Премиерот Еди Рама и режисерот Џон Вотерс ќе учествуваат на Венециското биенале

09.02.2017 12:39
Премиерот Еди Рама и режисерот Џон Вотерс ќе учествуваат на Венециското биенале

Венециското биенале ги објави имињата на уметниците што ќе учествуваат на главната изложба. Годинава, кураторката на Биеналето, Кристин Масел, поканила 120 уметници, помалку од минатото издание кога учествуваа 136 автори. Главната изложба е насловена „Вива Арте Вива“.

Визијата на Масел за изложбата „Вива Арте Вива“ е таа да се направи со уметниците, од и за уметниците, нагласувајќи ја улогата на уметникот во современото општество.

„Во свет полн со конфликти и потреси, во кој хуманизмот е сериозно загрозен, уметноста е најскапоцениот дел на човекот“, рече Масел.

Таа ја потенцираше улогата на уметноста во нестабилни времиња: „Уметноста е идеално место за размислување, индивидуално изразување, слобода и за основните прашања. Таа е „да“ на животот, иако понекогаш едно „но“ стои во позадина. Повеќе од кога било, улогата, гласот и одговорноста на уметникот се од суштинско значење во дебатите на светот денес“, вели таа.

Според неа, и самиот наслов на изложбата е повик, израз на страст кон уметноста и за уметничката професија. Наместо одредена тема, изложбата „Вива, Арте, Вива“ ќе понуди етапи кои ги одразуваат делата на поканетите уметници и нивниот контекст. Тоа патување, како што го нарече Марсел, подразбира девет поглавја, почнувајќи од двата воведни во централниот павилјон, па преку останатите седум во просторите на Арсенале и Џардини. Секое поглавје претставува своевиден транс-павилјон, со оглед на различното потекло на уметниците, што е своевиден контрапункт на историската организација на Биеналето, во вид на национални павилјони, а чијшто број не престанува да расте од крајот на деведесеттите години.  

Во изложбата се вклучени голем број уметници кои во изминатите години добиле големи институционални изложби и награди. Меѓу нив се Кадер Атиа, добитник на наградата „Марсел Дишан“ за 2016 година; Филип Парено, кој во моментов има голема изложба во „Тејт Модерн“; Анри Сала, кој, во текот на 2016 година имаше голем проект во „ New Museum, во Њујорк. На списокот поканети уметници за главната изложба на Биеналето во Венеција се наоѓа и името на Еди Рама, уметник, кој е премиер на Албанија. Ова веројатно е прв случај еден премиер на влада да учествува на Венециското биенале во својство на уметник. Рама е премиер на Албанија од 2013 година.

Меѓу младите уметници (родени по 1985 година) кои ќе ја добијат својата голема шанса на ова Биенале, се Рејчел Роуз, која влезе во големата игра во 2015 година со нејзиното видео „Сè и повеќе“, изложено во музејот „Витни“ во Њујорк, потоа видео уметницата Агниешка Полска, која имаше претставувања во европските институции и на различни биенални манифестации, но ништо на нивото на Венеција.

Меѓу авторите што веќе учествувале на Биеналето се Џулијан Шарие, чија соработка со Јулиус фон Бизмарк беше претставена во 2012 година на Венециското биенале на архитектура, потоа Петрит Халилај, кој го претставуваше Косово во 2013 година и Акраф Тулуб, чиишто дела се во постојаните поставки на Центарот Помпиду во Париз и во колекцијата на „Дојче банк“, кој исто така влегува во групата на млади уметници. Но, секако, најмлади автори кои се поканети на Венециското биенале се амбициозното дуо, Исаи Родригез и Кетрин Нуњез, родени 1991 и 1992 година. На главната изложба која се одржува во италијанскиот павилјон, ќе бидат претставени и делата на холандскиот концептуален уметник Бас Јан Адер, кој се води како исчезнат од 1975 година, како и на австрискиот уметник Франц Вест (1947 -2012) кој го доби Златниот лав за животно дело на 54-то издание на Венециското биенале во 2011 година.

На централната изложба ќе бидат претставени и групата ОХО и Марко Погачник од Словенија и починатиот Младен Стилиновиќ од Хрватска.

Се разбира, за очекување е да се појават и етаблираните имиња како Олафур Елиасон, Френсис Старк и Аликсја Квејд. Сепак, името што најмногу изненадува на списокот на поканети автори, е Џон Вотерс, американскиот култен режисер, кој се прослави во 1970 година со неговите намерно – навредливи филмови, но кој оттогаш се покажа како мулти-способен креативен чувар на границата помеѓу „добриот“ и „лошиот“ вкус.

57-то издание на Венециското биенале ќе трае од 13 мај до 26 ноември. Во текот на шест месеци, колку што трае биеналето, секоја недела, уметниците ќе ги покануваат посетителите на отворена дискусија и публиката ќе може да разговара со уметниците.

На изложбата учествуваат 85 држави со своите национални павилјони во Џардини (градините) и во Арсенале, како и на многу други локации во Венеција. Оваа година за прв пат учествуваат четири земји: Антигуа и Барбуда, Кирибати, Нигерија и Казахстан (за прв пат со свој национален павилјон).

Од регионот, учествуваат сите земји од поранешните југословенски простори. Претставник на Словенија е Ника Аутор, со проектот „Newsreel 63“, во организација на „Модерна галерија“. Хрватски претставници се Марко Тадиќ и Тина Гверовиќ со проектот насловен „Хоризонт на очекувањето“, а кураторка е Бранка Бенчиќ. Босна и Хецеговина учествува со проектот „Универзитет на катастрофата“ на авторот Раденко Милак, во организација на Музејот на современа уметност на Република Српска. Србија се претставува со изложбата „Енклава – последицата на ваквиот живот“на кустосот Никола Шуица, со слики на Владислав Шќепановиќ, Драган Здравковиќ и Милена Драгичевиќ. Претставник на Косово е Сислеј Џафа, кој живее и работи во Њујорк, а куратор на проектот „Lost and Found“ е Арта Агани.

Претставник на Македонија, пак, е Томе Аџиевски, авторот на скулптурата на Прометеј и на неговите гаќи, дел од озлогласениот проект Скопје 2014. Аџиевски ќе оди во Венеција со дело насловено „Red Carnival“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, а куратор е Бранислав Саркањац. Вообичаено за оваа најголема манифестација на ликовната уметност во светот и годинава се очекуваат голем број придружни настани кои ги организираат разни непрофитни национални и меѓународни институции.