Скопје 20 години по земјотресот

31.08.2013 12:38
Скопје 20 години по земјотресот

Од првиот ден на мојот престој во Скопје, гледајќи ги сите тие згради, делумно разурнати, отсечени од темелите, почнав да размислувам дека мора да постои извесен број мерки што треба да ги направат побезбедни не само градбите, туку и градот како целост, како систем. Тоа, можам да речам, беше една од моите тогашни најитни задачи. Почнувајки да работам врз одредени планови во Скопје, јас најмногу се задржував врз тоа, како да го направиме да биде безбеден град. Во тоа време сеизмолозите не можеа да ни излезат во пресрет. Знаеја само дека во овој регион, можноста за земјотрес е многу поголема отколку во некој друг. Тогаш ги прашував дали можат да ни кажат дали во Скопје има индикации за друг земјотрес, кој хоризонтално ке се движи во една или во друга насока, за да можам моите градби да ги доведам во подобра положба. Сеизмолозите рекоа дека немаат такво искуство, (дека не можат да ми одговорат), па јас морав да се консултирам со моите планери.

Морам да кажам дека во двете години заедничка работа на југословенски, полски, грчки, американски, јапански, советски, англиски и други експерти во Скопје почнавме да развиваме некакви правила за тоа како еден град да се направи побезбеден и како да се контролира безбедноста со физичко планирање и со посоодветно урбано обликување. Би рекол дека Скопје беше првиот полигон за тоа. Повеќе по интуиција развивавме некои елементи од обликувањето како што се зелените појаси, растојанијата меѓу зградите, мошне специфичните состојби меѓу една и друга зграда, на пример оние во Градскиот Ѕид, улогата на дрвјата, улогата на регулацијата на реката и др. Во многу случаи тоа беше интуиција. Дури подоцна тие беа поткрепени со научно истражување, тие веќе претставуваа основа за делување која се изгради врз примерот на Скопје, врз која, пак, се разви една нова гранка знаење, можеби уште не наука, но знаење сигурно, како да се употребат средствата на физичкото планирање за да се контролира сеизмичкиот ризик, да се намали повредливоста на градот, на зградите, на луѓето, на економската активност во тој град. Нашиот втор чекор напред беше тоа што почнавме да се интересираме не само за урнатините, за зградите, туку и за тоа што е во зградите, за тоа што се случува надвор: за економската активност, производството, луѓето, човечкото однесување, а не само човечкиот живот, психолошката реакција, што ја спомнав на почетокот и слично.

Може да се рече дека денес, дваесет години подоцна, веќе имаме извесен квантум замисли, знаења, извесна пишана документација и собрани опсервации. Скопје, во тоа искуство, беше прво. Потоа, од Скопје, одев да видам други градови, погодени од земјотрес, како на пример, Чимбол, Манагва во Никарагва, потоа во Италија - во Мецо-Џорно и пак во Југославија - прво во Бања Лука, а потоа во Црна Гора, во Алжир и така натаму, и, сите тие опсервации денес сè повеќе ги докажуваат оние интуитивни чекори што ги воведовме во нашето планирање на Скопје, со цел градот да го направиме подобар и побезбеден.

Тоа беше почетокот на новата ера во урбаното планирање, во урбаното размислување. Па, како е сето тоа, по дваесет години? Период од дваесет години за еден урбан-дизајнер за еден урбан-планер е мошне специфичен период. Во најголема мера таа временска димензија ја употребуваме за нашето планирање, за оценување и за предвидување на иднината. Така, можеме да речеме, дека не пред дваесет години, туку пред осумнаесет години, кога бевме на крај со изготвувањето на планот за физички развој, на глобалниот план за реконструкција на Скопје, ние точно ја градевме сликата на нашите предвидувања што може да биде и што треба да биде овој град по дваесет години.

Морам да кажам дека ова е крајно возбудливо, професионално возбудливо за мене да се има таа можност во професионалниот живот, не само мојот, туку и на кој и да е експерт во светот - да се има таа единствена можност пак да се биде на местото по дваесет години и да се конфронтира со идеите, очекувањата, плановите и со реалноста. И од тоа, да се научи нова лекција, не само како да се планира во сеизмичко подрачје, туку и што беше погрешно, а што правилно во нашите предвидувања - каде грешевме, а каде имавме право. Тоа е новата лекција за мене.

Кој е заклучокот? Прво - морам да кажам дека не очекував оти политичкото раководство и општеството во целост ќе бидат толку точни и толку предани во извршувањето на глобалниот план, во сите негови детали, како што тоа се случи во Скопје. Во многу други случаи, кога сум планирал, велев дека ако педесет насто од моето планирање се реализира, ќе бидам наполно задоволен. Во Скопје, процентот на извршување мислам дека е деведесет насто. Уште еднаш нагласувам дека тоа е единствен случај, случај што треба да се проучува во корист на сите теории за физичкото планирање, во корист на науката и слично.

Но, и не очекував градот толку да се измени во смисла на околината и бојата. Градот, по катастрофата, беше жолто-кафеав: кога го гледавме од Водно, тоа беше жолто-кафеава панорама. Тешко беше да се зборува за некаков еколошки систем - имаше само некакви остатоци од него, затоа што и тој беше уништен. А сега градот е вистински зелен. Кога во тие денови го гледав од врвот на Водно, се прашував дали градот навистина го претставува тоа по што ние трагаме - еколошки систем што го изградил човекот за човекот, во една формална човечка населба. Се разбира, таков систем мора да има и слабости, меѓу кои јас го вбројувам загадувањето. Но, апсолутно е и нереално да се очекува модерен град да биде без загадување. Тоа е природно, тоа мора да биде така, но прашање е колку далеку се стигнало во загадувањето, каде е границата на компромисот меѓу различните потреби и можности. А општо чувство е дека тоа во Скопје прилично добро функционира. Што се однесува до околината на Скопје, дали очекував да биде ваква каква што е? Во најголема мера - да! Иако, во некои случаи сега гледам повеќе отколку што очекував. На пример, улогата на реката Вардар што беше апсолутно запоставена пред катастрофата, сега е далеку поголема во самиот изглед на градот, во композицијата на целиот простор, отколку што се надевав. Тоа е, така да речам, животната песна на градот со сите негови булевари, тераси, театарот на брегот и сите други градби.

Нешто што не очекувавме до таков степен во сето ова е темпото на растење на градот. За дваесет години планиравме пораст на населението до 390 илјади жители, а градот пораснал до околу половина милион! Тоа не е добро. Зошто? Прво - големината на градот во споредба со Републиката е погрешна. Дваесет насто до 25 насто од населението во Републиката се концентрирало во едно место, што е лоша распределба на населението, како и на економските сили. А тоа дури може да биде опасно и да иницира друга катастрофа! Толку висока концентрација во едно место не е добра. Тоа е првиот голем проблем.

Вториот проблем е дивиот, неконтролиран развој на домаќинствата во најголема мера во два дела од предградието на градот - на исток кон аеродромот, и на запад. Тоа се веројатно единствените примери каде можам да укажам на извесни слабости на градските раководители кои сигурно немале можност тоа да го спречат навреме или да реагираат на соодветен начин. А тука, веројатно, има и наша грешка, грешка на планерите, затоа што тогаш, кога работевме врз планот, немавме претстава за бројот на индивидуалните куќи што беа урнати. Бевме под силен вепечаток на привремените населби, на монтажните населби. Мислевме дека веќе никој нема да сака индивидуални градби и оти главниот одговор е развој на повеќекатници. Но, животот покажа дека сме грешеле во тоа, дека потребата за таков вид развој е голема, особено затоа се покажа дека семејната градба во сопствена организација може да биде многу поевтина.

Третиот проблем, што е не помалку важен, е тоа дека има неколку програми за усовршување на развојот на мрежата на сообраќајници. Мошне лошо е решена директната поврзаност на градскиот центар со населбата Аеродром. Луѓето тоа не го сакаат и не ја прифаќаат како дел од градот. Но, тоа лесно може да се поправи, зашто не е голем проблем. Поголем проблем е градскиот сообраќај. Ако градот имаше околу 390 илјади жители, како што планиравме, ваквото решение на градскиот сообраќај ќе задоволуваше. Но, затоа што градот нарасна до половина милион, морате да имате и некаков друг систем на градски сообраќај. Овде квантитетот бара нов квалитет. И затоа, мислам дека е апсолутно неопходно да се воведат трамвајски линии. Општо земено, има доволно простор, доволно можности, на пример, на улицата „Партизански одреди" тоа да се направи. Во иднина тоа треба да биде еден од приоритетните проекти.

Многу е кажано за Скопје и за зачудувачки големите општествени, економски, политички и професионални достигања што Скопје ги покажува. Неодамна, во Италија зборував за еден од факторите во сето тоа. Мислев на жените од Скопје. Мислам дека од првите часови на катастрофата, немаше да има успех, без огромниот удел на вашите мајки, сестри и жени. Победата во Скопје, во голем дел е победа на жените, кои со нивната положба, подготвеност, секојдневната помош и залагање, ни помогнаа да го изградиме овој град. Тие не го градеа физички, туку во морална смисла. И, затоа, треба да им бидете благодарни.

Извор: „А“, списание за култура на просторот, јуни 1985

ОкоБоли главаВицФото