Турција не смее да се согласи со понудата на ЕУ

12.04.2016 10:51
Турција не смее да се согласи со понудата на ЕУ

Илбер Ортаили (68) е водечки турски историчар, во својата земја има ВИП статус и харизма на рок ѕвезда. Последново не го сака кога ќе му се спомене, но факт е дека сограѓаните во Истанбул за време на овој разговор воден на јавно место му приоѓаа за да го поздрават и да се фотографираат со него за социјалните мрежи, а некои и го прегрнуваа како маѓепсани. Нему, толкавото внимание во исто време му импонира и му пречи, очигледно му се допаѓа што го почитуваат, но му пречат, вели, во концентрацијата. Во турбулентната Турција неговиот став и тоа како се уважува, никој не го сака за опонент затоа што со елоквенција и храброст во истиот момент го прескокнува соговорникот, слаткоречиво и со насмевка. И, згора на сè, е интересно затоа што во одговорите е непредвидлив.

„Зад мене веќе се многу години лична историја, која е превртлива дисциплина, па бидете внимателни со неа. Со други зборови, моите биографски податоци на различни јазици се разидуваат, што, како полиглот, ми пречи.“

Ортаили е проферор по историја на матичниот Универзитет Галатасарај во Истанбул. „До пред неколку години бев и директор на познатиот музеј Топкапи, а вонреден предавач сум на Универзитетот Билкент во Анкара“, вели за себе. „Потомок сум на семејство кримски Татари, турска етничка група која од азиските степи во средниот век мигрирала на полуостровот Крим, од каде Сталин за време на своето владеење присилно ги депортирал, па така, роден сум во австрискиот град Брегенз, 1947 година. Но, имав само две години кога со родителите, татко воздухопловен инженер и мајка професорка по руска книжевност, се доселив во Турција. Можам да кажам дека сум трилингвален затоа што уште од мал во нашата куќа рамноправно комуницирав на турски, руски и германски. Познавањето повеќе јазици подоцна ми беше добра основа за квалитетно школување, по основното и средно австриско St. George во Истанбул завршив и во гимназијата Ататурк во Анкара, па тука дипломирав политички науки во школата некогаш позната како Mekteb-i-Mulkiye и модерна историја на Универзитетот во Анкара. По постдипломските студии во Чикаго и Виена 1978 година, се вратив за да докторирам политички науки на Универзитетот во Анкара и тука продолжив како предавач, но неколку години подоцна дадов отказ заради несогласување со политиката на Владата кон академската заедница по државниот удар во 1980 година.“

Како вонреден предавач се посветил на работата на факултетите ширум светот, од париската L’Ecole des hautes etudes до Принстон, па најпосле во 1989 година, се вратил на Универзитетот во Анкара како професор по историја и раководител на катедрата за административна историја. „Покрај трите споменати јазици пишувам на англиски, француски и персиски“, вели. „Омилени теми ми се историјата на Отоманското Царство и Русија, а мојата биографија ‘Zaman Kaybolmaz: Ilber Ortayli Kitabi’ на авторката Нилгун Ујсал на полиците на книжарите во Турција се најде пред точно 10 години. Таму можете да прочитате дека сум го пропатувал светот проучувајќи ја историјата од ориенталистиката па сè до – што сигурно ќе ви биде интересно – до славистиката.“

Како познат историчар кој не се воздржува да го каже она што го мисли – дали понекогаш чувствувате страв во Турција денес?

Не премногу затоа што не сум политички активен. Вистина е, често сум остар критичар, но само како еден од граѓаните, со оглед дека не ѝ припаѓам на ниедна партија. Затоа, моето мислење е независно и повеќе натежнува кон граѓанските здруженија, кои ги ценам исклучително. Верувам дека тоа е вистинската структура на демократијата. За жал, силата на турските активисти е сенишна, немаат реална моќ, од две причини, и по нивна вина: членовите се премногу пасивни поединечно, а групно не се гласни колку што би требало да бидат. Знам, делумно имаат оправдување во хроничниот недостаток од финансиски средства, по што не можат да се споредуваат со западноевропските невладини организации. Понатаму, повеќето политички партии во Турција, исто така се речиси немоќни заради, повторно, слични проблеми: нивните членови немаат традиција, туку новосоздадена идеологија, не се доволно работливи, туку само милитантни, а парите што ги добиваат не ги насочуваат мудро затоа што се неинформирани. Затоа, турската опозиција е многу слаба. Им требаат силни и прогресивни автори, истакнати филозофи и уметници со остроумни пораки кои ќе постигнат вистинска експресија, а не ироничен потсмев како досега. Не, ситуацијата кај нас не е нормална и копнееме за вистински партии.

Дали постои образец во бомбашките напади во вашата земја? Минатата недела во Анкара беа убиени најмалку 36 лица, во Истанбул на почетокот од март две жени фрлија бомби на полициска станица, во февруари во напад со молотови коктели во градот настрадаа неколку редакции на дневните весници, на почетокот од годината бомбаш самоубиец со себе во смрт одведе 11 странски туристи, а минатиот октомври во Анкара, со 90 мртви и повеќе од 180 ранети, беше четвртиот во низа слични напади во последните неколку месеци... Каква порака да се извлече од тоа?

Константно не добиваме никакви официјални известувања, што е многу лошо. Најстрашни ми се живите бомби, меѓу кои има и луѓе од странство кои се врзуваат со осигурувачи, па се креваат во воздух и себеси и сè околу себе. Не можам да ги сфатам, тоа едноставно е морничаво.

Мислите ли дека терористите имаат некаква јасна визија, со ширењето страв со кој на одреден начин ја контролираат ситуацијата и ги инспирираат останатите на слично?

Живата бомба доаѓа и дејствува, напаѓачот самоубиец заедно со останатите и самиот себеси се крева во воздух, па не можеме со сигурност да знаеме затоа што го нема повеќе за да посведочи за тоа. Одговорот може да биде на две адреси: терористичките организации кои на најдраматичен начин сакаат да ги пренесуваат своите идеи и Владините безбедносни служби. Сума сумарум, нештата одат во многу опасна насока, тоа не би го декларирал како граѓанска војна, туку како цивилна внатрешна терористичка активност. Се наѕира хаос во кој секој може да стане жртва, граѓаните организираат протести што се идеална мета за терористите, кои и онака се подобро организирани и промислени. Погледнете наоколу, ќе видите колку кај нас има модерно облечени жени, дојденци од сите страни, па и од Балканот, делуваме мултикултурално, но сè уште не сме доволно освестени. Лично не одам на никакви групни собирања, а ги избегнувам и состаноците на јавни места како овој.

Кои се плусовите и минусите на најмноќниот човек во вашата држава, претседателот Реџеп Таип Ердоган, и неговото владеење?

За него нема да зборувам затоа што тој не е личноста, односно темата за разговор.

Дали сакате да зборувате за премиерот Ахмет Давутоглу?

Тој не е првиот човек од Владата кој на своето место дојде на нормален начин во еден повеќепартиски систем, туку го избра и постави лидерот, па заради тоа, неговата моќ, во согласност со тоа, не е доволна за потполно дејствување на првиот менаџер на државата.

Каков е вашиот став за курдското прашање?

Не ги сметам Курдите за малцинство, за нив го користам изразот кој ми е поблизок „volksgruppe“, кованицата на германските социолози. Значи, Курдите се народна група во Турција, а под малцинства ги подразбирам немуслиманските нации, како Евреите или Ерменците. Ако ме прашате за нивните проблеми како признавањето на независноста, поддршката во борбата против Исламската држава и останатото, сето тоа е бесконечно и не гледам решение. Запознав многу Курди од Турција, Сирија, Ирак и Иран, меѓу нив многу колеги интелектуалци со кои прекрасно соработував во областите на историјата и културата, па знам дека страдаат заради својот национален идентитет. Се разбира дека секој образован човек во Турција има свое мислење и поединци меѓу Курдите како свои пријатели, но проблемот не можеме да го симплифицираме, да го спуштаме на наивно ниво, затоа што е посериозен отколку што многумина можат да замислат.

Во моментов многу поголем проблем е вашата соседна таканаречена Исламска држава.

Сирија веќе ја нема и веќе нема ни да постои. Американците веќе претходно и во Ирак дојдоа на недозволив начин, неверојатно е колку се арогантни! На Универзитетот во Чикаго издадоа речник на месопотамскиот јазик, но веднаш покажаа тотално непочитување за таа древна култура. Тоа е чисто лицемерие. Сега го прават истото со Сирија, а сето тоа резултираше со создавањето на Исламската држава, во екот на лудачката идеја на лажговците, игнорантите, илузионистите со фундаменталистички амбиции.

Дали Турција добро се соочува со бегалската криза?

Да. Секогаш може да се направи повеќе, но во дадените околности се снаоѓаме најдобро што умееме. Најлошото што можеме да го направиме е да прифатиме од ЕУ три милијарди евра за нивно згрижување и да ги земеме сите кај нас. Па, никој во својот дом не може да прифати толку гости на неодредено време. Америка е огромна земја, зошто тие не ги повикаат?

Значи, ги сметате САД одговорни за бегалската криза?

Виновни или не, имаме проблем кој треба да се реши. Американците за време на Првата светска војна имаа голем прилив емигранти од Европа, кој го стопираа во текот на Втората светска војна. Многумина се спасија од Хитлер и Павелиќ, од гасните комори или гладта. Затоа, денес не можеме така да ги претставиме затоа што секој во дадената ситуација е делумно виновен, а делумно заслужен.

Затоа меѓу жителите на Турција рускиот претседател Владимир Путин сега е најомразениот политичар?

Ако ги прашавте пред неколку месеци, одговорот најверојатно ќе беше сосема поинаков затоа што во нашата политичка нестабилност постојано се бара нов виновник, граѓаните се заведени од некои манипулативни, креатори на мислења па повторно бараат „добри“ и „лоши“ играчи, со што јас, повторувам, не се сложувам.

Зошто завладеа експанзија на десно ориентирани радикални политички опции во вашата зона, во Европа, во САД...?

Американците се мошне наивни луѓе затоа што се слабо образовани, а во многу нешта се потопли и со поголемо срце од Европејците. Но, имаат голем проблем со неписменоста, заради големиот прилив доселеници кои подоцна не ги едуцираат преку својот систем, а не сакаат да го менуваат. Затоа, не би ги нарекол националисти или расисти, туку, за жал, лаици. Ако мислите на победата на десните парии во Грција, Шпанија, па и Хрватска, сметам дека избирачите гласале така водени од незадоволството од претходните социјалдемократи, а не од национализмот. Да размислуваме како зрели луѓе: иако не се сложувам со комунистите, во споредба со денешните демократски партии кои дејствуваат, беа со многу почесни намери. Демократијата уништи извонреден образовен систем во источноевропските земји, дозволувајќи им на шарлатаните и илузионистите да дојдат до своето, па сега како последица имате растечка невработеност.

Постарите луѓе во Хрватска со носталгија се присетуваат на Турција од времето на Мустафа Кемал Ататурк. Дали и вие го гледате него на тој начин?

Ататурк постигна голем напредок во едукацијата и културата, чие влијание сè уште се чувствува, иако умре 1938 година. Многу направи и за женските права. Сочувствувам со луѓето од времето на Тито, единствениот човек кој знаеше и умееше сите ваши народи и народности да ги држи во иста држава. А, Југославија по многу нешта ќе остане за паметење во историјата. Ако веќе одлучивте да се разделите, штета што дозволивте некои идиоти меѓу екстремистите да ве поведат во војна, наместо сè да се реши мудро по мирен пат.

Труција беше туристичка велесила, шеста на листата најпопуларни светски дестинации со 40-тина милиони гости годишно и приход од вртоглави 30 милијарди долари. Заради бомбашките напади, бегалската криза и рецесијата бројките опаднаа драстично, се проценува на половина, а според некои и за 80 проценти. Дали толкавиот страв на туристите е ирационален?

Потполно ги разбирам затоа што и јас не би одел во земја каде над глава ми виси постојана закана од бомба, особено не на одмор, кога ми треба мир. Но, оној на кого не му пречи напнатоста е добредојден.

Ако сте новинар или сопственик на медиум, како би ги третирале снимките со егзекуции и бомбашки масакри? Дали им помагаме на екстремистите со медиумската промоција? Дали би го сосекле тероризмот кога солидарно би им одредиле „silenzio stampa“?

На тоа ќе имаме одговор кога ќе постои слобода на медиумите. А, во Турција, како и на друго место, весниците се интересно поврзани со капиталот и власта. Медиумските содржини секој ден се на пониско ниво, па умните им се враќаат на книгите.

Дали Хрватска и Турција имаат доволно заедничко наскоро заедно да се најдат во Европската унија?

Не, вие сте католичка држава создадена на традицијата на Австро-Унгарија. Хрватска ја запознав патувајќи во вашата земја на стручни симпозиуми, па преку културата, посетував музеи, разговарав со луѓето кои живеат во заблуда дека денешна Турција е она што го гледале во популарната серија „Сулејман Величествениот“. Реално, таа е земја за каква зборуваме од почетокот на ова интервју, сосема различна. А, историјата како учителка на животот ме научи дека спротивностите се во конфликт. Затоа, од влегувањето во ЕУ имам многу поубави соништа.

18.03.2016

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото