(Не)вистина

18.05.2012 10:48
(Не)вистина

Возрасните често гледаат во чудо кога ќе им кажам дека децата никогаш не лажат. Децата само го кажуваат она што возрасните сакаат да го чујат, особено кога нема кој да ги слушне, или кога недостасува чувствителноста за темите кои на детето му се важни. Детската лага тогаш прераснува во вистинска креација, досетливо негирање на фактите, бегство од реалноста, но и простор за безбедно патување низ светот на фантазијата, без ограничувања и закани. Зошто за детето, единственото нешто по што трага и копнее, по цената и да биде „откриено“, е да биде забележано и прифатено. Затоа тоа избира да не ја кажува вистината, секогаш кога таа станува закана по неговата сигурност и опстанок.

Ако тоа така го видиме, во детските лаги можеме да ја препознаеме силната развојна компонента, што ги води напред. Детската измислица ни ја открива трогателно чистата и јасна перспектива на детскиот израз за тоа „колку сум добар/а“, и „јас можам“, секаде каде што за возрасниот нема доволно „убедливи“ докази за тоа. И тука нема скриени намери, нема подлост и манипулации, ништо од она што вообичаено го препознаваме во детските лаги, кога моралистички инсистираме на вистината. Сосема несвесни дека „задните намери“ се всушност во нашите редови, заедно со стравот и недовербата со кои мислиме дека добро ги воспитуваме децата, кога не им веруваме.

Но децата учат, и подобро и побргу од сите други научуваат, дека ни возрасните не умеат да се носат со вистината, и дека таа може да биде уште поопасна, не само по нив, туку и по сите останати. И дека е затоа многу подобро и побезбедно таа да се избегнува, да не се кажува отворено, дури и сосема да се извртува. Од постапките на возрасните децата учат дека се на добар пат кога измислуваат, но дека лагата не е само прашање на инспирација, туку дека таа сериозно и доследно мора да се гради и негува, не само во самоодбрана, туку и за контра-напад и во одбрана и од самата „ВИСТИНА“. Децата научуваат дека и правото „да се излаже“ им припаѓа на возрасните, кои со тоа стануваат најлегитимните креатори на „вистината“.

Во тој опасен развоен тренд автентичната вистина почнува да губи на силата, се разводнува и обезвреднува пред напливот на секакви и сечии, непроверени и недокажани вистини. Ја губи битката во прегратките на вистинољупците, за да го отстапи заслуженото место на сомнежот и недовербата, кои сè повеќе земаат замав, прво кон другиот, а потоа и кон сè друго, и кон самите себе. Сомнежот и недовербата го разјадуваат ткивото, почнувајќи симболично од утробата, за потоа да ги окупираат мислите, и соништата, и сеќавањата. Роварат и бараат каде да се засолнат и вдомат, во исчекување на одговорите што ќе важат, и можеби ќе потраат, но тие се сè понејасни и понепостојани.

Вознемирувачки слики и прикази на недоречени, извитоперени, или сосема измислени стории, сите без вистинската завршница – атентати, убиства, несреќи, егзекуции, прогони и протести на конкретни и невини луѓе, се трупаат едно преку друго. Со бескрајни прашања, без одговори. Крвавиот данок на лагата во сенката на „бескрајните игри со вистината“ одамна веќе се наплатува од контото на нашите животи, и ние тоа го гледаме, речиси без да трепнеме. Зошто и по чија наредба беа егзекутирани децата и рибарот кај Смилковското езеро? Заради што умре момчето Мартин Нешковски? Како падна хеликоптерот на АРМ? Зошто беа убиени емигрантите кај Раштански лозја? Каде исчезнаа киднапираните цивили за време на конфликтот? Зошто падна авионот на претседателот? Кој сакаше да го убие Глигоров? КОЈ НÈ ДРЖИ НА НИШАН СИТЕ НАС, ВО МАКЕДОНИЈА? Не е белки самите тоа да си го правиме себеси во сите овие дваесет години? Ако е така, зошто одеднаш не завршиме со тоа? Затоа што ја немаме вистината.

Како обезглавени, не знаеме ни што сакаме, ни што да мислиме, ни каде да се свртиме и кому да се обратиме, за да ги побараме и пронајдеме добрите, вистински одговори на толку човечки прашања, кои нè засегаат сите.

Но, дојде времето кога ништо веќе не може да ја замени потребата да се дознае вистината. Таа стана основниот претпоставка на нашиот опстанок, како воздухот што го дишеме. Дотаму сме дојдени. Но, види ужас. Ние не знаеме како до неа. Никаде не сме учеле и никогаш не сме научиле каде да ја бараме и како да ја најдеме, уште помалку како да ја негуваме и почитуваме. Никогаш отворено не сме ја проблематизирале. Лагата и празноверието од секогаш ни биле поблиски, биле нашата главна преокупација. И како сега со тоа да се справиме, како да се помириме со моментот кога на сите ни станува јасно дека ни нема спас, ниту некогаш ќе најдеме мир, ако не дознаеме прецизно точно, и што поскоро: КОЈ И ЗОШТО ГИ ПОСТРОИ МЛАДИТЕ КРАЈ СМИЛКОВСКОТО ЕЗЕРО, ЗА КРВНИЧКИ ДА ГИ ЛИКВИДИРА?

И повторно, токму затоа е важно да РАЗБЕРЕМЕ дека децата никогаш не лажат. И дека кога не ја кажуваат вистината, тоа е затоа што ние возрасните одбиваме да ја прифатиме. Зошто полесно ни е кога сме излажани, отколку да бидеме „изневерени“ и „разочарани“. И во тоа е нашата најголема и единствена грешка. Клучот во битката за вистината е во наши раце и во нашето конечно созревање. Мораме да пораснеме, за да ги надминеме нашите панични стравови од вистината, кои така погрешно им ги пренесуваме на младите.

Мораме да почнеме да им веруваме на децата, дури и кога знаеме дека тие ја искривуваат вистината. Тоа е неопходно за тие да престанат да се бранат, и за да видат дека вистината не е опасна по нивниот опстанок. Само така ќе можат да го препознаат вистинското добро во себе, и грижата со која ги растеме, и безрезервната поддршка што им ја даваме, кога им веруваме. Само така тие ќе почнат да им веруваат на сопствените сетила и ум. За тие, а не ние, да ги доведат до вистината, која потоа самите ќе ја истражуваат и преиспитуваат, пред да ѝ поверуваат, без да се плашат од последиците. А ќе научат и како да ја почитуваат, и да ја бараат од другите. И како, со помош на вистината, да се носат и да ја менуваат стварноста, не бегајќи од неа. Само затоа треба да им веруваме. И затоа што денешниве деца мораат да пораснат поинаку, за отворено и смело да почнат да го истражуваат патот на ВИСТИНАТА, уште додека се млади. И без нас, кои во тоа не успеавме.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Теодора Ален

ОкоБоли главаВицФото