Науката под нацистичка чизма

28.04.2014 11:33
Науката под нацистичка чизма

Предавална во клиниката Шарите, 1929 година

Експерименти во логорите, откази за еврејските професори, принудна работа - во нацистичките злосторства длабоко биле вмешани универзитетите и медицинските институции. Било потребно многу време за да се проговори за минатото.

 

Мориц Боркхарт бил пионер на неврохирургијата. Пол Лазарус, научник кој меѓу првите почнал со истражување на радиоактивното значење. Вилхелм С. Фелдберг, истакнат истражувач на човечкиот мозок. Сите тие некогаш работеле за Шарите (Charité) - берлинска клиника која од 1933 година е означена како еврејска. Во меѓувреме, нивните биографии можеа да се видат помеѓу спомен-обележјата во салите на најголемата универзитетска клиника во Европа. Проектот „GeDenkOrt Charité“ има цел да потсети на ликот и делото на овие важни научници, кои во времето на нацизмот биле отфрлени, вели Карл Макс Ајнхојп, директор на болницата.

„Првичната идеја всушност беше да вдахнеме живот во нешто ново, во некој уметнички проект, во нешто што ќе биде видливо. Истовремено ни беше важно тоа да биде од музејски карактер, нешто што ќе им користи на младите студенти и лекари. Нешто што ќе ги поттикне на размислување, вклучувајќи ја и приказната за тоа како да се стане лекар.“

Соочувањето со минатото сè уште трае

Шарите не е единствена универзитетска институција која систематски го прочешлува своето минато од периодот на националсоцијализмот. Со таа тема на повеќе германски универзитети во 70-тите години од минатиот век се занимавале многу научни работници. Но дури подоцна, во последната деценија од XX век, универзитетите на тој план станаа многу активни. Неизбежно прашање: зошто било потребно да помине толку време? „Затоа што имало личности меѓу наставниот кадар кои би можеле да бидат погодени од тоа. Ретко кој се осмелувал да постави прашања. Значи, станува збор за аспект на проблемот кој укажува дека многумина се погодени од националсоцијализмот повеќе отколку што очекувале“, вели Ридигер фом Брух, историчар од Берлин, кој веќе со години го истражува нацистичкото минато на Германија.

Науката долго време се држеше до легендата дека не се огрешила во време на нацизмот, односно дека не потпаднала под влијание на таа идеологија. Притоа не е непознато дека многу научници во почетокот отворено говореле за своите симпатии кон нацистите. Некои од нив биле и во служба на режимот. На универзитетската клиника Шарите биле изведувани експерименти, вклучувајќи и принудна стерилизација. Здружението на научници Макс Планк прво направи исчекор и во 1997 формираше работна група, чија задача беше да го истражи минатото на ова друштво. „Тоа беше момент на пресврт. По оваа одлука и други институции тргнаа по истиот пат. Меѓутоа, тоа беше нужен след на настаните. До душа, не поради чувство на вина, туку поради сѐ поголемиот притисок од јавноста. Така многумина сфатија дека е подобро самите да покренат неутрална истрага за своето минато“, смета фом Брух.

Најпознатиот доктор на Хитлер - Јозеф Менгеле во Аушвиц (втор од лево)

Удо Шаген е соработник на клиниката Шарите. Тој е историчар, но пред сѐ стручњак за медицина. Шаген ја добил функцијата шеф на проектот „GeDenkOrt Charité“. Токму тој ја осмислил идејата за спомен-обележја во салите на клиниката, кои ќе потсетуваат на вработените што биле отпуштени и протерани по политичките промени во 1933 година. Тој вели дека неговата работа не е завршена и има уште многу за истражување. „Во меѓувреме утврдивме дека имало повеќе од 180 еврејски професори и начуни соработници. Но не успеавме да дознаеме колку од нив на крајот биле отпуштени. Веројатно имало двојно повеќе отколку што официјално се знае.“

Да не се заборави

Уште помалку се знае за судбината на еврејските медицински сестри и персонал. Лекарите и научниците биле во подобра позиција. Финансиските околности на некои им овозможиле да побегнат во странство. Таму почнувале од почеток, што во тоа време воопшто не било лесно, вели Шаген. „Обично доаѓале во земји во кои не им било дозволено да се занимаваат со својата професија. Некои морале да повторат дел од студиите. Често финансиски зависеле и од други луѓе.“

Останатите лекари (оние кои не биле Евреи) немале храброст да се спротивстават на нацизмот. Ретко кој го направил тоа. Уште едно логично прашање: што ги навело на тоа да соработуваат со режимот? Дури и славните германски научници како хирургот Фердинанд Зауербрух и психијатарот Карл Бонхефер ги поддржувале клучните аспекти на „здравствената политика“ на новата власт. Пред сѐ во доменот на принудната стерилизација и експериментите врз луѓе. Фактот дека студентите денес можат отворено да зборуваат за одлуките на лекарите во времето на Третиот Рајх за шефот на клиниката Шарите е многу важен аспект за школувањето, посебно кога станува збор за медицинската етика.

Сведочењето за поигрувањето со етичките норми пред сѐ ќе им послужи на идните лекари како опомена и потсетник на еден мрачен период од историјата, кога дури и угледните научници, спротивно на етиката на својата струка, биле вовлечени во идеологијата на нацистичкиот режим.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото