Во Скопје гинат повеќе велосипедисти отколку во Њујорк

25.06.2012 11:31
Во Скопје ем гинат повеќе велосипедисти отколку во Њујорк

На улиците на половина милионското Скопје гинат повеќе велосипедисти отколку во мегалополисот Њујорк со 19 милиони жители.

Според статистиките на Министерството за внатрешни работи во главниот град на Македонија, во 2011 година во сообраќајни несреќи со моторни возила загинале 5 велосипедисти. Во истиот период пак во 38 пати според жители поголемиот Њујорк властите регистрирале 21 жртва. Дека Скопје е навистина опасен град може да се заклучи и ако бројот на овие фатални несреќи се спореди со вкупниот број на возила. Се проценува дека во Скопје се возат меѓу 200 и 250 илјади возила, а во Њујорк близу 2 милиони возила.

Лиза Бендевска, портпарол на СВР Скопје, вели дека минатата година се забележани 141 сообраќајна несреќа во која биле вклучени велосипедисти. Од нив во 21 случај велосипедистите поминале со тешки телесни повреди, а во 115 со лесни.

Од Нова година наваму бројките сугерираат дека трендот на несреќи е помал но, како што велат од полицијата, тоа најверојатно се должи на тоа што летото е најфреквентен период за велосипедистите, па тогаш и најчесто се случуваат немилите настани по улиците. Од јануари до април се регистрирани 27 сообраќајни несреќи во кои се вклучени велосипедисти. Притоа, од сударите со моторните возила засега нема загинат, но 4 поминале со тешки повреди, а 23 со лесни.

Од полицијата велат дека овие бројки се однесуваат на несреќите во кои има повредени и загинати и на оние кои се пријавуваат. Стотици помали инциденти и судари воопшто не се пријавуваат, па нив ги нема ниту во статистиката.

Инаку, и покрај бројките кои го потврдуваат впечатокот на сè поголемиот број граѓани кои секојдневно возат велосипеди дека скопските улици се исклучително опасни за возење и дека недостасува инфраструктура, полицијата веќе казнува ако не се движите по обележаните патеки или по десниот раб на улиците. Бендевска вели дека во просек во летните месеци дневно се изрекуваат по 3 до 4 казни од по 25 евра.

„Тоа е пракса веќе со години, а не нешто ново. Казните најмногу се изрекуваат во летните месеци бидејќи тогаш е најголема фреквенцијата на велосипедисти, а дополнително што полицаецот треба да го фати прекршителот на лице место додека го извршува прекршокот и веднаш да му ја изрече казната“, вели Бендевска.


За среда е најавен вториот собир на велосипедска критична маса во Скопје. На минатиот, пред еден месец, неколку стотици велосипедисти покажаа дека не се задоволни од безбедноста на улиците, од односот на возачите и властите кои недоволно вложуваат во развојот на нова инфраструктура, како и од политиката на казнување. За споредба, велосипедските патеки во Скопје се во должина од 40-тина километри, притоа цели делови од градот се изоставени од мрежата. Загреб, кој има сличен број на жители има околу 150 км, а Љубљана која е помала има 120 километри велосипедски патеки.

Извор: greenbox.com.mk

Во документот (до кој

Во документот (до кој линкувате) навистина пишува дека имало 3 фатални несреќи со велосипедисти (за среќа, бројката не е поголема), но во периодот од 10.1.2011 (октомври) до 12/31/2011 (декември); речиси 3 месеци. Податоците ги спомнувате како да се за цела година.
Навистина ме интересира, од каде се информациите за несреќите во Скопје во „истиот период“ (линк?) и дали можеби споредувате со бројката за цела 2011 година за град Скопје.

Кога се обидов да најдам статистики за истава работа дојдов до сосем поинакви бројки (немам пермисии за ставам линкови).

Исправка: При прегледот на

Исправка: При прегледот на статистичките соопштенија за сообраќајните несреќи во Њујорк од наша страна е направен превид. Бројката која претходно ја објавивме дека во Њујорк во 2011 година се загинати 3 велосипедисти се однесува само на едно тромесечие. Вкупната бројка на загинати велосипедисти во 2011 година во Њујорк е 21. Ако се споредат популациите на двата града Скопје сепак има повисока стапка на смртност на велосипедисти во сообраќајни несреќи. На читателите и на сите кои го пренесоа текстот се извинуваме за грешката.

greenbox.com.mk

Фала за исправката Greenbox,

Фала за исправката Greenbox, но сепак вашата поента останува.
Мислам дека несреќните случаи со велосипеди се сепак далеку поретки од оние со автомобил, и бидејќи се малку - само неколку случаи се доволно за драстично да ја променат споредбата изразена во проценти.
Сепак, сите статистики ни укажуваат дека велосипедот е најбезбедно и „најзелено“ превозно средство, а Скопје е совршено место за таков начин на превоз (од еден до друг крај може да се стигне за ~20 минути на точак).

Јован фала за разбирањето.

Јован фала за разбирањето. Секако дека овие несреќи се поретки од оние со автомобили и има помалку жртви, но сепак не се малку - 21 тешко повреден. Точно е дека Скопје е идеално за велосипедизам само треба сериозно да се поработи на безбедноста и возачката култура. Убедени сме дека добивката за градот ќе биде огромна имајќи предвид дека овој вид на превоз веќе го користат многу луѓе, а бројката многу брзо се зголемува секоја година.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото