Од историјата на Светските првенства

24.06.2010 13:39
Од историјата на Светските првенства

Денес, гледајќи ги фудбалските натпревари во Јужна Африка, тешко е да си замислиме дека атмосферата и околностите на средбите од првите Светски првенства изгледале сосем поинаку.

1930, Уругвај: на натпревар без оружје!

Било потребно многу време за воопшто да се одржи првото Светско фудбалско првенство, и тоа дури во 1930 г. Уругвај прифатил да го организира тоа натпреварување. Причината за таквото двоумење била едноставна: во тоа време важело правилото дека домаќинот ги презема сите трошоци за гостувањето на другите екипи. На крајот останала само кандидатурата за Уругвај кој во 1930 г. славел 100 години постоење. Сепак, за многу тимови од европските земји Уругвај се наоѓал многу далеку, па воопшто не ни тргнале на пат. Само мал број европски тимови, меѓу кои и оној на тогашна Југославија, се упатиле кон оваа земја, и тоа со само еден брод! И додека Белгијците трнирале, а Французите играле карти, Југословените изеле сè што имало во кујната. Речиси сите фудбалери видно се здебелиле за тие неколку недели колку што траело патувањето до Јужна Америка. Затоа малку е чуден фактот дека Југословените стигнале до полуфиналето, кога изгубиле 6:1 од домаќините.

Но средбите од првото првенство изгледале поинаку. На последниот натпревар, финалето меѓу Уругвај и Аргентина, судија бил Белгиецот Џон Лангенус. Пред почетокот на натпреварот тој наредил да бидат претресени сите 60 000 гледачи. Тоа помогнало да се спречи страшно крвопролевање – на влезот биле запленети дури 1600 пиштоли и останато огнено оружје.

 

1934, Италија: Мусолини не признава пораз!

СП во Италија станало работа на државен престиж: фашистичка Италија морала да докаже дека е најдобра во светот. Тоа било критикувано дури и од печатот во нацистичка Германија кој констатирал „Суровоста победува!“. Навистина, Италијанците не бирале средства за да стигнат до целта. Во четврт-финалето италијанските репрезентативци го нокаутирале голманот на Шпанија. Натпреварот бил повторен, Италија победила, но само седум шпански фудбалери го напуштиле теренот без посериозни повреди. Дури и судиите сфатиле дека подобро за нив е да соработуваат со „црнокошулашите“ на Мусолини: на полуфиналниот натпревар Италија-Австрија, судијата му ја одзел топката на австрискиот фудбалер кој осамено трчал кон италијанскиот гол.

Во 1934 г. не се обраќало сериозно внимание на договорот меѓу тимовите во кои бои ќе настапат, па така, фудбалерите на Германија во борбата со колегите од Австрија за третото место, на стадионот во Наполи истрчале на теренот во исти дресови – бели маици и црни шорцеви. Гледачите гласно протестирале, па натпреварот бил прекинат. Судијата ги натерал Германците да ги сменат боите на своите дресови, а потоа тие победиле со 3:1.

1938, Франција: шлаканица за Хитлер

Исто како и Мусолини, сега и нацистичка Германија била решителна да ја покаже својата надмоќ во фудбалот. Исходот – целосно фијаско!

Во предвечерието на Втората светска војна политиката влијаела и на СП. Со ждрепката за квалификациските натпревари Германија ја добила Швајцарија, а Австрија ја добила Шведска. Но три месеци пред почетокот на натпреварите, во март 1938 г. Австрија била припоена кон „Третиот Рајх“, па ФИФА морала итно да одлучи што да прави. На седницата од 1-ви јуни било решено дека Шведска е победник, бидејќи Австрија повеќе не постоела, но и без образложение, натпреварот Германија-Швајцарија од Стразбур, на самата граница со Германија, бил преселен во Париз!

Треба да се знае дека нацистичка Германија, гладна за девизи, строго го контролирала изнесувањето пари од земјата. Така, на секој му било дозволено да понесе во странство само 10 марки – износ кој бил премал за пристоен престој во Париз. Од друга страна, од Швајцарија во Париз пристигнувале цели железнички композиции со Швајцарци кои сакале да го бодрат својот тим, па стадионот во Париз бил преполн со нив. Кога се појавиле Германците со кукастите крстови на грбовите, врз нив бил истурен дожд од јајца и домати. Овој натпревар завршил 1:1, а втората средба Швајцарците ја добиле со 4:2.

Поради Втората светска војна, следното СП во фудбал било одржано дури во 1950 година.


Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото