Изложба на скулптури во МКЦ

05.05.2010 13:45
Скулптура од Христина Марковска

На 06. мај (четврток), во 20:00 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде отворена самостојна изложба на Христина Марковска, припадник на најмладата генерација дипломирани скулптори на Факултетот за ликовни уметности.

Терминот „ГЕРМАН“ се однесува на поимот што го означува дуалитетот на енергијата и материјата, принципот на единство на спротивности што се манифестира во комплексноста на делото како лично видување на спрегата помеѓу науката и уметноста.

Централно место во галерискиот простор ја зазема кружната метална конструкција во чија внатрешност се вградени хоризонтална и вертикална оска со четири фиксирани човечки фигури.

Втората скулптура е изработена како објект со сликарски и вајарски елементи со мотивите на Богородица Одигитрија (Патеводителка) чија симболика се вклопува во идејата за тежнеење кон духовните вредности на животот.

Проекцијата на видеоартот ја заокружува целата замисла во единствена целина со што се придонесува кон дополнителната визуелна убавина на делото.

Изложбата ќе биде отворена до 15 мај.