Тој беше Јас

23.06.2016 11:37
Тој беше Јас

Од денот кога можеа да го распознаваат меѓу другите деца, во него препознаа инает. Беше тоа знак на волја. Мајка му го мразеше тоа во него зашто самата имаше многу волја, инает и издржливост. Таа мислеше дека од нејзе ги наследил тие работи и заради тоа се чуствуваше виновна. Таткото проба да го одвикне преку единствениот шамар во текот на целиот живот, со кој го удостои. Тоа беше толку рано, можеби неговото прво сеќавање. Но тој издржа, продолжи со инает и имаше волја. Волја имаше да живее, инает да ги совлада препреките во животот и да издржи сè.

Сето тоа беше толку разнолико што на крајот можеше да се опише со еден збор: убаво. Но, не! Овојпат беше обратно, една реченица го расипа зборот. Реченица која беше клетва. Клетва која тој мислеше дека ќе го фати, кога-тогаш. Дури и да беше само воздишка никогаш изговорена. Ама изговорена со сите зборови во неа како што излегоа од устата на мајката: женско срце ми сломи, женско срце да те сломи!

Тоа беше кога од дете се стануваше маж. Во тие најраните години. Толку ја запамети реченицата што ја заборави причината. Толку ја запамети и толку се присетуваше на неа што никогаш до женско срце веќе не стигна. Издржа и имаше волја и за тоа. Понекогаш се приближуваше или насетуваше дека му се приближува некое женско срце. Тогаш тој само со скришна воздишка, одговараше. Сè заради клетвата која не беше само воздишка и беше од мајка.

Некогаш му требаше срце женско и толку беше блиску до тоа. Блиску до толку што сакаше да најде начин како да се искупи, да не го фати клетвата. Додека мајката постоеше тој се трудеше да дознае дали има начин таа да ги повлече искажаните зборови. Таа сигурно би го сторила тоа за него, многу го сакаше, па само тој најпосле беше на неа; со волјата, инаетот и издржливоста.

Но, не! Тој никогаш тоа не го побара. Знаеше дека и да се вратат зборовите ќе остане воздишката. Потоа запозна многу умни луѓе, некои од нив беа и мудри. Сакаше да дознае како може да не го фати клетвата. Го запозна и најмудриот. Него дури и ќе го прашаше. Но овој претходно му кажа дека тој знае само за убавите и добрите нешта.

Набрзо тој остаре и не дозна дали тоа е тоа добро и што воопшто е убаво. Затоа и најмудриот не му беше од полза.

На крајот немаше за него љубов и затоа ништо убаво не му се случи. Тој не беше тој, тој не беше таа, тој не беше ти. Тој беше јас.

Слика: Бајрон Егеншвилер

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото