„Утринско доку-кафе со...“ и „Разговори под смоква“ на „Македокс“

17.06.2014 13:09
„Утринско доку-кафе со..“ и „Разговори под смоква“ на „Македокс“

Гостин на првото Утринско доку-кафе во Младинскиот културен центар беше Матјаж Иванишин, словенечки режисер, студент на легендарниот Карпо Година и автор на документарниот филм „Карпо патник“.

Зборувајќи за творештвото на Карпо Година, чија ретроспектива се прикажува на годинашниот „Македокс“, Иванишин ги објасни сопствената релација кон неговиот професор, но и односот на професорот кон студентите.

„Кога го прашав Карпо Година дали би сакал да направам портрет за него, ми одговори, зошто да не, но условот е да го направиш филмот за мене. Си реков, добро, тоа нека биде првото правило за мене – да направам филм за Карпо Година без Карпо Година. Додека собирав материјали за мојот филм, го најдов филмот „Имам една куќа“ кој никогаш не бил прикажан. Тоа беше појдовна основа за филмот „Карпо патник“. Од фрагментите во неговиот филм тргнав да ги барам локациите што Карпо ги снимал 40 години претходно. Така го направив филмот“, објасни Иванишин.

Матјаж Иванишин објасни и дека Карпо Година секогаш давал некакви правила. Откако го добил одобрувањето да снима филм за Карпо, Иванишин не инсистирал тој лично да учествува во филмот, туку тоа го сфатил како предизвик и како задача дадена од својот професор. Иванишин ја објасни и страста со која Карпо и ден-денес и пристапува на техниката за снимање, со колкава љубопитност и интерес ги користи новите технолошки алатки за снимање филмови. Потенцираше дека Карпо не бил многу засегнат со технолошката промена од филмска лента во дигитален формат на филмските дела, бидејќи го сака филмот како уметност.

„Карпо ги сака сите филмски уреди, и старите филмски и новите дигитални камери, со иста страст се однесува и кон филмската лента и со дигиталните формати“, нагласи Иванишин.

Како професор, Карпо Година бил застапник на неформалниот пристап, бил многу харизматичен и одржувал жив однос со студентите. На неговите часови на предметот „камера за режисери“ можело да се научи многу повеќе за филмската режија отколку на часовите за режија, објасни Иванишин.

На крајот, Иванишин кажа дека Карпо Година со искрена возбуда го проследил филмот „Карпо патник“, кој публиката на „Македокс“ можеше да го види на 15 јуни во Куршумли-ан.

На првото Утринско доку-кафе присуствуваа и студентите на ФДУ, Ана Јакимска и Сашко Потер Мицевски.

Ана Јакимска објасни дека на ФДУ работат според принципите на филмската школа во Лоѓ, Полска.

„Предметот документарен филм како испит го имаме во првата година од студиите и веднаш сфатив дека не е едноставно да се направи документарен филм. Првата работа што се појави како проблем што треба да се разреши е фактот што структурата на филмот може да се смени со секој следен ден снимање и дека многу зависи од главниот протагонист во филмот. Вториот момент е од етичка природа и се однесува на релацијата автор-протагонист. Бидејќи протагонистот емотивно се „соголува“ пред камерата, авторот на филмот треба да одлучи што ќе употреби во градењето на филмската приказна“, рече Ана Јакимска, авторка на филмот „Би се викал Барбара“.

Моментите поврзани со снимањето на филмот „(Вон)земјанинот Ли“ ги разоткри и Сашко Потер Мицевски, кој бил на студии за монтажа, а дипломирал со документарниот филм за штипскиот бездомник кој зборува шест јазици и „комуницира“ со вонземјани.

Првиот ден на разговори „Под смоква“ поминаа со присуство на режисерот Стефан Сидовски – Сидо и неговиот соработник Ѓорѓи Јаневски, кои зборуваа за филмот „Револт“. Точката од којашто поранешниот професор по филозофија, Сидо, тргнал е да го прикаже својот аматерски филм пред група интелектуалци од каде потоа ќе ја шири својата работа. Но, својата прва проекција овој филм ја имал во подрум и со присуство на десетина луѓе кои, како што вели Сидо, „не рекоа ни А, ни Б“.

Со актерска група составена од негови ученици од прва и втора година, што за нив претставувало прво појавување на екран, „Револт“ ја означуваше борбата против постоечката реалност за време на социјализмот, се потсети Сидо.

Иако е познат по својата богата ризница на кратки филмови, тој дури во 2011 година успева да го направи својот прв професионален краток филм.

„Разликата помеѓу професионален и аматерски филм е тоа што во професионалниот филм не се следи желбата на режисерот, туку целта е филмот да се направи механички така што на крајот секој би си ја сработил својата работа. Во аматерските филмови, пак, сето тоа се прави со многу поголем ентузијазам“, рече Сидо.

На прашањето која е поврзаноста на филмот „Револт“, снимен во седумдесетите години на минатиот век, со сегашноста, Сидо вели дека темата на бунтување е универзална и ги спојува минатото време од социјализмот и сегашноста во капитализмот. Она што Сидо го потенцира е дека „никој денес не снима филмови со провокативна тематика како за времето на Црниот бран во Југославија“. Тој додаде дека преку филмот може без никаков страв да се пресмета со сето она што го доживува во државата.

„Единствениот простор каде што сум слободен е филмот и затоа филмот ми е од голема важност, без разлика дали тоа е аматерски или професионален филм“, нагласи Сидо.

Ѓорѓи Јаневски во однос на пораките на филмовите на Сидо разликува три сегменти. Прво, тоа е прикажувањето на времето во кое филмот е снимен и мислите што го воделе тогашниот младешки дух, потоа следува критиката кон системот, и како трет сегмент е стилот на работа, којшто повеќе личи на новинарска работа.

„Утринско доку-кафе со...“, во 10.30 на платото пред МКЦ, и разговори „Под смоква“, во 18.30 во Куршумли-ан, како програмски сегменти на „Македокс“ ќе се изведуваат секој ден до 20 јуни.

Ве очекуваме на „Македокс“, ПРИРОДНО!