Несоодветни споредби меѓу ропството во Америка и животот во Османлиското Царство

04.03.2014 10:44
Несоодветни споредби меѓу ропството во Америка и животот во Османиското Царство

Не ми се допаѓаат „смешките“ во врска со филмот „12 години роб“ што доби Оскар, со поента дека ние сме биле фраери што сме издржале „500 години турско ропство“. И не само затоа што се изговор за користење расистички речник. Туку...

Официјалното ропство на територијата на САД траело од 1620 до 1865 година, два и пол века, а во цела Америка од почетокот на XVI век. Многу слично. Неколку века.

Второ и поважно, ропството на црнците во Америка било многу поразлично од животот на христијаните во Османлиското царство. Да, биле граѓани од втора класа, но за најголемото мнозинство животот бил ист како под Византија или христијанските локални кралства. За тоа време робовите биле буквално третирани како домашни животни, споредливо со живуркањето во концлогорите на нацистите (само со „мала“ разлика дека крајна цел на системот била експлоатација, а не истребување).

Можете да замислите што значи тоа човек да се третира како домашно животно? На исто ниво како да речеме, говедата. Да биде постојано, секој ден подложен или на тепање за да му се всади стравот во коски да не смее да подигне поглед, а камо ли да помисли на слобода. Ако е женско да биде подложена на секојдневно силување. Секојдневно. Секој ден. (Да, исто како на современите жртви на ропството, кои ги присилуваат на проституција.) И така со генерации? Едно 20 генерации.

Да, и под османлиите, како и под христијанските феудалци имало повременото грабање жени и девојки. Сте го гледае Брејвхарт, знаете за „prima nocte“ што веројатно било „нормален“ обичај низ цела Европа. Ама тоа биле исклучоци. Кога ја грабнале Калеш Анѓа се дигнал бунт во цело Мариово. Прашање е колку такви грабања имало надвор од периодите на војни, а колку потоа се романтизирало.

Во Америка робовите немале право на семејство, децата биле одвојувани од родителите, сопружниците меѓу себе, по волја на господарите. Може да замислите каква трагедија било тоа? Колку крв и солзи пролеале тие луѓе, кои биле испограбани од дома, им било забрането да го зборуваат својот јазик, приморани да прифатат туѓа вера (спореди со односот на православната црква, која била интегрален дел од Османлискиот државен апарат), да заборават сѐ.

На југот на САД било забрането со закон да научиш роб да чита, под закана за смрт и за учителот и за ученикот.

И да, робовите и во тие услови се бунтувале. И ако земеме да броиме, веројатно за тие три и нешто века вкупно ропство во Америките ќе изброиме многу повеќе робовски востанија по глава на жител отколку што имало востанија во Македонија. И тоа биле востанија во кои се знаело дека сите активни учесници ќе бидат убиени ако не успеат. Нема сургун, нема апсаана. Прво страшно јавно садистичко измачување за поука на пасивните што ќе преживеат, па сигурна смрт.

Извор: razvigormk.blogspot.com

ОкоБоли главаВицФото