организирање работилници со надворешни соработници чија цел беше размена на технички и стручни знаења за градот. По низата специјализирани работилници, издадовме книга од 700 страници со наслов „Madrid – la suma de todos?“ (Мадрид – збир од сите нас?). Во книгата сакавме да истражиме дали навистина Мадрид е составен од збирот на сите нас, граѓаните. Темата на книгата е ситуацијата која ја живееме во градот, прикажана низ различни мерила, од големото мерило на организацијата на градските територии и економијата до поткултурите, доселениците, внатрешните граници, различните соседства, вклучувајќи и дел од историјата на локалните движења на отпор во Мадирд. Собраните информации се обидовме да ги прикажеме преку неколку мапи кои се дел од поширок картографски проект, кој е сè уште во тек.

Мапирање на конфликтот

Во мапите се прикажани различни слоеви информации. На пример, на мапата наречена „Мадрид станува глобален“, изведена врз основа на влијанието на глобалниот финансиски пазар на територијата на градот, прикажани се седиштата на мултинационалните корпорации и тековите кои го прават Мадрид глобална метропола. На следната мапа се прикажани новите развојни планови за Мадрид, инфраструктурата, игралиштата за голф, затворените станбени зони, но и општествените центри, отпорите и управувањето со градот.

Една од мапите прикажува дијагонална поделба на териториите на Мадрид на две зони: југоисточна, со ниски цени на станбен простор, во која се наоѓаат индустриските зони и градските депонии, и северозападна, со високи цени на станбениот простор, со приватни универзитети, болници и квалитетно животно опкружување. Следната мапа прикажува преклопувачки информации за концентрација на доселеничкото население со податоци за висината на станарината, нискиот стандард на домување и локациите на организациите кои работат со имигрантите. Интересно е дека имигрантите не се населуваат во областите во кои станарината е ниска, туку во оние со лош квалитет на домување. Последната мапа во книгата ги прикажува сите движења на отпорот во Мадрид.

Воспоставување на комуната

Нашиот последен труд се нарекува „Манифест за Мадрид“, и се занимава со прашањата на домувањето, јавниот простор, јавните управи и околината. Бидејќи властите во Мадрид моментално спроведуваат забрзана приватизација на јавниот простор, домувањето, јавните служби и природните ресурси, како, на пример, водоснабдувањето, создавајќи со тоа сериозни проблеми во поглед на нивна достапност, за нас оваа тема е од голема важност. Нашата цел е следната година да го прошириме подрачјето на борба, бидејќи заедничка точка на сите поединечни отпори е повторното воспоставување на категоријата заедничко, т.е. комуната.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.observatoriometropolitano.org

ОкоБоли главаВицФото