Бебето од катран (2)

31.08.2012 11:15
Бебето од катран (2)

Како се формираше мојата политичка свест (2)

Генерацијата на Владо Малески е родена во првите децении на дваесеттиот век. Еден поглед врз настаните во столетието, ни ја кажува приказната и за луѓето што живееле во него. Таа прва половина на дваесеттиот век со право се нарекува револуционерно доба: мноштво револуционерни преврати, две светски војни, антиколонијални борби за слобода и раѓање на нови нации... Оваа револуционерна стварност ги изнедрува револуционерните идеологии, па така главните поделби во животот на сите европски луѓе се по линија на нивните политички убедувања. Тие биле толку длабоки што луѓето играле фудбал или шах, или пак пееле во локалниот хор не според своите спортски или музички способности, туку според политичките убедувања. Целикупното европско општество го сочинувале длабоко антагонизирани класи раководени од партии чие мото било „Кој кого“.Така било во Берлин, Париз или Мадрид, така било во Скопје, Белград, Софија или Струга.

Војната и победата, но и младоста, го обележало нивното време. „Овој народ, пишува тој во својот последен и незавршен роман, од искона минувал низ различни, но свои времиња, ако го имал времето на ајдутството, па на комитаџиството и Гоцета, на Беас Куле и Деар Бекир, на гемиџиите и на Разловци – Разлог-Кресна-Илинден, па на задниот број од 1941 – сега минеше низ раздобјето на младоста... Младост...омаена од зборовите слобода на народот... Но, младоста потпалена од пожари, ја нема трпеливоста на староста (а каде е таа?), комунистичката правдина м о р а да се донесе – ако не денес – утре, најдоцна у т р е. Чекање нема. Доста се чекало – пет ипол векови! Велеа насекаде... Староста во тие наскрилени дни, ја немаше. Небаре никогаш ја немало. Небаре не ја родила младоста туку сама од себе се создала. Останале младите сами да го кројат новото живеење со паролите донесени од шумите, од сртовите, без мудроста на старите... А јас знаев, и знам, дека мечтаената слобода излезе стоглав аждер од сказните: злојастен толку бидува, незаситен и ненаситлив со илјадници принесени човечки животи: колку повеќе жртви и даруваш на слободата – за да ја здобриш, да ја скротиш та да ја прегрнеш – тритолку повеќе бара и бара...Каде е Кузман, каде е Трифун Пановски, каде се Бучко, Коле Канински, Миќо Галиќ... и пред нив Орце, Цветан, Мирче, Страшо, Борка Модерното, Стив, Мите, каде се Дара, Гина, Премче, Мирко...оф, каде се моите другари... од воиштвата и од летоците?“. Сите тие се вградија во темелите на идната македонска држава. Темелите на македонската државност кои беа поставени во војната, а подоцна и темелите на нашиот јазик и литература, пак, беа доволно цврсти за да го издржат политичкиот метеж кој ја зафати Југословенската федерација по нејзиното распаѓање во 1991 година. Меѓу многуте фактори кои одиграа своја улога во процесот на осамостојувањето на Македонија, најзначајниот беше оној наследен од генерацијата на Владо Малески. Тие, имено, ја создадоа македонската држава.

И секогаш кога ќе напишам или ќе изустам вакви драматични зборови, се присеќавам дека тој, татко ми, во такви моменти, свртуваше на шега. Неретко и на своја сметка. На некаков состанок на сојузот на писателите на Југославија, раскажуваше со громогласно смеење, тој писател-почетник, го запрашал афирмираниот автор и идниот нобеловец Иво Андриќ дали педесетте страници кои ги напишал се многу или малку за една книга. Андриќ, му одговорил со еден единствен збор:„Зависи“. Се смееше, на своја сметка, и на настанот кога под фотографијата објавена на насловната страна на белградскиот весник „Политика“ од еден друг состанок на писателите, новинарот покрај имињата на Мирослав Крлежа, Иво Андриќ, по грешка, напишал Владо Малески – Теле. Отогаш, велеше, повторно со смеење, тој повеќе не се претставувал во јавност со партизанското име Тале, кое го добива од Коста Рацин, кој заради наглувоста, зборот „Мале“, како што го викале пријателите Владо, го слушнал како „Тале“.

Покрај пишувањето, музиката беше втората љубов на татко ми, а гитарата во неговите раце и неговиот силен глас се врежани во мојата меморија. Автор на повеќе партизански песни како и на онаа која што подоцна ќе стане химна на новата македонска држава, Владо, кој немаше музичко образование и не знаеше да свири по ноти, ја добива својата прва награда не за проза туку за музика, од друштвото на композиторите на Југославија. Во времето на социјализмот, кога се беше „општествено“, ќе го запрашав зошто не се потруди и новите генерации да знаат дека песните се негови. Одговараше дека песните станале народни, и не се повеќе негови. Не рече „на Македонија“, затоа што, во разговорите со мене, никогаш не употребуваше „големи“ зборови, само рече „народни“. Денес, во времето на патриотски изблици кон нацијата, се присеќавам дека во моето семејство никогаш не биле потребни зборови за нешто што се подразбирало, имено дека се работи за Македонија. Всушност, ако размислам подобро, разговорите без оглед дали биле за литературата, за другите уметности или за политиката биле, всушност, разговори за Македонија.

Милка Вранешевиќ – Малеска, втората жена на татко ми, која ме одгледа заедно со трите сестри, имаше вредносен систем толку во контраст со повоениот македонски амбиент на сиромашни и исплашени луѓе. Храбра и дарежлива, човечноста беше нејзината главна одлика. Кога, некаде во 1955, агенти на тајната полиција го уапсија сопругот на мојата мајка, депортирајќи го во непознат правец, единствено таа се осмели да побара податоци од „внатрешни“ и да ја информира мајка ми дека е однесен во логорот „Герово“ на брегот на Јадранското море. Да не се биде шкрт со чувствата или со материјалното што го поседуваш, беа лекции кои секојдневно ги учев од неа, почнувајќи од парчето леб со мармалад кое го добиваше и секое другарче кое ќе се најдеше пред вратата покрај мене кога бев гладен. Уште тогаш, на претшколска возраст, знаев дека мојата втора мајка, жената која секоја недела ја менуваше постелнината, дневно го чистеше и го проветруваше станот со ширум отворени прозорци дури и кога надвор имаше температури под нула, и чии четри деца беа избањати, средени и згрижени, и згора на се одеше на работа, беше – нешто посебно.

Родена во Хрватска од татко Србин и мајка Хрватица, во добростоечко семејство на чиновник во компанијата „Шел“, меѓу првите оди во партизани, „пред тоа да го стори Тито“, појаснуваше нејзиниот татко, дедо Марко. „Зошто отиде паризани?“, како дете, ја прашав еднаш. Никогаш повеќе не ми рече ништо за војната, која очигледно не ја сакаше. „ Во Хрватска, ќе дојдеа неколку униформирани усташи секој со пушка во рацете и ќе одведеа цело село во логор, на стрелање или за да ги запалат Србите во локалната црква. Пет-шестмина вооружени усташи водеа и по стотина исплашени селани кои не се спротиставуваа, чекорејќи послушно во смрт. Само да можеа да соберат храброст и да јурнат на вооружените луѓе, некои секако ќе загинеа, но лесно ќе ги совладаа со својата бројка“, беше нејзиниот одговор. Разбрав. Таа храброст која што му недостасувше на народот ја поседуваа младите хрватски комунисти меѓу кои и студентот на прва година на земјоделскиот факултет во Загреб, Милка Вранешевиќ. Застанувајќи на чело на отпорот против фашизмот, спремни да загинат како што мнозина и загинаа, собраа храброст да јурнат на вооружените луѓе. И да победат.

Во второто семејство, она на мајка ми, престојував многу поретко. Таа беше мажена за Јордан Новаков – Кришка, Бугарин од Пиринска Македонија кој на стипендија на владата на Македонија студираше медицина и играше во првиот тим на фудбалскиот тим „Вардар“. Контрастот во животниот стил на двете фамилии, среденоста и благосостојбата на првата и хаотичноста и повремената немаштија на втората се дел од мојата најрана меморија. Следен од полицијата како бугарски државјанин, Кришка, тврд и слободоумен човек, одбивал да се врати во Бугарија но одбивал и да стане македонски државјанин. Затворајќи ја вратата зад себе, со спуштен глас, ќе и речеше на мајка ми дека полицијата повторно го следела и внимателно навалени кон прозорецот и покажуваше на некаков човек на улицата. Едно лето, додека кампувавме на реката Треска каде што се ловеа јагули чии исушени кожи ги полнев со песок играјќи се како со некакви замислени пушки, дотрча Чемерикиќ, сопственикот на станот во Пролеќе во кој мајка ми и Кришка имаа една соба и почна да вика и да мафта со рацете. Настана општа смеа од оваа страна на реката кога човекот се спрепна и падна врз својот точак.Смеата стивна во моментот кога токму позади нас од шумичката излегоа двајца мажи и го повикаа Јордан Новаков да им пријде. По кусиот разговор, тргнаа кон патот. „Трчи, поздрави се со Кришка, нема да го видиш повеќе“, беа зборовите на мајка ми. Потрчав,се поздравив и останав да ги следам со погледот тројцата луѓе како се движат кон патот. Во мојата детска фантазија тие се облечени во мантили и со шешири на главата, но, малку е веројатно дека било така во врелите летни денови на мојот роден град Скопје.

Како што разбравме подоцна, со подобрувањето на односите со Советскиот сојуз тие педесетти години од минатиот век, Југославија се обврзала да „расчисти“ со eмигрантите од источниот блок кои живеева во земјата. После периодот на испитување, со вообичаените бруталности на повоените времиња, за кои години подоцна слушнав, емигрантите беа испратени на Запад. Семејството на мајка ми, која подоцна му се придружи на Кришка во логорот во Герово, заврши во Белгија, каде што живее и денес. Јас останав да живеам со семејството на татко ми.

Кон првиот дел

(продолжува)

Фотографии: Алексеј Мјакишев

Благодарам до редакцијата на

Благодарам до редакцијата на Окно за оваа прилика и за е-верзијата на ,,Бебето од катран‘‘ и молам за информација, дали книгата целосно ќе биде пренесена (или само одломки)?

Само одломки. Во седум

Само одломки. Во седум продолженија ќе бидат пренесени околу четириесетина страници од првиот дел на книгата. Книгата, инаку, има над 400 страници. Издавач е „Култура“.

Слични содржини

Општество / Историја

ОкоБоли главаВицФото