Крајот на „Новиот светски поредок“ и светот по него

23.11.2012 17:21
Крајот на „Новиот светски поредок“ и светот по него

Крајот на „Новиот светски поредок“ е наслов на статијата на Шејмас Милне, уважениот колумнист на британскиот The Guardian. Милне со години известуваше за Блискиот исток, Источна Европа, Русија, Јужна Азија и Латинска Америка, за британскиот The Guardian. Пред тоа, тој работеше за The Economist, а автор е и на бестселерот “The Enemy Within: The Secret War Against the Miners”. Шејмас Милне својата анализа ја започнува по враќањето, летото 2008 година, кога два настани го сигнализираа крајот на Новиот светски поредок. Во август, Грузија (американскиот сојузник на Кавказот) беше скршена по кратка, но крвава војна, откако ги нападна руските трупи во спорната покраина Јужна Осетија.

Бившата советска република беше миленик на американските неоконзервативци. Нејзиниот авторитативен претседател беше прогласен за заговорник на влезот на Грузија во НАТО. И покрај американската инвазија на Ирак, Џорџ Буш тврдеше дека ваков напад на суверена држава е неприфатлив во 21 век. Двојните стандарди на САД стануваа сè повидливи. Кога конфликтот заврши, Џорџ Буш ја предупреди Русија да не ја признава Абхазија и Јужна Осетија. Русија го направи спротивното и ги призна. Милне смета дека тој конфликт претставува пресвртница во меѓународните односи. Американската измама заврши, нејзиното воено влијание беше поткопано во војната против тероризмот, во Ирак и Авганистан. По две децении во кои САД го пречекорија светот, годините на неспорната американска моќ се завршени.

Три недели по војната, вториот, подалекусежен настан се закани кон средиштето на доминантниот глобален американски систем. Кон средината на септември изби кредитната криза со колапсот на четвртата по големина американска инвестициска банка Lehman Brothers, а тоа го фрли западниот свет во најдлабоката економска криза уште од 1930 година. Милне заклучува дека првата деценија од 21 век го затресе меѓународниот поредок, додека 2008 година беше пресвртница. Со завршетокот на студената војна, ни беше кажано дека двете големи политички и економски прашања се решени. Либералната демократија и слободниот пазар триумфираа и тие беа предодредени да го одведат човештвото во нова ера на мирот, слобода и просперитет.

Пророштвото не се исполни. Зборуваа дека социјализмот беше испратен во историјата, но ниту тоа не се случи. Џорџ Буш постариот во 1990 година го инаугурираше „Новиот светски поредок“, втемелен на неконтроверзната американска воена надмоќ и западната економска доминација. Тоа требаше да биде почеток на еднополарен свет без ривал. Регионалните сили требаше да ги свиткаат колениците пред новата светска империја. Историјата, како што рекоа, требаше да дојде до крајот. Ништо од тоа не се случи, САД го проширија своето влијание, но останаа далеку од остварувањето на крајните цели. Помеѓу нападите од 11 септември и падот на Lehman Brothers, дојде до распад на глобалниот светски поредок. Милне заклучува дека два фактори беа пресудни. За време на деценијата со континуирано војување, САД успеаа да ги откријат своите лимити, а не силата на својата воена моќ.

Се сруши неолибералниот капиталистички модел кој владееше со генерации. Далеку пред 2008 година, моделот на „слободниот пазар“ беше под жесток напад: неолиберализмот ја предаде власта на неодговорните банки и корпорациите, додека противниците на корпорациската глобализација предупредуваа на растечката сиромаштија и социјалната неправда, на системот што е економски и еколошки неодржлив. Голем број економисти предвидуваа колапс на неолибералниот модел. Да се оддалечиме од Милне, до познатиот американски геополитичар Збигњев Бжежински. Тој во статијата „По Америка“ напиша: „Ако Америка падне, веројатно со светот нема да доминира еден надмоќен наследник - дури ни Кина“.

Да се обидеме да анализираме што значи тоа. По биполарниот, идеолошки спротивставен свет од 1945-1991 година и еднополарниот свет кој уследи со падот на Советскиот сојуз, се движиме кон мултиполарноста. Русија и Кина уште од 1997 година потпишаа спогодба за мултиполарност, чувствувајќи се загрозени од американската сила. Меѓународната несигурност, зголемувањето на тензиите меѓу глобалните конкуренти, зачестеноста на герилските и граѓанските војни, нестабилноста, хаосот и револуциите, сето тоа се знаци за слабеење на еднополарниот свет. Американската доминација над светскиот финансиски систем, доларот како резервна светска валута и американската контрола на поморските патишта и натаму ги држат САД на позицијата број еден.

Потезите на Русија и Кина, потоа Индија и Бразил, па и Иран, се потези на државите кои ја претставуваат авангардата во воспоставувањето на мултиполарниот свет. Ниту една од овие држави не може сама да им се спротивстави на САД, па затоа тоа го прават здружено. Тоа би можеле да го наречеме соработка на цивилизациите кои се борат против доминантниот американски империјализам. „Триумфот на империјализмот води кон уништување на цивилизациите“, како што напиша Роза Луксембург. Тоа во исто време е борба за што поголема политичка независност, културна особеност и економски просперитет на тие цивилизации.

САД сè повеќе тежнеат својата стратегија да ја прикажат како мултиполарна. Тие ја гледаат и ЕУ како посебен пол, иако во неа имаат разместено нуклеарни боеви глави. Така, американскиот потпретседател Џон Бајден, во Украина во 2009 година одржа говор во кој ја спомнува мултиполарноста: „САД не сакаат да влијаат. Ние се трудиме да изградиме мултиполарен свет во кој нациите со исто мислење создаваат заеднички повод за нашите заеднички предизвици; колку нашите партнери се посилни, толку поефикасно е нашето партнерство.“ Во основа, ова не претставува вистинска мултиполарност, зашто за неа е потребна различност, а не истост или блискост.

Се работи за чисто реторичка промена, со која САД настојуваат да ги прикажат своите сојузници од Европа, Турција, Јапонија или Австралија како независни полови, додека во реалноста тие цивилизации служеа за спротивставување на оние цивилизации кои вистински тежнеат да станат полови во мултиполарниот свет. Тоа го покажуваат и последните трендови: Европа против Арапите во Либија, Турција против Арапите во Сирија, про-американскиот блок на Далечниот исток како противтежа на Кина, Европа и Турција како противтежа на Русија. Тоа се конфликти на цивилизациите во интерес на САД. Вистинската мултиполарност значи вистинска соработка и избегнување какви било цивилизациски конфликти. На примерот на Европа ова значи политичка независност како од Америка така и од Русија, но значи и чесна соработка со Северна Африка, а не експлоатација. Европа не ја следи оваа политичка линија, туку всушност дијаметрално спротивната, политичка зависност од САД, спротивставување кон Русија, експлоатација на Северна Африка.

Зајакнувањето на мултиполарноста со себе носи позитивни и негативни можности. Од изградба на паралелен финансиски систем, до јакнење на спротивставените економски теории на капитализмот, почнувајќи од класичниот социјализам до христијанските или исламските верзии на социјализмот или ограничениот капитализам. Мултиполарноста овозможува поголема независност на цивилизациите и спречување на деструктивната општествена американизација и глобализација по сосема поинаков модел. Да се вратиме повторно на Бжежински. Тој постави прашање: „Како ќе изгледа светот во годините на слабеењето на американската моќ? Многу опасно“, одговори тој.

Најлошото што може да му се случи на светот, со слабеењето на Америка, се можните конфликти кои можат да го предизвикаат тоа слабеење. Овие конфликти би можеле да потекнат и од Америка, за таа на тој начин да ја докаже нужноста на својата посилна присутност. Колку е поголема соработката помеѓу цивилизациите на евроазиската копнена маса, толку е помала заканата од американскиот хегемонизам. Заклучоците на Милне се слични на овие, иако овде се префрлени во едно поинакво подрачје. Неговиот конечен заклучок гласи: „Пресвртите во првите години од 21 век отвораат можност за нов вид глобален поредок и вистинска општествена и економска промена“.

Извор: http://www.advance.hr

ОкоБоли главаВицФото