Грб

08.12.2014 10:00
Грб

Цигарите „Партнер“, еден од најуспешните македонски брендови во поновите времиња, изворен резултат на тогаш формираната (и подоцна упропастена) „Македонија табак“, мошне бргу по нивната појава, некаде во 70-тите години на минатиот век, станаа најпродаваната цигара во тогашна Југославија. Освен квалитетот и пристапната цена, значајна улога во нивниот успех одигра и современиот дизајн, можеби најмодерен во тоа време на овие простори. „Партнер“, конечно, беа и првите македонски цигари што имаа свој грб.

И тука некаде почнува нашата приказна. Апокрифната легенда говори дека Лазо Димитриевиќ, генијалниот скопски дизајнер, инаку автор на кутијата на цигарите „Партнер“, го направил и грбот со два лава што потпираат штит на кој се аплицирани стилизирани листови тутун (ставени во негатив). Нацртот на грбот, како што тоа вообичаено се случувало во тоа време, ако бил во прашање толку важен бренд како што се нови македонски цигари (и како што тоа вообичаено се случува во денешно време, ако е во прашање така важен бренд, како што е грбот на Република Македонија) отишол до ЦК на Партијата, а тие во лавовите препознале „пробугарски елементи“ и наредиле да се промени грбот. Дизајнерот, јасно, изиритиран, ги престилизира лавовите во – коњи, само за да ја покаже апсурдноста на одлуката на луѓето во Централниот комитет (или да покаже дека се тие коњи!) и грбот – поминува! Коњите никому не му пречат. Не се ни бугарски, ни грчки, ни српски, ни албански. Само македонски. И така цигарите „Партнер“ добиваат еден од најуникатните грбови во историјата на хералдиката, каде што коњите не се во самиот штит, туку се чувари на штитот.

Секако дека ова не е крајот ни на приказната за грбовите на македонските цигари, а уште помалку на приказната за грбовите. Значи, се менува системот, се менуваат владите и, како што може да се очекува, никого не го интересира грбот на цигарите. Во меѓувреме пропаѓа „Македонија табак“, „Партнер“ не се произведува, но грбот некако опстојува преку цигарите на Тутунскиот комбинат од Прилеп (државна сопственост). Не ме фаќајте за збор, ама во времето на првото ВМРО-ДПМНЕ, значи од 1998, па некоја година подоцна, некому му паѓа на ум дека коњот можеби и не е некој особен македонски симбол, па решава да го замени со истиот оној „пробугарски“ лав на Лазо Димитриевиќ. Ама само едниот коњ. И сега на цигарите на Прилепскиот тутунски комбинат има навистина уникатен грб. Левата страна од штитот ја чува коњ, а десната лав! Добро, во штитот повеќе нема стилизирани листови од тутун, туку тука се наоѓа знакот на Комбинатот, едноставно само споени иницијали Т и К, а над нив има нешто што би требало да биде круна, ама многу повеќе личи на дијадема. Сега, откога е објавено дека „Филип Морис“ го купи Тутунскиот комбинат Прилеп, претпоставка е дека од грбот ќе ги снема и коњот и несреќниот лав, заедно со дијадемата.

Но, како и да е, спојот на коњите и лавовите во македонската понова хералдика како да се репризира со предлогот на Владата за новиот македонски грб. Да ги оставиме на страна (иако никако не треба) начинот на кој што е избрано решението на новиот грб (безмалку тајно и далеку од очите на јавноста), мотивите зошто тоа се прави токму сега (а ги има многу), идејното решение (кое навистина потсеќа на грбот на нашиот источен сосед), небулозното образложение дека грбот бил копија на грбот на некогашниот Советски Сојуз и низа други будалаштини направени околу оваа нова забава за измаченото население, тогаш нема да можеме да се отргнеме од впечатокот дека станува збор за аверс и реверс на она исто ЦК што решавало меѓу коњите и лавовите во некогашното ЦК. Едноставно, тогашните членови на ЦК замислувале дека се лавови што можат да стават коњи онаму каде што не им е место, а сегашните, по оваа аналогија, се коњи кои мислат дека знаат каде им е на лавовите место. Разликата е само во тоа што тогаш решавале за грб на цигари, а денес решаваат за грб на држава. (Што се однесува до мене, цигарите „Партнер“ беа поуспешен и покорисен производ од државата Македонија).

Грбот со лав, до душа не со овој распоред на боите, е наводно земскиот грб на Македонија. Самата придавка „земски“ ја означува земјата на која се однесува грбот, што значи дека тој никогаш не бил државен грб на оваа територија (освен, можеби, под бугарска окупација). Образложенијата дека лавот живеел на оваа територија во древните времиња и затоа е наш симбол се исто така комични: според сите достапни податоци, лавовите изумреле во овие краишта пред околу 10.000 години, односно повеќе од 7.500 години пред појавата на Александар Велики. Круната е, пак, приказна за себе. Имено, првите грбови за ознака на територија се јавуваат во XII век, стотина години по смртта на Цар Самоил, така што навистина не се знае чија круна се слави во државата која е горда со фактот дека ја формирала првата република на Балканот. На крајот на краиштата, ако сè уште актуелниот грб е копија на грбот на Советскиот Сојуз (што не е точно), тогаш овој грб е плагијат на барем десетина држави и којзнае колку градови.

Според дефинициите, грбот е симболичен знак што служи како трајно обележје на некоја личност, семејство, корпорација, установа, територијална единица, држава... Грбот, всушност, е код, амблем, знак на распознавање, а воедно ја има улогата на заштитник на оној што го зел како свој.

Постои цела наука што се занимава со значењето на симболите на грбовите. Јасно, тоа е хералдиката. Според неа, симболите на грбот ги покажуваат карактеристиките на оној што тој грб го усвоил или барем визијата како сака да биде виден од надворешниот свет. Лавот, според овие толкувања значи бестрашност, достоинство, кралска величенственост... Црвената боја означува војничка храброст и великодушност, златната боја дарежливост, додека круната е, нормално, кралство или царство (до душа, кај приватните поседи означува и заштита од кралот/царот и блиски роднински врски со монархот). Не знам во кој дел од овие хералдички толкувања македонската Влада ја препознала Македонија (иако можам да насетам), само претпоставувам дека ќе добиеме уште еден подарок – октроиран грб, како што го добивме на подарок и Скопје 2014.

Иако не е предмет на овој грб, ќе напоменеме само дека коњот симболизира подготвеност за сите видови подвизи за кралот и татковината. Значи, ако јас се прашувам, оној грб од цигарите, со лав и коњ плус стилизирани листови од тутун, веднаш би го предложил за државен. Затоа што, едноставно, сме такви.

ОкоБоли главаВицФото