Соларна еротика (втор дел)

20.08.2009 15:58
xiaoqing-ding-drawings-1.jpg

Стравот од кастрација кај машката личност, потоа, желбата општеството да ги израмни сметките со силата која го оспорува и доведува во опасност им овозможува на мажите, кои обично се ѕидари на градови, нации, религии и царства, кодифицирање на сексуалноста.

Феминистичкиот кодекс на либидиналното убаво однесување од тој миг станува закон кој не смее да се прекрши и тоа преку чиста промоција на машката арбитрарност. Моќта на фалоцентризмот и стравот од кастрација.

Како да се елаборира, а потоа и да се објави тој кодекс? Со помош на религијата, еден извонреден помошник кога треба да се изгаси либидото. За да се врзе либидото за едно место, за да се ограничи, односно укине, Божјиот помошник – месијата, апостолот, свештеникот, папата, христијанскиот филозоф, имамот, рабинот, пасторот итн. – го прогласува телото за валкано, нечисто, а желбата за грешна, задоволството за валканица, жената – непоправлива за некој кој го става човекот на искушување, грешница. Потоа го објавува решението: интегрална апстиненција.

Бидејќи на одрекувањето од телесните задоволства се гледа како на нешто што се чини дека за цел го има духот, и бидејќи е поставена многу висока пречка за на кутриот ѓавол да му се влее вина што не е способен да се воздигне на висина на идеалот, привидно се покажува добронамерност и разбирање, и се предлага алтернатива. Ако целосното жртвување на телото остане недостижно, може да се согласиме (види великодушност!) на делумно жртвување: ќе биде доволна и семејната чистота. Неа ја допушта бракот. Погледнете ги внимателните проучувања на Св. Павле во разните Посланија.

Решението кое се наоѓа во повлекувањето е заслужно за тоа што во општеството – значи и видот – се попречува патот за неговите проекти: прифаќајќи ја сексуалноста само во рамките на семејството, моногамна, посветена низ христијанскиот брак, Павле и другите христијански теоретичари со овие прашања – црковни отци – на партнерите им оставаат (мал) маневарски простор и, пред сè, отвораат цела алеа репродукција на видот, значи, овековечување на човечката заедница со која управуваат актерите на таа идеологија на аскетски идеал.

Со тек на време пламенот на изворната страст слабее, потоа се гаси. Досада, повторување, затворање на желбата (битно слободарска и номадска) во ограничувачки облик на задоволство што се повторува и не го менува местото, го гаси либидото. Во семејството, каде времето најпрво им го посветува на децата и сопругот, жената умира кога во неа победата ќе ја однесат мајката на семејството и сопругата, кои ја исцрпуваат и ја трошат речиси целата нејзина енергија.

Испишана со јазикот на навиката и повторувањето, брачната сексуалност го сместува либидото во аполинијските оддели на уредениот семеен живот во кој поединецот исчезнува во корист на субјектот. Дионис умрел, и се воспоставила сексуална беда. Толку и така добро што поради општествената нужност, и морализаторските идеолошки пропаганди од сите видови, ропството станува доброволно и, што е дефиниција на оттуѓувањето, жртвата дури почнува да наоѓа задоволство во одрекувањето од себе.

За да ја укинеме сексуалната беда, мораме да завршиме со первертираните логики кои ја овозможуваат – желбата како недостаток; задоволството поврзано со исполнување на тој наводен недостаток во вид на стапување во пар, семејство кое повеќе не претставува природна нужност и претворено е во решение за либидото видено како проблем; промоцијата на моногамниот, верен пар кој секојдневно го дели истиот дом; жртвувањето на жените и женското во нив; децата како онтолошка вистина за љубовта на родителите. Работата на надминување на овие функции, општествено корисни и нужни, но фатални за поединците, придонесува за конструкција на спонтаниот ерос.

За почеток, да ги разделиме љубовта, сексуалноста и прокреацијата. Бидејќи христијанскиот морал ги меша овие три инстанци, обврзани сме да го сакаме партнерот во сексуалниот однос во намерата да направиме дете. Да додадеме дека таа личност не смее да биде во минлива врска, туку прописно оженет маж и исто толку прописно омажена жена! Во спротивно, тоа е грев.

Прогресот на обичајот заедно со прогресот на науката овозможуваат ефикасна контрола на плодноста благодарение на контрацепцијата. Очигледно, Црквата ја забранува, бидејќи таа го допушта првото револуционерно разделување: сексуалност поради задоволство без страв од зачеток доживеан како казна. Тоа е слободно располагање со своето либидо поради лудичките, а не нужно семејните комбинации. На законот на Нувир (за допуштање на контрацепцијата) да го додадеме законот Вејл кој овозможува доброволен прекин на бременоста. И во овој случај имаме автентична револуција.

Втор, исто така радикален, чекор може да го направи можната сексуалност без љубов која доаѓа со неа – ако љубовта ја дефинираме како чувство кое е прогласено за природната нужда да се нурне во сенка и да се прекрие со диспозитивот на верниот моногамен пар кој живее заедно. Разделувањето од љубовта не го исклучува постоењето на чувствата, приврзаност или нежност. Несакањето доживотна обврска во долготрајна врска не нè спречува да дадеме ветување за љубовна нежност. Сексуалниот однос не тежнее кон произведување последици во блиска или далечна иднина, туку кон целосно уживање во чистата сегашност, доживување на величествениот момент кој треба да се исцрпи сега и овде во неговиот најчист облик.

Нема потреба да се оптоварува сексуалниот однос со сериозност која a priori не постои. Меѓу бестијалната невиност, недоследностите на банализацијата преку размена и трансформација на сексуалниот чин во операција натопена со морализам има место за нова спонтана, блага и нежна интерсубјективност. Тешкиот ерос на традицијата го регулира односот преку нагонот на смртта и она што од него произлегува: неподвижност, застоеност, недостаток на инвентивност, повторување, ритуализирани навики без мозок и сето она што е ентропија. Спротивно на тоа, лесниот ерос, воден од нагонот за живот, сака движење, промена, номадство, акција, новитети, иницијатива. Веројатно во гробот ќе имаме доволно ништо за да и’ понудиме утеха на неподвижноста.

Конструирањето лесни еротски ситуации го дефинира првиот степен љубовна умешност достојна за името. Тоа имплицира создавање полиња од вибрации на атоми во кои лебдат ситни перцепции од симулакруми. Од Демокрит до современата невробиологија преку Епикур и Лукрециј само логиката на честиците може да ги разбие во парчиња фантазмите на платонските идеи за тоа прашање.

Определувањето за чист момент не го исклучува неговото удвојување. Повторувањето на моментите придонесува за создавање долготрајност: да не се почнува од крајот, да не се обложуваме на крајот на приказната, туку да конструираме дел по дел. Така моментот лесно може да се замисли како лабораторија на иднината, нејзин лонец за топење. Моментот не ја конструира целта сам по себе, туку архитектонскиот момент на можното движење.

Мојата дефиниција на самотништвото (целибат: неоженетост) не одговара со вообичаеното значење на брачната состојба. Во моите очи, самецот не живее нужно сам, без пријател или пријателка, без сопруг или сопруга, без постојан партнер. Според мене, пред сè, самец е оној кој, дури и ако се наоѓа во некоја приказна за која би се рекло дека е љубовна, го чува правото на своја слобода и го користи. Тој е фигура на некој кому независноста му е мила и кој ужива во својата суверена автономија. Договорот во кој влегува не е неограничен, туку со ограничено траење и може да се обновува, секако, но без никакви обврски.

Да се изградиш себе си како самечка машина во сопствениот однос во парот му допушта на поединецот што е можно повеќе да ја отстрани ентропијата на консупстанцијалното стапување во брак. За да ја избегнеме шемата на ништото, сè, ништо, многу, често карактеристично за лошото, никако или донекаде изградено живеење од ден за ден, туркано од секојдневието, со расклатени промашени приказни, ми се чини дека е привлечна конфигурација на ништо, сè, многу.

Ништо, сè, ништо го карактеризира доминантниот модел: постоиме одвоени, не знаеме еден за друг, се среќаваме, се препуштаме на природата на односите, другиот станува сè, повеќе од потребен, мерка на нашата борба, мерка на нашите мисли и егзистенција, смисла на животот, партнер во сè, и во најмалите детали, пред, откако ентропијата ќе го произведе својот ефект, да стане пречка, наметливко, товар, досаден, оној кој нè нервира и на крајот станува третиот кој треба да се исфрли – со помош на разделбата и насилството кое често ја следи – и повторно станува ништо, некое ништо во кое е содржана одредена омраза.

Диспозитивот на ништото, повеќе, многу, почнува од иста точка: две суштества не знаат за постоењето на другиот, се среќаваат, а потоа градат врз начелото на лесниот ерос. Оттогаш од ден на ден се елаборира позитивноста која го одредува она повеќе – повеќе борби, повеќе ширења, повеќе радости, повеќе стекнато спокојство. Кога цела низа од тие повеќе ќе допушти да се дојде до реален збир, се појавува многу и ја одредува врската како богата, сложена, елаборирана на номиналистички модел. Имено, не постои никаков друг закон освен законот за отсуство на закон: постојат само посебни случаи и потребата секој да гради според плановите кои одговараат на неговата идиосинкразија.

Самецот се движи во случај на вториов случај. Modus operandi на самечките постапки го отфрла претопувањето. Се гади од најавеното исчезнување на двајца луѓе во некој трет облик, трета сила која е сублимирана од љубовта. Најчесто негативноста не ги засега обата учесници во парот, туку едниот од нив подлегнува, во склад со законите на етологијата, пред оној посилниот, подоминантниот, поуверливиот – не мора да значи пред оној за кој би го помислиле тоа.

Стопувањето на поединечноста не трае подолго отколку што го овозможува негирањето. Понекогаш, сходно на згуснатоста на неврозата, боваризмот функционира цел живот. Но кога и во ситните поединости на секојдневието зад анегдотата и она инфинитезимално кое се однесува на битното, реално редовно ја поткопува платонската појмовна граѓа која на традиционалниот пар му служи како основа, еден ден откриваме дека тој кип се наоѓа на глинени нозе, фикција која е одржувана само од желбата да се верува во приказните за деца. Тогаш сè преминува во ништо.

Фигурата на самецот оди во чекор со вистинската метафизика на доброволната стерилност. Всушност, тешко можеме да сфатиме како субјективноста, која е љубоморна на својата слобода, може да ја сочува сопствената автономија, независност, самата способност да може да создава, дури и ако не создава, доколку го носи товарот на детето врз својот грб. Дотолку повеќе ако се повеќе деца.

Физиолошката можност на зачнување дете не обврзува да се прејде на дело – токму како што ни моќта да убиеме некого не ја создава обврската да извршиме убиство. Ако природата вели: „Можете“, културата не додава задолжително: „Морате“. Бидејќи нагоните, инстинктите и желбите можат да подлегнат под аналитичката мрежа на умот. Зошто да се прават деца? Во име на што? Да се постигне, што? Какво оправдување имаме за од ништото да извлечеме суштество на кое не му нудиме ништо освен кратко патување преку оваа планета пред враќањето во ништото, од каде и дошло? Зачнувањето во голема мера произлегува од природен чин, од логиката на видот на која слепо и’ се покоруваме, а таквата метафизичка и реално тешка задача мора да зависи од умниот, рационалниот, информиран избор.

Единствено самецот кој, пред сè, ги сака децата, гледа подалеку од врвот на својот нос и ги одмерува последиците на тоа што на казната живеење ќе осуди некое суштество. Дали животот навистина е толку извонреден, радосен, среќен, разигран, посакуван и лесен за да им го подариме на човековите младенчиња? Треба ли да се сакаат ентропијата, страдањето, болката и смртта кои сепак ги нудиме во тој трагичен онтолошки подарок-пакет?

Детето кое не барало ништо има право на сè, посебно на тоа да се грижиме за него, целосно, апсолутно. Израснувањето не е одгледување – како што претпоставуваат оние кои зборуваат за одгледување деца. Тоа е внимание посветено на секој миг. Невронската обука, многу потребна за изградба на едно суштество, не допушта ниту миг невнимание. Суштеството можеме да го уништиме со молчење, одложен одговор, воздишка, а да не го забележиме тоа, уморни од секојдневниот живот, неспособни да видиме дека за едно суштество во обликување она битното не треба да се одигрува повремено, туку постојано, без престан.

Потребна е огромна недолжност и недоследност за човек да се посвети на обликување на некое суштество кога често не располага дури ни со средства да се исклеса себе си или да го изгради сопствениот пар во облик кој одговара на неговиот темперамент. Фројд дури предупреди: што и да правите, одгледувањето е секогаш погрешно. Еден поглед на биографијата на неговата ќерка Ана и веднаш сфаќаме колку бил во право!

Детето добиено во семејство дефинитивно ги спојува таткото и мајката. Веќе и врапчињата знаат: мажот (или жената) може да престане да ја сака својата жена (својот маж), но таа (тој) сепак засекогаш останува мајка (или татко). Конфузијата меѓу жената, мајката и сопругата – истото важи и за мажот, таткото и сопругот – во класичниот пар им нанесува непоправлива штета на децата кога таа формација еднаш ќе се прекине. Прокреацијата поставува нова замка која го оневозможува лесниот ерос и осудува на потешка еротика во служба на нешто поголемо од неа, т.е. општеството.

 

 

Продолжува...

Илустрации: Xiaoqing Ding



Ме интересира дали има нешто

Ме интересира дали има нешто преведено на македонски од Мишел или на англиски може да се најде по нашите книжарници. Ве молам упатете ме во тоа што би можел следно да прочитам од овој филозоф. Ви благодарам.

Онфре на македонски, колку

Онфре на македонски, колку што знам, не е преведуван. Од тој важен современ француски филозоф две книги се преведени на нам блискиот српски јазик: „Атеолошка расправа“ и „Гурмански ум“. На англиски на интернетов можат да се најдат текстови од Онфре. Простете за доцниот одговор.

Слични содржини

Квир / Живот / Култура
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Јавни простори / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото