1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 12:59
Mинатата недела во Скопје во Македонската академија на науките и уметностите беше одржана меѓународна научна конференција под наслов „Популарната култура – поглед одоздола“. Во фокусот на конференцијата беше популарната култура (читај масовните медиуми) и нејзиното влијание врз јазикот, културата и општеството. На настанот учествуваа лингвисти, културолози, професори од различни области и редица други научно-образовни работници.
На настанот бев неформално поканет да присуствувам, но за жал успеав да отслушам помал дел од настапите на учесниците. Сепак, и толку колку што видов и чув, беше доволно да се разочарам од нивото на кое се третираат овие важни проблеми. Иако е непорекливо искуството, знаењата, дури би рекол и страдалништвото, кај оние кои работат во образованието и се занимаваат со темите кои ги допираат медиумите, сè уште опстојуваат недозволиво голем број „научно-популарни митови“ кои главно служат како средство за рационализација на немоќта да се решат проблемите, особено оние за користењето на стандардниот јазик.
Кои се тие митови? Од спомнатите, само неколку:
Негативното влијание на К-15 врз јазикот на младите
Додека студирав ова беше популарна мантра кај професорите од јазичните факултети, и не ми се верува дека уште е тема за сериозни лингвисти и научни конференции. Очигледно, кога нешто криво ќе се насади, тогаш проблемот продолжува да расте накриво и добива гротескни размери. И додека на малите, рамните и големите екрани владеат ликови како Зорица Брунцлик, Драган Коиќ-Кеба, Сила и Саша Поповиќ, да се обвинува К-15 за лошата состојба на стандарниот македонски јазик е навистина смешно (на незасмејувачки начин).
Јазикот на ликовите на К-15 е рефлексија на разговорниот македонски јазик и на различни локални и регионални дијалекти, социолекти, жаргони и редица други говори, за забава на гледачите (од таму и „хумористична програма“ на нејзиниот опис). Не само што не е проблем тоа што ваквите говори имале (акцент на „имале“) место во медиумите, туку е и прилог кон електронско и дигитално зачувување на богаството на различните говори, дијалекти и жаргони на македонскиот јазик. Каде, освен на Јутјуб и по некој блог, вака автентично ќе останат запишани овие говори? Сигурно не во МАНУ и во универзитетската библиотека.
Аргументот дека гледањето на К-15 влијае младите да не го владеат стандардниот (или-ти литературниот) јазик e како некој кој да ви каже дека не знаете да возите автомобил затоа што имате научено да возите велосипед. Нема „везе“ едно со друго.
Проблемот е од друга природа и далеку покомплексен, а најлесно е да се покаже со прст кон некој Миле Паника. Стандардниот јазик се учи во и низ образованието. Ако младите не го знаат доволно, значи дека потфрлиле учителите, наставниците, професорите и другите кои пишувале четворки и петки наместо да праќаат повеќе ученици и студенти на дополнителна настава, поправни испити и следни сесии. Значи, прво образованието нека си го реши ова.
Потем, секако, одговорна е идејата дека далеку поважно е да се знаат темата и идејата на „Чичко Горио“ од тоа како се пишува сè уште. Образованието нека си го реши и ова.
Што потоа? Македонија го доби својот комплетиран толковен речник по 23 години од независноста и 68 години од државноста. Стручни речници нема доволно. Стручна литература нема доволно. Не се објавуваат доволно книги, студии, истражувања, затоа што читателите го купуваат само Коелјо. И тоа што се објавува од стручна литература и учебници, доволно е само да го купите, не мора да го прочитате, за да положите испит.
Одговорни се новинарите и медиумите на кои им е РАБОТА (значи платени се) да користат стандарден јазик. Но, правилното пишување и говор се далеку поневажни од тоа дали познавате членови на главните партии, колку сте политички подобни или пак подготвени да ја игнорирате совеста барајќи и објавувајќи секакви информации.
И да не редам понатаму, ќе се вратам на метафората со возењето. Ако младите не знаат да возат, проблемот е во авто-школите кои им издаваат дозволи, а не тоа што многу гледаат „Top Gear“ на телевизија. На образовците секако им треба широка јавна поддршка, но мора да се расчисти дека тие се првите и најодговорните и редно е да почнат да се однесуваат во склад со таа реалност.
Апели до субјекти и институции во земјата да се вложат поголеми средства и напори (за подобрување на состојбите со јазикот)
Средствата се секогаш добродејдени и никогаш доволни, но проблем е што во институциите има далеку „понеписмени“ кадри од медиумите (да, можно е и тоа). Решенијата треба да бидат осмислени и зацртани од најодговорните (образовците) а потоа може (и треба) да се побара поширока поддршка. Тоа што по конференции уште се покажува со прст кон Миле Паника не е баш охрабрувачки знак.
Митот за Државата како магично решение за сите проблеми, за жал е длабоко всаден во локалниот менталитет, но и во свеста на образовците. А сè што државата може да испорача е евентуално некоја кампања, што е далеку од доволно. Треба многу работа, и тоа не секаква, туку стручна, долготрајна и макотрпна работа.
Со турските серии се враќаат и турцизмите во македонскиот јазик
Јала јала! Проблемот со турските серии е покомплексен, но најмал проблем, ако воопшто е тоа проблем, е враќањето на турцизмите во македонскиот јазик (ако воопшто се враќаат? Сериите се „махом“ синхронизирани, еве, од Сила немам чуено ниту еден турцизам, а посветено ги следам нејзините потресни страданија). Влијанието на турскиот јазик е главно преку усвојување на зборови, кои се веќе усвоени во граматичкиот систем, така што какво било јазично влијание на турските серии е толку небитно што тоа е смешно (на незасмејувачки начин). Проблемот со турските серии е повеќе социолошки и психолошки, па и идеолошки, додека некаков проблем со јазикот е речиси минорен.
Интернетот е причина за падот на јазичната култура
Интернетот е само платформа за комуникација. Тоа што на него нема доволно јазична култура е одраз на тоа што во реалноста исто така ја нема доволно таа култура. На интернет тоа секако е само повидливо за сите.
Ако има повеќе речници, јазични помагала и литература, ќе се подобрат и состојбите, но вистинското клучно поле за оваа битка пак е образованието. Интернет-едукацијата може да биде само дел од неа, не може да функционира одделно.
Социјалните мрежи се причина за лошата јазична култура
Види го делот за К-15.
Во етнички мешаните општини се случува непочитување и неупотреба на македонскиот јазик
Ова е поширок социолошки проблем и треба да се третира сериозно, но институциите и медиумите засега не помагаат во ова, напротив. Проширената сегрегација, поттикната најмногу од политички и идеолошки причини, влијае врз сè послабата употреба на македонскиот јазик дури и како лингва-франка. Ако политичките елити на подолг рок форсираат националистички политики и тоа е главната формула за освојување гласови, тогаш неизбежен резултат е засилената сегрегација и јазична поделеност на различните етнички заедници. Не е само јазикот жртва, се работи за проблем кој е проширен во сите сфери на општеството и културата, вклучително и популарната култура. Медиумите се само највидлив дел од процесот на јазичната и културнатата сегрегација.
Решението е (привремен) јазичен пуризам
Овде главно се мисли на отфрлање на странски зборови од јазичната норма и користење домашни алтернативи и кованици. За пофалба беше тоа што се спомна и алтернатива за јазичен пуризам (јазично чистотништво), инаку идејата во старт ќе беше контрадикторна. Ова на хартија звучи супер, пардон одлично, но во реалноста, можеме да кажеме само, со среќа! Франција и Германија, па и Хрватска од регионот, на пример, не успеаја, можеби Македонија ќе успее, кој знае.
Клучниот проблем е што динамиката на „чистотништвото“ тешко може да ѝ парира на динамиката на напливот на овие зборови. Многу пореално е да се развијат издржани начини како странските зборови правилно да се усвојат во граматичкиот систем (од изговор, акцент, до употреба во реченици), отколку да се успее во продуцирање (и користење) на домашни алтернативи за секој нов странски збор. Впрочем, колку е веројатно дека за десет години наместо Интернет ќе користиме Меѓумрежа?
Наместо заклучоци
Проблемите со медиумите и популарната култура се сериозни и важни за решавање. Тие сè повеќе ги истиснуваат образованието и влијанието на социјалната средина како најважни фактори за оформување на младите. Бидејќи се работи за проблеми кои се напластуваат подолго време, истите не можат да се решат преку ноќ и потребно е да се вклучат барем главните фактори кои можат да влијаат позитивно. Најважни, секако, се образованието и медиумите, така што подобро образование, повеќе часови, повеќе квалитетни учебници, специјализирани содржини, учебни помагала, обуки, образовни програми, интернет содржини и алатки се единствениот реален начин да се подобрат состојбите, а потоа можеби и решат главните проблеми. Научните дискусии треба да се насочат кон прашањата како да се реализираат овие методи општоприфатени во развиениот свет, а не само да се посочуваат можни или „осомничени“ виновници, и тука да завршат дискусиите.
На јазичарите пак треба да им се помогне во разбирањето како популарната култура влијае врз младите и нивниот јазик (а има други теми, како на пример насилството и говорот на омраза, меѓу другите), затоа што досегашните искуства покажуваат дека тоа е недоволно.
Извор: sead93.wordpress.com
Слики: Boneface