Апстрактен експресионизам

04.11.2015 13:05
Апстрактен експресионизам

По Втората светска војна човекот во Европа е морално и психички депримиран, во длабока егзистенцијална криза. Она што за европската ликовната уметност била Лирската апстракција во тоа време, во САД е Апстрактниот експресионизам или Гестуалното сликарство. Заеднички именител за сликарството на двата континента е апстракцијата која во голема мера има катарзично-ослободувачки ефект, и за авторот и за публиката. Катарзата, ослободувањето од негативните емоции и песимизмот, е големо прочистување што се случува по големата војна. Една од многубројните жртви на војната бил и лирскиот сликар Wols (Alfred Otto Wolfgang Schulze), за чии мачни страдања сме сведоци преку неговите цртежи со молив и туш во мал формат и сликите во масло. Но болката на сликарот како да исчезнува во неговата поезија!

Во Касус
камењата рибите
карпите согледани низ лупа
морската сол и небото
ме наведоа да ја заборавам важноста
човечка
ме повикаа да му свртам грб
на хаосот на нашите дејствувања
ми ја покажаа вечноста во бранчињата
на пристаништето
кои се повторуваат
а да не се повторат...

Излишно е да се
именува Бог
или да се прави нешто напамет.

Кога пред очите ни се отвора пат кон небото
поединостите го губат своето значење
но остануваат и привлечни.

Секоја поединечна љубов води кон Една
над секоја лична љубов
постои Љубов Безимена.
Личната молитва не е молитва
а молитвата со помалку од два збора
може да го прегрне цел свет...

Во секој момент
Во секоја ствар
Вечноста е присутна
Недофатно проникнува СÈ.
Треба да се знае СÈ да се римува.

Во 1946/47 година се случува прекуокеански синхроницитет во сликарството на Волс и Полок: огромен излив на потиснати агресивни содржини низ чинот на катарзично сликање; разликата е во тоа што кај Полок има експлозија и насилност, а кај Волс имплозија и потиштеност. Волс како директна жртва на војната (германски емигрант во Франција, живеел во логор повеќе години), Полок во САД, каде што немало војна, но имало војна во него, внатре.

Разрешувањето кај Полок се случило откако се повлекол надвор од џунглата на Њујорк, заедно со сликарката Ли Краснер, се скрасил, престанал да пие и започнал мирен живот.

Џексон Полок, во таа идила, го смирува нагонот и преминува кон едно помедитативно сликарство. Започнува танц на платното сега поставено хоризонтално на подот и со голема димензија. Движењето по платното, акцијата, гестот на истурање, капење, фрлање бои, кај него е ритуал кој трае сè додека не се наслика сликата. И обратно, сликата е насликана кога завршува ритуалниот транс. Најдобрите слики од тој dripping се неопислива убавина, танцот на Шива*. Во воспоставеното единство со природата и космосот, во инстинктивниот шамански ритам наследен од ритуалите на Американските Индијанци, низ пулсирачкиот проток на калиграфското писмо, се случува таа експлозија на неверојатна хармонија и енергија.

За жал, кај Полок оваа космичка состојба, не траела долго. Проблемот настанувал кога таа огромна, космичка, енергија, требала да се реализира во неговиот секојдневен живот. Но за тоа е потребен уште подлабок мир, контемплација, проширување на визијата. За жал, тоа не се случило со Џексон Полок, бидејќи, во моментот кога тој стекнал светска слава, веќе го изгубил внатрешниот мир кој му бил неопходен за творење!

Несреќен крај имал и животот на вториот голем американски сликар: Марк Ротко. Неговите слики се огромен излив на „базични“ емоции, чувства, страст. Неопходен е истиот процес (ова го сметам за правило) на враќање на сите тие содржини/бои назад во авторот, затворање на кругот, реализација на уметничкото дело во живот. Сликарството на Марк Ротко е голем психички зафат, кој, нужно, требало да се случува паралелно со преобразба на целата личност (која ќе биде способна да го носи тој психички зафат). Затоа е неопходно хармонизирање на уметничкото дело со животот на уметникот.

Секогаш, кога еден уметник, издвојувајќи се по својата оригиналност, искреност и чистота, како автор и извор на нова духовност, влегува во арт бизнисот, веќе се насетува почетокот на неговиот крај. Двајцата најголеми сликари на апстрактниот експресионизам, гестуалното сликарство и сликањето на полиња, трагично го завршија својот живот. Полок, не многу интелектуален тип, и Ротко, и премногу интелектуален тип, подеднакво не можеле да се носат со искушенијата на високиот модернизам - „арт бизнисот“...

Бидејќи мотото на владејачката парадигма („Капиталот, парите се нашиот Бог, затоа биди паметен во начинот како да стекнеш што повеќе матерјални добра, тоа е моќ, тоа е задоволство, тоа е среќа“) царува во арт бизнисот. А она што е затруено од ова мото, нема живот, нема духовност, крај. „Политиката“ е друга појава покрај арт бизнисот која ја труе уметноста. Но токму таа симбиоза е многу моќна појава денес...

Во американското сликарство на минатиот век интерсна е една појава која успеа да им одолее на сите предизвици на „светските случувања“. Џорџија О'Кифи водена од својата женска интуиција успеа да изгради живот и дело во совршен склад со екосистемот, негувајќи го органското и елан виталот. Таа е феноменален пример кој ја потврдува тезата дека да се живее во Креација и хармонија со природата е единствен вистински излез од духовната криза на современиот човек.

Џорџија О'Кифи, и со својот живот и со своето дело, е образец за следење, икона.

_________________________________________________

* „Танцот на Шива“ во дрипингот е плод на години напорна работа. Полок ја проучувал културата на Американските Индијанци, бил нурнат во симболите и психоанализата на К.Г. Јунг, а во 1928 година, додека бил студент во Л.А., Калифорнија, се интересирал за теозофијата и посетувал лекции од Кришнамурти.

Вака го опишува танцот на Шива физичарот Фритјов Капра, исто така приврзаник на Кришнамурти:

„Едно попладне, кон крајот на летото, седев на брегот на океанот, гледав како брановите се тркалаат еден по друг и го чувствував ритамот на моето дишење кога одеднаш станав свесен дека целата моја околина учествува во еден џиновски космички танц. Како физичар знаев дека песокот, карпите, водата и воздухот околу мене се составени од молекули и атоми што вибрираат и дека тие се составени од честички што заемодејствуваат една со друга, создавајќи и уништувајќи други честички. Знаев, исто така, дека Земјината атмосфера постојано ја бомбардираат роеви од „космички зраци“, честички со голема енергија кои минувајќи низ воздухот многукратно се судираат. Сето тоа ми беше познато од моите истражувања во физиката на големи енергии, но сè до тој момент тие нешта ги доживував преку графици, дијаграми и математички теории. Додека седев на таа плажа, моето претходно искуство оживеа; јас „ги видов“ каскадите од чиста енергија што доаѓаат од меѓуѕвездениот простор во кои честичките ритмички се создаваат и се уништуваат; ги „видов“ атомите на елементите и тие во моето тело како учествуваат во овој космички танц на енергијата; го почувствував нејзиниот ритам и го „чув“ нејзиниот звук и во тој миг знаев дека тоа е Танцот на Шива, индускиот Господар на Танчарите.“

од Тао на физиката, стр.9

(Овој опис е синонимија за танцот на Шива на модерното време.)

Слики:

Џексон Полок, Пламенот, 1938
Волс, Син фантом, 1951
Волс, Цртеж со непознат наслов, околу 1946/47
Џексон Полок во своето студио
Џексон Полок, Сини прачки, 1952
Марк Ротко, Сиграм мурали, Тејт галери, Лондон
Џорџија О'Кифи, Пролетно дрво, 1945

ОкоБоли главаВицФото