Мантијашење

11.05.2012 11:07
Мантијашење

Македонското општество регресира, поточно тоне во поделбата по линија на етнички лојалности. Сега таа поделба е поткрепена и со религиозната корпоративност (GemeinSchaft) во едно општество на сентимент и на емоции наместо во општество на правда низ право и процедури, т.е. во граѓанско општество.

Македонците сега се дефинираат како ортодоксни христијани (?), тое е одредувачко начело (?), или како верници или дури „вистински“ верници. А атеизмот се прогласува за грев на граница на злосторство (и како таков треба да се стигматизира или гони). Неортодоксните христијани-Македонци се залутани овци-чеда инородни (и се на граница на презир). А муслиманите се „significant other“, Другиот, другоста сама, во која се проектирани стравот, желбата, нагонот и стереотипот за злото (или според зборовите на Лакан: фасцинацијата со другиот, вишокот уживање кое тој евентуално го содржи, jouissance – и зависта по него!).

Тоа е матрицата која ни се врати на голема врата со етно-национализмот на ДПМНЕ и неговото поврзување на неуставен начин со црквата. Таа симбиоза на божем слабите и жртвите сетики ја загрозува државата, и тоа мошне сериозно (бидејќи траумите на мнозинството се главна опасност за државата).

Но тоа, сепак, е најидиотската идеологија што во Македонија се развила (погледната сама по себе и низ принципите врз кои е заснована). Таа идеологија воедно се претвори во вртлог во кој очајно пропаѓаат македонската малограѓанска интелигенција и нејзините корифеи! Со ова последново ке се бавиме малку подетално, драги мои!

Во Македонија денес не може ни да се замисли да се извика ослободувачката теза на Дидро и на Француската револуција: последниот верски владател треба да се задави со цревата на последниот архиепископ! Тоа, според корифејот на македонската малограѓанска интелигенција и неговиот редимејд крими профил, би било разоткривање на убиецот-атеист во подготовка!

„Плевел во душата“ би носел, секако, Дерида со тезата дека не знае да одговори на прашањето дали е атеист, оти тој се моли и го преиспитува секој миг, па и мигот во кој одговара на прашањето за верата... Секој голем мистик е и атеист во исто време и во секој миг одново, а вистинските верници секогаш биле во ризик да бидат радикални атеисти, вели Дерида!

Инаку, Ксенофонт (пред Платон со неговиот антропоморфизам на боговите) го сметаат за „изумител на атеизмот“ и прв носител на „плевел во душата“. Атеизмот е суштествена културолошка инвенција на нашата култура, на „Западот“, извикува Жан Лик Нанси и смета дека атеизмот е единствениот можен ЕТОС на субјектот (во неговата врска со индивидуализмот, слободата, демократијата)!

Но како тоа да му го приопштите и објасните на македонскиот академски СИСОЈЕ?

Како да му објасните дека Лакан ја дефинира потребата за верување како суштествена на човековата субјективност, како несвесното–друго во форма на фетишизирано одрекување (знам дека го нема, но сепак верувам во него) и дека тогаш атеизмот не е нулта позиција на верувањето (опозиција), туку негова форма. Или дека Хајдегер целата своја теза во „Битието и времето“ ја гради врз атеистичка премиса – човечката егзистенција е фрлена во контигентност, со смртта како конечна можност! Тој „вишок уживање“ животот на човекот го прави живот со саморефлексија, аутопоезис (Варела, Матуран) или живот со СМИСЛА.

Како да му објасните на фарисејот локален дека неговите „трошки уживање“ (lichettes, Лакан) при упикувањето (после конвертирањето) во дебелите газови на црковните превасходства се погубни за македонската културна сцена каде што фарисејот ломоти, а каде со лажичка се мерат индивидуалните чинови на отпор кон мракобесието на колективистичкиот-зулу-македонец (со мало м).

Како да побарате плевел во душите и опусите на француските просветители, а пред нив кај чедата на хуманизмот, па и кај оние по нив, кај Декарт, Лајбниц, Спиноза, Холбах, Волтер, Ниче и Фоербах, целата линија на вистинската основа на западната цивилизација која го подразбира атеистичкото преиспитување на Бога, како и филозофскиот и научниот сомнеж? Всушност, историјата на Господ во западната цивилизација е еден долг процес на судење кој го воспоставува атеизмот за изнаоѓање на „доказот“, на верувањето. Таа дебата е конститутивна за таа цивилизација!

Сурфајки на БРАНОТ на црковно-државното инцестно партнерство и давајќи му легитимност, ширејќи ја со збор тезата дека само вистинскиот верник е доблест (нешто како: само социјалистот е човек, теза на еден негов колега), фарисејот-Сисоје ѝ задава удар на вистинската етика на творештвото и слободата и не му е гајле за тоа. Лупетајќи за „доблестите“ на атеизмот фарисејот покажува незнаење што навредува! И глорификувајќи ги „вистинските верници“ тој ги покрива најгрозоморните убивања на иноверните во име на „вистинската вера“ направени во историјата (а нив ги има, верувајте, бескрајно повеќе од злоделата на атеистите, заклучно со палењето на вештерките за кои и Сисоје нешто збори – тотално неавтентично, од овој агол погледнато).

Слика: Свирачиња

Извор: дневен Фокус, 08.05.12.

секуларисти агностици атеисти

секуларисти
агностици
атеисти

три различни правци и под категории.

адендум на текстот.
поздрав во лошо.

Е некој требаше да му го

Е некој требаше да му го плесне на ловецот на атеисти и вештерки што глуми независна интелктуала веќе толку години, а коленичи пред сите носители на моќ (тука не мислам на коленичење пред Бога).
Фала ти Боже што сум атеист!

Како да му објасниме на

Како да му објасниме на локалниот фарисеј дека ти организираше промена на името од високоинтелектуални и морални, дури и философски побуди?

ОкоБоли главаВицФото