Ова и она Сараево

09.04.2012 14:12
Ова и она Сараево

Би било убаво овие денови никој и никаде да не каже како повеќе го „нема она Сараево“ и „дека ова Сараево повеќе не е тоа“. Па, колку и да биле во право.

Вистина е дека го нема „она Сараево“. Ниту може да го има. Убиено е со преку единаесетте илјади загинати Сараевчани, рането со преку педесет илјади од нив, разурнато со околу половина милион гранати истрелани за време на опсадата. Доколку над Сараево секој ден паѓаа триста чоколади во просек, од пролетта 1992 до пред крајот на 1995 г., градот немаше да биде ист како „она Сараево“: иако неговите 250.000 жители – колку што, според некои проценки, го дочекаа крајот на војната во престолнината – ќе имаа покачен шеќер во крвта. Доколу над единаесетте илјади луѓе останеа без својот мал прст, а педесет илјади добиеја воспаление на уши, и тие ќе се променеа заедно со нивното Сараево.

Над Сараево кое повеќе го нема, не плачат, секако, оние што би биле најсреќни да го нема ни ова. За „она Сарајево“ воздивнува светот на кој најважни спомени од претпоследната деценија на минатиот век му беа токму сараевските, макар што во градот, сѐ на сѐ, биле помалку од два месеци. Во поранешна Југославија, во секој сериозен град од Љубљана до Скопје, има некој кој има свое Сараево, па дошол да го бара после војната, 1997 или 2007, сеедно. Не наоѓајќи го, се вратил дома како без малку душа. Тоа е човечки, ама не е праведно кон Сараево да не се види она денешното. Големиот град се сместил покрај реката Миљацка и во него нема ниту може да има – едно Сараево. Така е сега и така било порано, само што во тие времиња гласни биле оние што денес тешко, или воопшто не можат да се слушнат.

„Да го сакате Сараево е како да сакате жена со скршена кичма. Заздравување е можно, но сите знаат дека ќе биде тешко и болно“, напиша Александар Хемон, најпознатиот американски писател од Сараево. Токму така е: истото лице, истите очи, истата коса, а бе сѐ е исто, само... Само што треба да бидеш тешко ѓубре, па да не се надеваш дека, кога кичмата ќе задрави, жената ќе биде поубава од кога било. А тоа што по заздравувањето на некого ќе му остане подрага онаа од пред скршеницата, тоа не е до неа, туку до изневерените очекувања. Носталгијата е најпрвин жал за времето во кое, како што вели еден рок музичар, живот се чинел како шведска маса.

И кога не им се случуваат несреќи, градовите се менуваат. Никогаш нема да знаеме какво ќе беше денешно Сарајево доколку пред дваесет години не започнеше опсадата долга 1.335 (ебате, мачно е и да изброиш до илјада триста триесет и пет) дена. Војната е како вода: гомната пливаат по површина – златото паѓа долу. Сараево во тие 1.335 дена беше на дно. Гомната беа околу него. Тоа што нечистотиите останаа долу – па се фрлаа луѓе во Казан, се тепаа затворениците и се ослободуваа продавниците од мешовитата стока... – е страшно, ама не е нешто што не може да се измие, ако веќе и не се измило. Сараево, она подобро Сараево, всушност, се соочи со најлошото од себе многу пред и многу повеќе од оние што го осудија на смрт.

Овде за живот отсекогаш биле потребни очила, поетски, сонувачки, романтични и носталгични, за да го направат прифатлив и смисловен. Без тие очила, градот не е многу повеќе од работнички квартови од деветнаесеттиот век, море од ниски четвороаголни станбени блокови и сивите столбови на историските згради. А речиси пред секоја од тие историски згради загинал некој херој“, наводно не е опис на Сараево – пред сè, тоа е зголемен работнички кварт од предминатиот век – туку на Даблин. Има, меѓутоа, нешто во претходниот цитат што и е сараевско. Не се тоа зградите, историските и оние другите, покрај кој загинал по некој херој, најчесто некој незнаен јунак на убиениот и неубиениот град, туку очилата низ кои животот изгледа смешно и прифатливо. Да ги отстраниш нив значи да не видиш ниту едно Сараево како што треба. Ниту „она“, ниту ова кое има илјада мани, но сѐ уште е живо, а додека е така има смисла да се сонува: не дека ќе биде исто како порано – затоа што нема – туку дека може да биде подобро.

Да критикуваш дека сѐ што е во ова, единствено Сараево кое постои, наопаку – а нема што не е, од влезот во трамвај на погрешна врата, преку општествениот подем на оние што при секое излегување од куќата ја загадуваат околината, до бегството на неговите најдобри жители во херметички затворени микро светови – значи да се даде шанса (денеска можеби на малцинското) Сараево да подигне невидлив и вечен споменик на град кој, поради она што го преживеал – како што вели веќе споменатиот Хемон – никому не му должи ништо. Освен на самиот себе.

Сѐ додека постои шанса за заздравување, Сараево, без оглед на бројките што не го прават такво, ќе биде голем град. Поголем и од оние кои во него убија над 11.000 луѓе и оние кои денес се трудат ништо да не се промени, знаејќи дека за нив во новото Сараево нема да има место, како што ни порано немало во градот кој повеќе го нема. Долг е списокот на такви, но не е време да се споменува, за да не се загадат овие денови во кои човек не знае на што попрво да му се чуди: на она што му се случи на Сараево или на тоа дека Сараево, сепак, и покрај сѐ, сѐ уште го има. Не е, меѓутоа, краток ни именикот на сите оние поради кои, како што вели Абдулах Сидран, животот е прекраток за Сараево. Оние што ги чуваат сеќавањата на еден голем град, за новиот – оној што допрва треба да биде – да има со што да се мери.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото