Отворено обраќање до Евроатлантската заедница

13.04.2017 11:00
Отворено обраќање до Евроатлантската заедница

 

ОТВОРЕНО ОБРАЌАЊЕ ДО ЕВРОАТЛАНТСКАТА ЗАЕДНИЦА: EX INJURIA JUS NON ORITUR / НЕПРАВОТО НЕ СОЗДАВА ПРАВО

 

Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), во услови на отворена узурпација на власта по пат на противправни дејства од страна на политичката партија (ВМРО) ДПМНЕ, а со коишто едновремено се руши уставниот поредок на Република Македонија и се врши целосна блокада на институциите, бара помош од Евроатлантската заедница, покрај другото и во форма на примена на исклучително важното правило на меѓународното право: Ex injuria jus non oritur. Имено, сметаме дека овие противправни дејствија не смее да се дозволи да бидат прифатени како легитимни правни дејствија што произведуваат соодветни правни последици.

Една од последиците на ваквата состојба во Македонија е и корупцијата на сите државни канали на дејствување, вклучувајќи ги, а што е исклучително важно - дипломатските канали за дејствување. На тој начин, меѓународната заедница може да биде доведена во сериозна заблуда и покрај крајно исправниот и доследен пристап искажан посебно во периодот по парламентарните избори во Македонија на 11 декември 2016 година. Имено, за жал, забележливо е дека повеќе узурпатори на власта се третираат како легитимни претставници на Република Македонија, можеби со цел да се воспостави дијалог во функција на влијание за мирно разрешување на состојбите. Меѓутоа, тоа, од своја страна, го поттикнува привидот на „легитимност“ на ваквите политички чинители, па тие дури и продолжуваат не само отворено туку и со наводна „убеденост“ да го прекршуваат правниот систем на Република Македонија.

Оттука, сметаме дека е неопходно да укажеме само на најбитните глобални и специфични моменти релевантни од надворешно-политички аспект. Постапките на претседателот Иванов, додека на внатрешен план значат прекршување на правниот принцип nulla poena sine lege или никој не може да биде казнет за нешто што не е забрането со закон (а што е случај со недавањето мандат на парламентарното мнозинство), на меѓународен план значи прекршување не само на демократијата воопшто, туку и на базичниот принцип зацртан во Париската повелба за нова Европа, инаку свечено потпишана од Македонија при нејзиниот прием во ОБСЕ – демократската власт се заснова на волјата на народот изразена на слободни и фер избори; значи не на волјата на една личност, посебно што таа функција (претседател на Републиката) има редица други инструменти ако и само ако се случи навистина нешто противуставно. Казнувањето врз основа на претпоставена, идна вина е дефинитивно противправно и на внатрешен и на надворешен план. А, како што ќе констатира и ОБСЕ Документот од Копенхаген – плуралистичката демократија и владеењето на правото се суштествени во обезбедувањето човекови права и основни слободи. Поинаку кажано, постапките на Иванов, веќе и најпрактично видливо, директно се одразуваат на системот на човекови права и слободи во Македонија. Потполно на иста линија се и постапките на поранешниот претседател на Собранието – Трајко Вељановски.

Меѓутоа, тоа не завршува само на највисоко ниво. Напротив, тоа се одразува и на најконкретно ниво. Затоа, Синдикатот претходно повеќекратно посочи на проблемот со поранешниот министер г. Никола Попоски, кој по завршување на изборите и конституирањето на новиот состав на Собранието, беше избран за пратеник. Согласно важечката уставно-законска регулатива, и посебно членовите 63 од Уставот, потоа 5 и 9 од Законот за пратеници, како и 8 од Изборниот законик, на пратеникот Попоски функцијата заменик-премиер и министер за надворешни работи му престанала по сила на законот со ДЕНОТ НА ВЕРИФИКАЦИЈА НА МАНДАТОТ ПРАТЕНИК (30.12.2016 година). Во оваа прилика укажува дека продолженото прекршување на правото од пратеникот Попоски се одразува на сите нивоа на дипломатско дејствување.

Од една страна, пратеникот Попоски продолжува да дејствува како пратеник во Собранието на Република Македонија, а од друга страна, затскривајќи се зад наводната функција на МНР, продолжува да застапува и претставува чисто партиски ставови пред меѓународната заедница и да го корумпира дејствувањето на професионалните линии на Министерството за надворешни работи, вклучувајќи ги како амбасадорскиот сегмент односно дипломатско- конзуларните претставништва во странство, така и работните структури во самото Министерство. Тука посебно ги имаме предвид примерите на веќе јавно обелоденетото дејствување како партиски претставници на амбасадорот Зоран Дабиќ во Брисел и амбасадорот Звонко Муцунски во Истанбул (инаку со седиште во Анкара), но и постапките на амбасадорот Тони Димовски во Отава или вицеконзулот Горан Трајков во Њујорк, во смисла на користење или истапување пред партиски, наместо државни симболи.

И тоа не е сè! Треба да се има предвид и новововедената практика во Министерството за надворешни работи на дерогирање или менување подзаконски акти со некакви усмени инструкции и сè поцелосно маргинализирање на професионалните структури на Министерството. На тој начин, од една страна не само што се отежнува работата на професионалните дипломати, туку, нарушувајќи го нивниот професионален углед, тие се ставени во крајно незавидна положба. Од друга страна, пак, тоа значи испраќање партиски активисти под плаштот на професионални дипломати да лобираат за „Владата во оставка“ или поточно нелегитимното продолжено останување на власт од политичка партија која го изгуби мнозинството во Парламентот.

Само најнов пример е подготовката на Александар Николоски за упатување на функцијата амбасадор на Република Македонија во Брисел и тоа ни помалку ни повеќе туку за шеф на македонската Мисија при ЕУ!!! Со тоа, не само што се продолжува со привидот на „нормалност“, значи наводна легалност и легитимност, туку и се прекршува базичниот принцип на кредибилитет зацртан и во Виенската конвенција за дипломатски односи. Имено, се работи за нелегитимна власт која надвор од пропишаните процедура определува амбасадор и шеф на дипломатско претставништво. Следствено, ако тој биде прифатен, практично ќе биде прекршен принципот ex injuria jus non oritur!!!

По бројните посети на високи претставници на Европската Унија, Европскиот Парламент и НАТО на Република Македонија и очигледното неотстапување од намерата на македонскиот политички врв во заминување да не ја предаде власта на мирен, демократски и „пристоен“ начин, Синдикатот на Македонската дипломатска служба смета дека е неопходно да се промени третманот кон пратениците кои ги имаат узурпирано министерските позиции, а тоа покрај пратеникот Попоски се и поранешните министри за здравство Тодоров и за култура Канческа-Милевска, но и поранешниот премиер г. Емил Димитриев кој беше поставен за „Претседател на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите“ што само по себе говори дека по објавувањето на официјалните резултати од изборите одржани на 11 декември 2016, со што Изборите се сметаат за спроведени и завршени, тој веќе не е Премиер на Република Македонија. Едновремено, да не се прифатат „пратениците“ што ваквите узурпатори на власта ги упатуваат или сакаат да ги упатат во дипломатски мисии.

Со убедување дека, сè додека лажните министри, т.е. наводната „Влада во заминување“ ја држи извршната власт во свои раце нема да престанат изигрувањата на собраниската процедура и Уставот на Република Македонија, изразуваме надеж и очекување дека Евроатлантската заедница ќе го разгледа статусот и легитимитетот на ваквата, во моментот сè уште актуелна власт во Македонија, и со соодветниот третман кон истата ќе се постави во функција на враќање на правниот поредок во Република Македонија, на надминување на севкупната криза и со тоа и на продолжување на евро-атлантските интегративни процеси на Република Македонија.

 

ИЗВРШЕН ОДБОР
СИНДИКАТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТСКА СЛУЖБА

11.04.2017

 

Слики: Били Даркарт