14. Македокс носи 75 документарци и над 100 гости

16.08.2023 13:05
14. Македокс носи 75 документарци и над 100 гости

Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс по 14. пат ќе се одржи од 17 до 24 август во Скопје. Мотото е #пресечи (#cutit), а во фокус е монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на 4 локации: Куршумли ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар (МКЦ), Даут пашин амам и новото летно кино во Сули ан.

„Најавуваме богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости, професионалци од документарниот свет“, рече на денешната прес-конференција Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Отворањето e во Куршумли ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“.

Филмската програма e распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.

„Како и секоја, така и оваа година, доста долго време гледавме и ги ‘динставме’ документарните филмови за на крајот да пресечеме и измонтираме програма со околу 75 филмови кои ќе бидат прикажани на МакеДокс. Монтажата како процес на работа и барање на повеќеслојност во филмската документарна приказна е во фокусот на овогодишното издание, а по тој повод и Земја во фокус одбравме да биде Данска. Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот“, рече Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на МакеДокс.

На 21 август, после светската премиера на Сараевскиот фестивал, е најавена и македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ на режисерката и сценаристка Петра Селишкар. Станува збор за најнов документарец на авторка која досега на МакеДокс ги претставила филмовите „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“ и „Бабички на револуцијата“.

На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во жиријата за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Мастеркласовите посветени на процесот на монтажа ќе ги одржат српската режисерка Мила Турајлиќ и хрватскиот монтажер Владимир Гојун на 19 и 20 август во Даутпашин амам. Мастеркласот на Турајлиќ ќе биде поврзан со диптихот документарни филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, кои ќе бидат прикажани во главната програма на 20 август во Куршумли-ан. Инаку, Стеван Лабудовиќ бил личниот снимател на Јосип Броз Тито.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден во 18 часот во Куршумли-ан и сегментот „Ноќни приказни“ со настапи на локални бендови. За време на фестивалот ќе се одржи втората сесија на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм.

МакеДокс во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.

Извор: https://sdk.mk/