Уметникот е мртов, да живее креативниот претприемач!

19.01.2015 11:39
Уметникот е мртов, да живее креативниот претприемач!

Леонардо да Винчи е еден од многуте уметници чијшто мецена бил Лоренцо де Медичи

 

Поимот уметност па и самиот уметник и денес донекаде е обвиен со превезот на мистичното. Сепак, уметноста настанува во одреден општествено-економски контекст и во него живее и самиот уметник. Кој е контекстот и како тој влијае на самата уметност се обидува да одговори Вилијам Дересиевич, американски писател, есеист и критичар, во својот текст „Смртта на уметникот - раѓањето на креативниот претприемач“, кој неодамна е објавен во магазинoт The Atlantic.

За да дојде до денешната ситуација, Дересиевич востанови неколку модели на уметници кои се менувале низ историјата и ги стави во однос кон пазарот. Прво уметникот бил занаетчија кој се наоѓал во феудален однос со својот господар. Моделите кои следат од крајот на XVIII век се само прилагодување на стариот модел на модерниот капитализам. Така се јавува уметникот како осамен гениј кој не се оптоварува со валканите работи на пазарот и чијшто однос со мецената е поинаков од неговиот претходник занаетчија, дотолку повеќе што уметникот гениј е високо рангиран во општеството и поставува свои услови.

Илустрација: Жељко Бадурина

По Втората светска војна, со институционализацијата на уметноста, се јавува и нов модел на уметник кој авторот го нарекува уметник-професионалец. Како и кое било друго звање, уметник-професионалец се станува со посетување на школи и универзитети. Тој наоѓа егзистенцијална сигурност на академските позиции, а слободниот дух кој го наследил од своите претходници и понатаму го држи далеку од валканите работи на пазарот. Затоа тука има цела низа институции кои се грижат уметникот да може да ја работи само својата работа - уметноста.

За продажбата, промоцијата, финансиите се грижат галеристите, издавачите, агентите, менаџерите, продуцентите и други.

Иако овој модел на уметник-професионелец и денес е присутен, Дересиевич препознава уште еден нов модел кој се јавува со превласта на пазарот и неговите вредности. Како и меѓу средната класа, така и меѓу уметниците новата ситуација го претвора професионалецот во претприемач. Уметникот како креативен претприемач, како што го нарекува авторот, е лишен од секаква заштита и посредување и како самовработено лице е препуштен на милоста и немилоста на пазарот.

„Институциите на кои се темелеше постоечкиот систем се стеснуваат или се распаѓаат. Професорите стануваат надворешни соработници. Вработените стануваат самостојни хонорарци (или неплатени практиканти)“. Сите се занимаваат со стегање на буџетот: намалување, outsourcing, спојување или колапс. Сега сите би требало да бидат свои шефови, да имаат сопствен бизнис: да бидат свои агенти, да имаат своја марка, маркетинг, продукција, финансии. Претприемништвото ни се нуди како можност. А всушност е неизбежно. До сега веќе сите сфатија дека никој не може да смета на работа.“

Креативниот претприемач на големо ги користи можностите на интернетот. Тука се занимава со маркетинг и дистрибуција, области над кои порано монопол имаа корпорациите и институциите. Дересиевич се обидува да согледа какви последици има тоа врз уметноста. Креативниот претприемач е интерактивен, гради мрежа, се занимава со вмрежување. Не поминува часови и часови над едно дело, туку на собирање контакти. Тоа се одразува и на неговото дејствување. Два дена работи на едно место, одработува проект на друго, се допишува по електронска пошта. Односите кои ги има со контактите не се длабоки. Исто така, кога уметноста станува работа, креативниот претприемач е сестран, се прилагодува на барањата на пазарот и го прави она што се бара. „Она што го гледаме во оваа нова парадигма, било во надворешните односи на уметникот, било во неговите внатрешни креативни можности, е она што се гледа во културата воопшто: длабочината е заменета со широчина“, појаснува авторот на текстот.

Уметничкото дело во таквите односи сè повеќе се изедначува со потрошувачката стока. Дересиевич претпоставува дека таквите односи ќе влијаат и на самото уметничко дело. Тоа ќе стане препознатливо, генеричко, едноставно за разбирање и спремно да го задоволи купувачот. Таквата демократизација на вкусот поедноставено значи дека купувачот има право, а добар уметник е оној чијашто продажба пораснала во последниот квартал.

Илустрација: Жељко Бадурина

Авторот тврди дека не би го чудело зборот уметник наскоро да се замени со зборот креативец, посебно поради неговата врска со светиот збор на денешницата - креативно. „Кога уметничкото дело ќе стане стока на пазарот и ништо друго, кога секој човечки напор станува креативен и секој човек креативец, уметноста повторно станува занает, а уметникот занаетчија“, заклучува Дересиевич.

Текстот „Смртта на уметникот - раѓањето на креативниот претприемач“ можете во целост да го прочитате овде.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото