Јапонките во борбата за рамноправност

10.08.2016 11:00
Јапонките во борбата за рамноправност

Мори Томоко (37) е активна жена која се чувствува удобно во својата кожа. Живее во Токио и работи во комерцијалната служба на една голема американска хотелиерска групација. Гордо зборува дека неодамна ја унапредиле и станала менаџерка. „Моето работно време е продолжено значително, но задоволна сум. Мојата компанија ми укажа доверба.“ Неодамна мажена, би сакала да има дете пред четириесеттата година. Сепак, срамежливо ни се доверува: „Тоа би можело да ми ја запре кариерата“.

Изгледа дека Јапонките и денес мораат да избираат помеѓу работата и мајчинството. Госпоѓа Мори се обидува да не драматизира: „Кога би можела истовремено да добивам поддршка од државата и да ги зачувам својата плата и положбата, би можела да имам дете...“ Но, како против својата волја, во истиот момент покажува резервираност и најпосле ја заобиколува темата. Во Јапонија, жената што станува мајка нема многу шанси да ѝ се доверат одговорни позиции: раководителите на компаниите сметаат дека мајките се премногу преокупирани со она што се случува дома.

Статистиката е безмислосна: додека Јапонките никогаш во поголем број не завршувале високи школи, 60 проценти од нив престануваат да работат кога ќе го родат првото дете. За 30 години нивната професионална положба значително се влошила: само малку повеќе од 44,2 проценти од жените имаат стабилна работа со полно работно време, наспроти 67,9 проценти колку што биле со тој статус во 1985 година. Заради споредба, бројот на оние кои работат со скратено работно време молскавично се искачил, од 28,5 проценти во 1985 година на 43,9 проценти во 2015.

Владата на Шинзо Абе тврди дека тоа прашање е еден од нејзините приоритети. На пример, во март 2014 година, го формираше советот за промоција на вработувањето на жените. Уште во април 2013 година, владата усвои „Декларација за активностите на општеството во кое жените брилјираат“ и започна нешто што е наречено „Womenomics“. Целта е до 2020 година на одговорни позиции да има 30 проценти жени. Засега се далеку од таа бројка. Во моментов речиси 64 проценти од жените се работно активни (вклучувајќи го скратеното работно време) наспроти 84 проценти кај мажите. Кога женската вработеност би била еднаква со онаа на мажите, „работната сила би пораснала за 14 проценти“, истакнува Такегава Кеико, главна раководителка на владината канцеларија за рамноправност на половите.

Уште од законот за еднаквост на половите, донесен 1987 година, Јапонките се поактивни во освојувањето на деловниот свет. Нивната стапка на вкупна вработеност во 1985 година изнесувала дури 53 проценти. Но, повеќето сепак заминувале од позицијата кога на свет ќе донеселе дете, а само 11 проценти заземале одговорни позиции.

Женскиот универзитет од Токио во 2011 година спроведе анкета меѓу 5 000 жени за да се сфати зошто се откажуваат од студиите. „Првата наведена причина, далеку најзастапена (63 проценти од одговорите) била недостатокот на деловни перспективи“, објаснува Осава Мачико, директорката на Универзитетот. „Најамбициозни се тие што заминуваат први “. Од останатите причини тука се одгледувањето на децата (32 проценти), кое станало покомплицирано заради недостатокот од места во детските градинки, и негата за стар родител (38 проценти), која често паѓа токму на жената.

Оваа ситуација исто така се објаснува со срамната дискриминација, која резултираше со тоа што Светскиот економски форум ја позиционираше Јапонија на 104 место од 142 земји заради еднаквоста на мажите и жените. Ограничени на пониски работни места, свесни дека, иако способностите им се исти, мажот секогаш ќе напредува прв, жените стануваат огорчени.

Експертката за историска социологија и родови студии на Универзитетот во Осака, Мута Казуе е директна: „Јапонското општество има структурен проблем со презирот и недостатокот од почитување кон жените. Промоцијата на женскиот труд залудно била дел од официјалните политики, бидејќи жените и понатаму едвај се сметаат за полноправни актерки во светот на трудот. А уделот на привремените договори расте и понатаму. (...) Сиромаштијата кај жените претставува сериозен проблем, токму како и злоставувањето.

Мута Казуе веќе низа години ги штити женските права. Во 1989 година поддржала работничка која поднела тужба против колега заради навредливи испади и гласини кои ги проширил за нејзиниот сексуален живот – тоа е првата јавна афера за сексуално вознемирување во Јапонија која завршила со судење. Најпосле, благодарение токму на оваа судска постапка, во јавниот дискурс се вкоренил зборот секухара („сексуално вознемирување“).

Според полицијата, во 2013 година биле пријавени 21 089 случаи, односно двојно повеќе од 2002 година. Според проценките на невладината организација Матахара Нет, една од четири жени е жртва на вознемирување заради планирање мајчинство или затоа што има мало дете. Иако, постои платено породилно отсуство, во реалноста го користат малку жени (17 проценти) затоа што трпат притисок од надредените. Воведен е специфичен поим: матахара, „мајчинско вознемирување“. Стана популарен откако 2014 година една 37 годишна Јапонка одлучила да основа здружение за заштита на жените што го трпат.

Основачката на Матахара Нет, Осакабе Сајаку, работодавачот ја терал да работи прекувремено и покрај тоа што била трудна и имала болки. Притисоците и стресот биле причина за два последователни спонтани абортуси. „Во Јапонија, работодавачите ги прозиваат жените кои сакаат да го искористат правото на породилно отсуство, а колегите ги напаѓаат“, објаснува таа. „Сè додека не се откажат.“ Еден ден по вториот абортус дала отказ и поднела тужба. „Бев многу тажна. Компанијата многу ме налути. Постапуваа со мене како со лажга и се обидоа да ги искриват фактите на суд, додека жртва бев само јас.“

Откако зборува јавно за овој проблем, многу жени се препознале во нејзиното сведочење. Веќе 180 жени ги довериле своите приказни на нејзината невладина организација, потврдувајќи ја зачестената практика на работодавачите: навредливи испади, неправедни откази, итн. Таквиот вид постапување е уште почест во случајот на работничките со несигурни работни места (приближно една од две вработени) како и во одредени занимања: кај болничарките, учителките, негувателките, канцелариските работнички. „Тоа е само врвот од ледената санта“, наведува младата жена. „Секој ден добиваме сè повеќе сведоштва, од сите старосни групи и сектори. Повеќето жени не сфаќаат дека се жртви на вознемирување.“ Во земјата каде не постои „не“, многумина трпат во тишина.

Кога идните мајки ќе престанат да работат, „немаат друг избор освен да ја прекинат својата кариера“, заклучува Осава. „Кога после породувањето сакаат да продолжат да работат, имаат пристап само до несигурни работни места. Нивните способности се поништени.“

Ограничените програми

Владата ги повикува Јапонките да преземат иницијатива, но повеќето од нив не се подготвени. „Имаат способности, но не знаат како да ги истакнат.“ Со оглед на тоа што студирала во САД пред да се врати во Јапонија 1987 година, точно во моментот на изгласувањето на законот за еднаквост на половите, Осава се сеќава на своите први предавања на универзитетот. „Со заминувањето од татковината стекнав самодоверба која многу им недостасува на Јапонките.“

На Женскиот универзитет во Токио постои посебно осмислена програма за поддршка на младите мајки и нивното враќање на работа. „Им помагаме да почнат одново“, објаснува Осава Мачико. „Од 2008 година, 300 жени на тој начин успеаја да пронајдат солидно работно место. Но, не можеме да одговориме на сите барања.“

За да дојде до проблемот за грижа за децата, владата во 2013 година почна да го забрзува порастот на капацитетите за прифаќање во детските градинки. „За две години отворени се 200 000 дополнителни места. Се надеваме дека двојно ќе ја зголемиме оваа бројка до 2018 година.“, тврди госпоѓата Такегава. И покрај тоа, според дневниот економски весник Никеи Шимбун (30 септември 2015), бројот на деца кои би можеле да останат на листите за чекање по завршувањето на програмата се проценува на 23 000.

Исто така, кон крајот на 2015, владата започна акциски план кој се однесува на сите јапонски приватни комплании со повеќе од 300 вработени. Даден е рок „до 1 април 2016, да претстават програма за позитивни акции во корист на жените“, објаснува Такегава. „Нивните напори ќе се следат десет години и, ако е потребно, планот ќе продолжи. Ќе бодуваме, а тоа ќе им овозможи да се вреднуваат на ранг листа“. Нивните идеи „мораат веднаш да се спроведат на дело“. За компаниите со помалку од 300 вработени „нема обврски, но замолени се да ги направат истите напори“.

Иницијативата следеше по неуспехот на една друга програма, започната 2014 година и наменета за истиот вид компании. Програмата ветуваше компензација од 300 000 јени (околу 2 350 евра) за вработена примена на одговорна позиција. Се очекувале стотици кандидатури, заради што биле обезбедени 120 милиони јени. Но, на крајот на програмата, кон крајот на септември 2015, ниедна компанија не пријавила кандидатура. „Паричниот надомест беше премногу мал за ризикот: се бараше да се именуваат жени на одговорни позиции веднаш, но тие прво требаше да се усовршуваат“, објаснува Кавагучи Акира, професор на Универзитетот Дошиша во Кјото и експерт за прашањето на рамноправноста на половите. „Програмата планирана за оваа година ветува многу повеќе. Секој ќе може да смисли решение по сопствена мерка. Кога јавно ќе ги објават своите програми, компаниите ќе се чувствуваат обврзани и да ги остварат.“

Сакума Хидетоши, главен директор на банката Чиба, предводи иницијатива која обединува 27 шефови од компании во кои високо се цени активната улога на жените во економијата. Таа иницијатива, започната паралелно со државната програма, има намера да го разбие мачистичкот имиџ на јапонските работодавци. Од јули 2015 година ги презема следните мерки: им овозможува на жените да го задржат вработувањето модулирајќи или намалувајќи го работното време по враќањето од породилното отсуство (Cross Company); отворање единици за усовршување (Mitsubihsi) или пак парично компензирање за вработените – мажи или жени – кои остануваат на работа во „очекуваното време“ (Johnson & Johnson) нудејќи им симболична сума од дополнителни 50 јени (помалку од 40 евроценти) дневно...

Последната точка би можело да звучи чудно, но во согласност со јапонската традиција вработениот би требало да остане на работното место до заминувањето на хиерархиски надредениот, дури и кога ќе ја заврши својата работа. Речиси 20 проценти од машките работници на возраст од 30 до 50 години работат 60 и повеќе часови неделно. За Кавагучи Акира, клучот на новата динамика лежи во намалувањето на работното време, како за жените така и за мажите. „Просечното неделно работно време е 45 часови, на кое треба да се додадат и десетината прекувремени часови кои се сметаат за задолжителни. Тоа е премногу!“ Госпоѓата Такегава додава: „Толку обемното работно време создава голем замор и му штети на извршувањето на задачите.“

Пофлексибилниот распоред би можел да придонесе за поголема рамнотежа меѓу работата и семејството за мајката, но и за таткото, кој во моментов му посветува само еден час дневно на семејниот живот (во однос на 2 часа и 12 минути во случајот на вработениот француски татко). Сликата на мажот на работа и жената преокупирана со домашните работи и понатаму силно е врежана во менталитетот. Од април 2014 година отсуствата за грижа за децата им се понудени на двата родители и надоместокот е зголемен: 67 проценти од последната плата наместо 50 проценти. И покрај тоа, само 2,30 проценти од татковците го искористиле тоа право (2,03 проценти пред зголемувањето на надоместокот). По раѓањето на детето, во 85 проценти од случаите мајката е таа која ја напушта работата.

Друга пречка за женските кариери е преселбата на сопругот на друга локација или во друг град, кое е нужно за неговото напредување. „Кога Токиец сака унапредување, најпрвин треба да прифати работа во провинција“, додава Осава. „Сопругите ги следат, дури и кога немаат нова работа за себе.“ Подложени на сите тие ограничувања, Јапонките се мажат во најмал број: 5,3 на 1000 денес, наспроти 10 на 1000 во седумдесеттите години. А, таа стапка со себе повлекла и рушење на стапката на наталитетот: 1,42 деца по жена наспроти 2,2 деца во 1970 година. Освен тоа, во Јапонија децата ретко се раѓаат надвор од брак (помалку од 2 проценти).

Госпоѓата Осакабе за тоа вели: за работата на чело на своето здружение во март 2015 година добила Меѓународна награда за храбри жени од страна на Мишел Обама, сопругата на американскиот претседател. Признава дека за време на церемонијата не знаела дали треба да биде среќна или лута заради таа чест: „Оваа награда е наменета за земјите во развој. Како Јапонка, не сфаќав зошто ја добив. А, потоа ја видов светската скала на чие дно беше Јапонија по прашањето за еднаквоста на половите. Тогаш си реков: 'Вистина е, мора да се признае: по тоа прашање ние навистина сме земја во развој'.“

Слики: Kazuya Akimoto

Извор: http://lemondediplomatique.hr/