Македонија е реакционерна земја, во коалиција на авторитарни режими

11.07.2013 12:35
Македонија е реакционерна земја, во коалиција на авторитарни режими

Македонија веќе не е само изолиран авторитарен режим, туку се’ повеќе ја интернационализира својата состојба и влегува во една оска на тоталитарни држави и системи. Протестите за поддршка на Ердоган кои се случуваа во Македонија, како и отворената поддршка од страна на власта кон режимот на Ердоган, па се’ до изјавата на Иванов дека нашето срце е со Таип, а неговото срце е со македонскиот народ, е само потврда за таквите тенденции.

Нашата мала земја, како еден вид микро средина, стана симбол и пример што поголемите и помоќни режими потоа го применуваат или го емулираат (или, пак, кај нас нивните постапки се испробуваат и се приспособуваат). Не велам дека Македонија го измисли авторитаризмот. Поуките и лекциите режимите лесно ги копираат и ги споделуваат меѓусебно. Но, се’ повеќе ми паѓа во очи градењето една оска. Тоа не е случајна оска, напротив, функционира како договорена коалиција на реакционерни, конзервативни и авторитарни режими. Тие си делат искуства, јавно и без срам си даваат совети и препораки како да се справуваат со народот и како да го држат под контрола.

Во моментов таа оска е најсилна помеѓу три земји: Турција – Унгарија – Македонија. Проблемите и состојбите во секоја земја се различни и речиси неспоредливи, но тоа што е споредливо се антисистемот, инструментите на репресија и на соочување со внатрешните непријатели, односот кон надворешните фактори, пропагандата и манипулациите со јавноста, монополизацијата на институциите и нивна партиска злоупотреба, па се’ до организирањето изборни измами и контрапротести. Сакам да кажам: слично како пред и за време на Втората светска војна, денес на територијата на Европа фактички постои и се развива една коалиција на авторитарни режими.

Овде не правам прецизна анализа бидејќи немам инструменти за такво нешто, туку зборувам за духот на нештата, како денес во Европа функционираат реакционерните сили. Оваа коалиција не треба да се сфаќа буквалистички; таа сепак е еден вид хипербола, но е опасна тенденција во ситуација кога демократските процеси во Европа, па и самата ЕУ, се во криза.

Видете, Турција и Македонија денес се отворени режими, каде власта во целост е монопол на владејачките структури, опозицијата и цивилниот сектор се маргинализирани, додека Унгарија, и покрај тоа што е членка на ЕУ, се’ повеќе се доближува од авторитарна кон тоталитарна држава. Црна Гора и Косово се режими суи генерис, кои сепак се обидуваат да се интегрираат и кои не водат декадентни културни, религиски и идентитетски политики. Сакаат да имаат економски монопол, монопол над бизнисот и сопствеништвото, но своите граѓани сепак ги оставаат со одредена лична и духовна слобода.

Тука некаде влегува и Бугарија каде што, ако се врати на власт Борисов, тие тенденции само би се забрзале. Разликата кај Бугарија е во фактот што граѓаните покажаа силна доза на свест, дури и поголема од опозициските партии, па протестите успеаа да се одржат подолго време. Слични тенденции, како во Бугарија, се почесто покажува и Романија. Сега за сега, заразени се најсиромашните земји од централниот и од јужниот дел на Европа. Но, да се потсетиме, патолошката традицијата на авторитарни општества и ден денес е мошне жива и во понапредни држави, Австрија, на пример, а особено кај ранетата и понижена Грција. Малку фалеше Хајдер да отиде по патот на Орбан или на Груевски.



Разликата кај Турција, Македонија и Унгарија е што не станува збор само за режими од аспект на негирани слободи и права, нефункционална правна држава и владеење на правото, туку властите на триве земји отворено работат на промена на генот, на идентитетот на своите општества. Оттука, тие се фашизоидни и тоталитарни, сакаат да го контролираат секој аспект во општеството, а всушност прифаќањето на режимот да го остварат не само преку наметнување, туку преку целосно елиминирање на каква било алтернатива. Тие сакаат политички, културно и ментално да ги потчинат сопствените граѓани. Имаат неколку заеднички особини. Во секој од новите режими доминираат конзервативни, десничарски, националистички и популистички елементи.

Главната контрола на самиот почеток ја воспоставуваат преку демократска мимикрија, доминација над масовните и традиционални медиуми, со монопол над идентитетските прашања, со стриктна контрола врз моралните и религиозните теми. Еднаш кога ќе постигнат консензус на идеолошко поле, почнуваат да ја освојуваат секоја пора од власта и од општеството. Воспоставуваат силен репресивен механизам, форсираат строга партизација, ја освојуваат економијата и бизнисот и понатаму претендираат на изразена лојалност базирана на клиентелизам. Останатите детали, како што се сатанизација или елиминација на политичките и општествените противници, изборните измами, создавањето постојана перцепција на страв и поддршка, верувам, добро ви се познати. И тоа се среќава секаде, методот секаде е ист или сличен, било во Будимпешта, Скопје, Анкара или во Софија.

Сево ова личи и потсетува на авторитаризмите од триесеттите години или, уште полошо, на една модерна и современа (додуша, провинцијална) оска – Рим – Берлин – Токио, нов челичен пакт помеѓу современите диктаторски режими. Денес никој нема потреба да освојува соседи и да објавува војни, но состојбите на внатрешен план, подемот на национал-популизмот, затворените и ксенофобични општества, се мошне симптоматични и будат вакви несреќни споредби. Можеби поспоредливи, иако далеку помалку значајни и опасни, се со американската кованица „оска на злото“. Работата е што во денешните општества, додека сфативме дека демократијата тешко или воопшто не се извезува, мошне добро се увезува и шири недемократскиот и тоталитарен начин на владеење.

Разликата е што новите режими не се директна опасност по цели региони или по соседите, но се особено опасни за своите граѓани и за самата држава. Сепак, опасни се индиректно, како еден вид пример, како лоша алтернатива на денешните болежливи демократии. Најпосле, ние од Балканот добро знаеме дека во која било банана држава доволни е еден лудак со влијателна свита - за државата да се да уништи.

Жално е што, иако вака теоретски можеме да изведеме заедничка линија која ги обединува современите европски режими, во практиката не постои единствена линија која може да ги порази. Ниту светот ќе им објави војна, ниту рецептот за една земја, по правило, е применлив во друга држава. Она што го обединува начинот на спротивставување се протестите и отпорот, кој е хетероген и никаде не дава еднакви резултати.

Кога станува збор за режими, било во Турција, Бугарија, Македонија, Чиле или Тунис, она што ги покренува протестите секогаш е некој локален, изолиран настан кој потоа наидува на консензус и ги охрабрува граѓаните. Сепак, ефектите од секој протест засебно не можат никогаш да се предвидат. Некаде, по децении тоталитаризам, како во арапските општества, ефектите беа огромни, револуционерни. На други места се сведуваат на смешни и минорни концесии од страна на режимот.



Тоа што треба да ги заплаши режимите е дека наводниот економски прогрес, или што би рекол наш Груевски, реформите и подобрувањето на животниот стандард, дури и кога во некои земји се реални, не се гаранција за стабилност. Арапската пролет тргна од Тунис кој, инаку, имаше најдобра економска состојба во регионот. Истото важи и за Турција, која последниве години доби епитет на економско чудо. Дури и Бразил кој во годините на Лула извади милиони граѓани од сиромаштија и ги внесе во средната класа, не може да се пофали со стабилност, и покрај економските успеси.

Затоа паѓа во вода тезата на Груевски дека неговиот план Б за економски развој (кој, инаку, го нема), во тоталитарно општество е рецепт за стабилност. Ќе се најде некое прашање и некој проблем кој сите ќе не’ мобилизира и еден ден ќе не’ извади на улица. Во Чиле тоа беше скапото високо образование, во Бразил поскапувањето на јавниот превоз, во Турција авторитаризмот и самоволието на Ердоган. Некои од овие протести успеаа, некои не, но поентата е дека не е елиминирана, ниту ќе исчезне причината за нивното постоење.

И кај нас отпорот не успеа, но тоа не значи дека причините за отпор и понатаму не постојат. Евентуално, од сите контрадикции и злоупотреби кои ги живееме, една ќе не’ помрдне, една ќе се трансформира во позитивна енергија која ќе не’ одведе кон ослободување и прогрес.

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња