Пролет над бандерата (1)

25.03.2012 12:25
Пролет над бандерата

Пролет над бандерата

Фиуууууууу –
хеликоптер над бандера.
Сите главите горе, небаре паѓа.

Летките се сега флаери
и еден куп џукели сега се фраери.
Не ги џиткаат од авион но гостуваат во весниците
(пред да си го најдат местото во контејнерите).

„Еј, глеј, пак нешто пролета –
се извинувам, вие ли сте пролетта –
шарена, модерна, провокативна и неодговорна?“

„Дај не ме зезај, гледаш дека брзам,
ко цвеќуле преку ноќ процветувам,
тинејџерка сум и наскоро ќе ме скинат.“

А потоа вечното прашање: во која кафеана?
Оваа била излитена, онаа божем извикана,
а нема врска, кафеана ти е ко жена неверна.

Саксиите се повторно на балконите
„Еј, дечки, ќе ти испаднат куртоните!“
„Ма нека паѓаат, со нив нови идеи не се раѓаат.“

Љубовта како темпирана бомба,
и нормално, би сакале да експлодира.
Без разлика што остава трајни последици
(врз станот, врз креветот, врз ставата, врз бравата).

Фиуууууууу,
хеликоптерот е сега над топола,
над него нормално небо и сонце во фолија.

А би требало да бидам задоволен

Жив сум, се движам, се тркалам.
Лабораториските наоди велат дека
само сообраќајка може да ме обезживи.
Покрај толку бескуќници имам свој дом.
Не ме стрефила ниту една војна а
глобалното затоплување ме погаѓа
исто колку и Бил Гејтс.
Покрај толку неписмени сограѓани,
јас дури пишувам и книги.
Имам пристојна работа за каква сонуваат
повеќето вработени.
Прекрасно семејство, а еден куп мои врсници
сè уште гувеат во скутовите на родителите.
Знам наутро да станам прв и да бидам
неочекувано вреден.
Понекогаш се осмелувам да кажам нешто
паметно – пред академици и пред денгуби.
Ноќе, кога сите ќе заспијат, ги вардам
цвеќињата, вискито и мојата најмила.
Знам да се радувам, мојата гласна насмевка
може да го насмее целото маало.
Сум бил заљубен, сум љубел и љубам.
Килограми љубов излетале од мене.
Ситни задоволства, занеси. Сè уште
се залетувам како дете, и сè, ама баш сè,
ми досадува побрзо отколку на дете.
Но цело време како нешто да ми фали.
Нешто силно што ќе ме продрма или нешто
силно што само ќе ме цивне.
Нешто што до сега не ми се случило.
(Само не она што не ќе можам
да му го прераскажам
на ниту еден жив).


Правосмукалка

Смотан влекач со глава на кобра
и со апетит на питон,

ги меле остатоците од нашето распаѓање
со желудник на морско куче.

Нејзиното брмчење му пречи на домаќинот
(но тој и така не е дома).

Електрична метла што вештерките
ја јаваат кога не смукаат нешто друго.

(Може да ги исчисти дури и валканиците
од вашата смрдлива душа.)

Како и да е, си ја знае работата.

Малку е кабеста но плакарот ја прибира,
малку е незгодна но ѓубрето го збира.

Многу сакам да ја гледам жена ми
кога ракува со неа,
особено ако е гола.

 

Остави ја светлоста надвор
На Нацевска-Ивановска

Остави ја светлоста надвор.
Денот нека си оди од каде што дошол.
Ќе седиме сè до последното догорче
и до првите зраци темнина.
Вино имаме кадата да ја наполниме.
Ce bella e luna – ќе се надлајуваме
дури кога џиновскиот златник ќе му ја
зголеми цената на небото бисерно.
Сонцето знае да биде толку безобзирно,
Сонцето не е ни толку важно.
Потпри се на мене од која било страна.
Моето срце е закачалка полна со пропаднати личности
но е крајно несебично кога е крвта во прашање.
Остави ја таа упорна светлост надвор.
Ќе лежиме сè додека имаме грбови
(и еден ни е доволен),
сè додека тушот не нè одлепи.
А потоа ќе се облечеме и ќе стоиме
меѓу песот и волкот,
и ќе чекаме вечерта да ни тропне на врата
и ќе ù дозволиме да нè поведе со себе,
онаму каде што ни е местото,
во мигот веќе одживеан,
во минатите животи,
овде и сега –
којзнае?


Скопска

Здрма силен земјотрес
(полноќен и летен)
и ги исплаши луѓето.
Ништо не урна
но ги растревожи луѓето.
И сите излегоа надвор –
пижамести, разголени,
поспани, разбушавени.
Соседи кои одвај се
поздравуваа,
соседи кои се немаа
видено со месеци.
Се групираа, коментираа,
се качуваа по Меркалиевата скала,
слегуваа по Рихтеровата скала.
Еден скришум се качи по скали
и донесе шише ракија.
Се опуштија, сe расприкажаа
и до сабајле
гласно се смееја.

Да пишуваш поезија

Да пишуваш поезија
на крајот на овој век
е како да имаш отворено
казанџиски дуќан во Ристиќева
или пак како да продаваш
резервни делови од Аполо ракети
во некое село во тетовско.

Да пишуваш поезија
во ова жестоко време
е како да бараш потонато благо
од некоја средновековна
шпанска, кралска галија
во длабочините на реката Вардар,
како да патуваш со лунарно возило
во вселенските пештери на Матка.

Да пишуваш поезија
во ова болно време
е како да одгледуваш авокадо
на некој балкон во Кисела вода
или како да проектираш план за метро
наменет за некое напуштено мијачко село.

Да пишуваш поезија
блиску до крајот на светот
е како да пишуваш на свеќа
со дебело гускино перо
во централата на Microsoft
во Richmond
или како да шеташ секојдневно
во скопската зоолошка градина.

Да пишуваш поезија
во оваа малигна средина
(каде има повеќе поети од читатели),
доколку не си манекен или мафијаш,
извикана нула или лажна вредност,
е бесмислена залудна работа.
Тоа е како да го свириш Шопен
на некоја масовна селска свадба.

Да пишуваш поезија,
всушност, и не е толку лоша работа.
Не мора да имаш ни мадиња,
ни срце, ни знаење, ни душа.
Треба да не знаеш што со себе,
треба да немаш попаметна работа,
треба да заеш дека од тоа (фала богу)
и нема попаметна работа.

(продолжува)

Јовица Ивановски (1961, Скопје) до сега има објавено девет збирки поезија: Зошто мене таков џигер (1995), Градот е полн со тебе (1997),Чуден некој сончев ден (1999), Три напред, три назад (2004), Двоен албум (Во сенката на билбордот и Сладолед во недоглед, 2005), Стремеж за дремеж (2007), Ветер и магла (2009) и Со сламка во уста (2011). Негова поезија е објавувана во периодиката и во две антологии на македонската поезија (во Белгија и Австралија).

Избори од поезијата: Open the Window and Let the City Breath a Little (на англиски, 2002) и Избрани песни (на македонски и англиски, 2002), Деновиве ако не и утре (на македонски и англиски, 2009).

Слики: Daniel Jesse Lewis

Линк до вториот дел: Пролет над бандерата (2)

Линк до третиот дел: Пролет над бандерата (3)

Прекрасно :)

Прекрасно :)

ОкоБоли главаВицФото