Спортскиот дух

05.01.2013 10:57
Спортскиот дух

Сега, кога кратката посета на фудбалскиот клуб „Динамо“ е завршена, може да се каже јавно она што многу разумни луѓе го зборуваа приватно пред да пристигне „Динамо“. Тоа е дека спортот е неисцрпна причина за непријателство, и ако таквата посета може да има каков било учинок врз англиско-советските односи, тие единствено ќе станат нешто полоши отколку што беа порано.

Дури ниту весниците не можеа да сокријат дека на два од четирите одиграни натпревари, излезе на виделина силната нетрплеливост. На натпреварот со „Арсенал“, како што ми раскажа еден од присутните, се степале британски и руски играч, а публиката го исвиркувала судијата. На натпреварот во Глазгов, како што ме известија, од самиот почеток секој правел што сака. Исто така, имало несогласувања, типични за нашето националистичко време, околу составот на „Арсенал“. Дали е тоа навистина репрезентацијата на Англија, како што тврдеа Русите, или само лигашки клуб, како што тврдеа Британците? И дали „Динамо“ неочекувано ја прекина турнејата за да избегне да игра против англиската репрезентација? Како и обично, секој одговара на тие прашања според своите политички склоности. Меѓутоа, не баш секој. Со интерес забележав, како пример за пакосните страсти ги предизвикува фудбалот, дека спортскиот дописник на русофилскиот „News Chronicle“ застана на антируската страна и утврди дека „Арсенал“ не е англиската репрезентација. Нема сомнеж дека расправата со години ќе има одек во фуснотите на историските книги. Во меѓувреме, резултатот од турнејата на „Динамо“, ако воопшто имаше некаков резултат, беше создавање нова нетрпеливост на двете страни.

А како би можело да биде поинаку? Секогаш се изненадувам кога ќе слушнам како луѓето зборуваат дека спортот создава разбирање меѓу нациите и кога обичните луѓе во светот би можеле да се сретнат на фудбал или крикет не би имале потреба да се сретнат на бојното поле. Дури и ако не знаете конкретни примери (да речеме, Олимписките игри од 1936) за тоа како меѓународни натпревари доведуваат до оргија од омраза, можете да го заклучите тоа од општите принципи.

Речиси сите денешни спортови имаат натпреварувачка природа. Играте за да победите и играта има малку смисла ако не дадете сè од себе за да победите. На селска ливада, каде што само одбирате страна и каде што не е присутен локалпатриотизмот, можно е да се игра едноставно за забава и вежба; но, штом се постави прашањето на престижот, штом почувствувате дека и вие и заедницата ќе бидете посрамотени ако изгубите, се јавуваат најдивите борбени инстинкти. Тоа го знае секој што играл на фудбалски натпревар, дури и во училиште.

На меѓународно ниво спортот е отворено имитирање на војувањето. Но, тука не е значајно однесувањето на играчите, туку односот на гледачите, и преку гледачите, нациите кои се доведуваат до беснило поради тие апсурдни натпревари и сериозно веруваат – барем за кратко – дека удирањето на топката и скокањето по неа е тест за националната доблест.

Дури и лежерната игра каква што е крикетот, која бара повеќе складност отколку сила, може да предизвика многу гнев, како што видовме од расправиите околу линијата за фрлање на топката и грубата тактика на австралиската екипа која ја посети Англија во 1921. Во фудбалот, игра во која секој може да се повреди и која секоја нација ја игра на свој начин, кој на странците им се чини недоличен, ситуацијата е уште полоша. Најлош од сè е боксот. Една од најстрашните глетки на светот е борбата помеѓу бел и обоен боксер пред мешана публика. Но, боксерската публика е секогаш одвратна, особено однесувањето на жените, кое е такво што војската, ми се чини, им забранува пристап на нивните натпревари. Во секој случај, пред две или три години, кога гардата и регуларните единици организираа турнир во бокс, ме поставија на вратата на салата со наредба да не пуштам жени.

Опсесијата со спорт во Англија е многу раширена лоша навика, но уште пожестоки се страстите во младите држави во кои разните спортови и национализмот се развиваат од неодамна. Во земјите како Индија и Бурма, на фудбалските натпревари се потребни силни полициски одреди за да го спречат пробивањето на масите на теренот. Во Бурма видов како навивачите влегуваат во теренот и покрај полицијата и го онеспособија голманот на противничкиот клуб во клучниот момент. Првиот голем фудбалски натпревар кој се одигра во Шпанија пред отприлика петнаесет години, доведе до ужасен метеж. Штом се појават силни чувства на соперништво, секогаш се губи од вид играњето на играта според правила. Луѓето сакаат да ја видат едната страна на врвот, а другата понижена и забораваат дека победата до која се доаѓа со мамење или вмешување на толпата е бесмислена. Дури и кога не интервенираат физички, гледачите се обидуваат да влијаат на играта со бодрење на својата страна и „збунување“ на противничките играчи со мрачно протестирање и навреди. Врвниот спорт нема никаква врска со чесната игра. Тој е тесно поврзан со омразата, зависта, фалбаџиството, непочитувањето на правилата и садистичкото уживање во насилството: со други зборови, тоа е војна без пукање.

Наместо дрдорењето за чисто и здраво соперништво на фудбалскиот терен и големата улога која ја имаат Олимписките игри во зближувањето на нациите, покорисно е да се испита како и зошто се појави модерниот култ кон спортот. Повеќето денешни спортови имаат древно потекло, но изгледа дека спортот не се сфаќал сериозно во периодот од римско време до деветнаесеттиот век. Дури и во англиските јавни училишта култот кон спортот се појавил дури на крајот на минатиот век. Д-р Арнолд, кој генерално се смета за основач на модерните јавни училишта, го сметал спортот за едноставно губење време. Потоа, главно во Англија и САД, спортот станал богато финансирана активност која може да привлече огромни маси и да предизвика диви страсти. Потоа заразата се проширила од земја до земја. Најмногу се проширени најгрубите боречки спортови – фудбалот и боксот. Нема сомнеж дека сето тоа е тесно поврзано со растот на национализмот – то ест, со лудачката модерна навика на идентификување со големите и моќни заедници и гледање на сè во духот на натпреварувачкиот престиж. Исто така, организираните спортови побргу ќе процветаат во убраните заедници во кои проесечниот човек главно седи и има ограничена слобода на живеење, без големи можности за творечка работа. Во селските заедници момчето или младичот троши голем дел од вишокот енергија шетајќи, пливајќи, мавајќи се со топки снег, качувајќи се на дрво, јавајќи коњи, а и различни спортови кои вклучуваат суровост кон животните, како што се риболовот, борбата со петли и фаќањето стаорци со помош на африкански твор. Ако во големиот град сакате да се ослободите од физичката сила или садистичките импулси, морате да се учествувате во групни активности. Спортот се сфаќа сериозно во Лондон и Њујорк, а така се сфаќал и во Рим и во Византија; во средниот век се занимавале со спорт и тоа веројатно на физички многу суров начин, но тогаш спортот не бил поврзан со политика, ниту предизвикувал групна омраза.

Ако сакате да придодадете нешто на огромната залиха непријателство кое постои во светот во овој миг, тешко дека можете да направите нешто подобро од организирање фудбалски натпревар помеѓу Евреите и Арапите, Германците и Чесите, Индијците и Британците, Русите и Полјаците, Италијаните и Југословените, со тоа што секој наптревар ќе го гледа мешана публика од 100.000 гледачи. Нормално, не тврдам дека спортот е една од главните причини за меѓународно соперништво; врвниот спорт е, ми се чини, само поинаков одраз на причините кои го создадоа национализмот. Само ги влошувате работите ако испратите екипа од единаесет играчи, со ореол на национален шампион, дозволувајќи го притоа чувството дека поразената нација „ќе го изгуби образот“.

Затоа, се надевам дека по гостувањето на „Динамо“ нема да испратиме британска екипа во СССР. Ако мораме да го направиме тоа, да испратиме второкласна екипа која сигурно ќе изгуби и за која не може да се тврди дека ја претставува цела Британија. Денес веќе постојат доволно вистински причини за предизвикување несреќи, па не треба да ги зголемуваме со охрабрување на младите меѓусебно да се удираат по цеваници, проследени со врескањето на разјарените гледачи.

Извор: Tribune, 14 декември 1945
Слики: Nicola Verlato

ОкоБоли главаВицФото