1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Фигуричките на мостот (може да) претставуваат сèшто ќе помислите – Алиса во земјата на чудата, Снежана и седумте џуџиња, депанданс на Бутел, игротека на отворено – ама тешко дека ќе се сетите дека тоа се нашите, македонски великани во уметноста и културата.
Особено внимание последниве месец-два привлекува сè уште (за среќа) нефункционалниот мост кој некој го нарекол, ни мање ни више - „Мост на уметноста“.
За каква ли уметност таму станува збор останува нејасно. Мостот е целосно готов – и видлив – накитен со фигурички на секои два-три метри, ама никаква уметност не може да се види. Освен ако не мислеле дека фактот што наредените фигурички (треба да) претставуваат некои од еминентните македонски творци во областа на културата и уметноста, го чини и самиот мост – Мост на уметноста.
И можеби идејата и би држела вода кога тоа би било така! Ама не е. Ниту пак може да биде.
Зашто фигуричките на мостот (може да) претставуваат сè што ќе помислите – Алиса во земјата на чудата, Снежана и седумте џуџиња, депанданс на Бутел, игротека на отворено – ама тешко дека ќе се сетите дека тоа се нашите, македонски великани во уметноста и културата. Онака наредени како симетрична џуџеста војска на музите, на мајтап на народот!
Оттука, конечно, дури и не е битно чија е идејата за таков мост. Ама тие што го правеле, па и тие што го одобриле, а особено оние што утре ќе треба да го пуштат во употреба – веројатно со голема помпа и свечености – имаат ли претстава како всушност изгледале тие луѓе претставени на тој мост? Ги знаеле ли Личеноски и Мартиноски, Мазев, Скаловски … па сè до Тоше Проески? Па ако оние првите се постари, подзаборавени, Проески безмалу до вчера беше тука. И – така ли изгледаше? Или, онаа карикатура од ликот на Лазар Личеноски, тоа ли е она што младите треба да го паметат за овој сликар?
Понатаму, точно е дека Личеноски бил мал по раст, веројатно не повисок од 162-163 сантиметри, ама Мартиноски имал сигурно минимум 190 сантиметри. А на овој мост на чудата се исти. Како впрочем и Мазев, како и Скаловски … како и сите други! Урамнотежени и урамниловени!
Што всушност сакале авторите на овие џуџести фигурички да ни порачаат? Дека сите се/сме исти, без оглед на физичките карактеристики? Или им било страв да ги прикажат дотичните личности во вистинската светлина, во вистинските, реалните (физички) димензии, за да не изгледа дека некој е позначаен од другите? Морееее шапшали!
Или пак, всушност, поверојатно е дека немале поим што всушност прават, битно било само да си ги земат парите?
Ако пак самите на овој начин, со искривена диоптрија си ги гледаме најважните личности во културната и уметничката историја, нели тогаш им допуштаме и на другите така да нè гледаат? Како урамниловени џуџиња!?
Извор: teodosievski.blog.mk