Две години по Диво насеље: И денес нема одговор што точно се случи во Куманово?

09.05.2017 11:39
Две години по Диво насеље: И денес нема одговор што точно се случи во Куманово?

Деветти мај. За некого сосема обичен ден, за некого ден кога го загуби најмилото. И Македонија загуби осум полицајци.

Ако денес поминете во кумановско Диво насеље веројатно нема да забележите дека токму таму пред две години имаше жесток дожд од куршуми.

Изрешетаните куќи во кои се криеше дел од вооружената група од Косово го враќаат стариот изглед.

Тмурното мирно утро на улиците во Диво насеље носи само една порака, порака за мир и никогаш повеќе да не се повтори.

Но, и по две години случајот нема разрешница: Што се случи во Куманово на деветти мај? Кој ги уби осумте полициски припадници?

Прашање кое најблиските на загинатите ги мачи и стега во душа.

До ден денес нема точна информација како се случи сè.

Да се потсетиме...

На денешен ден во населбата Тоде Мендол, или Диво насеље, се случи вооружен судир помеѓу вооружена група и македонската полиција. Судирот траеше два дена, а епилог од истиот беа осум загинати припадници на македонските безбедноси сили, а 37 беа ранети, додека од друга страна 10 членови на вооружената група беа убиени, од кои 9 беа косовски државјани. Граѓаните беа исплашени и изненадени, а 15-тина куќи беа уништени.

Ноќта на 9 спроти 10 мај, се слушнаа истрели, одекнаа силни експлозии и беше отворен оган кој траеше со часови. Група на вооружени лица се наоѓаше во објектот кој беше предмет на полициска проверка. Акцијата траше и во текот на утрешниот ден, каде во утрнинските часови се слушаше пукање, граѓаните беа евакуирани, а во населбата Тоде Мендол беше прекината испораката на електрична енергија.

Градот го надлетуваа хеликоптери и владееше вонредна состојба. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија тогаш соопшти дека е покрената акција со цел откривање на поголема вооружена група, која според тогашните оперативни инормации требаше да изведе напади на државните институции. МВР тогаш информираше дека информациите кои ги поседува укажуваат дека вооружената група влегла илегално во Македонија, од соседна земја и со помош на свои поддржувачи засолниште нашла во Куманово, подготвувајќи се за идни напади. Истиот извор на МВР наведе дека се работи за „добро вооружена и обучена група за борба во овие услови“.

Официјалните лица на МВР изјавија дека полицајците наишле на жесток отпор на вооружените лица кои ги нападнале со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. Основниот суд во Скопје одреди едномесечен притвор за 30 лица од уапсените во акцијата на полицијата. Според соопштението на Основниот суд, меѓу членовите на вооружената група 18 лица се по потекло од Косово, двајца државјани од Македонија со престој во Куманово, како и девет државјани во Македонија и еден Албанец со престојувалиште во Германија. Поголемиот дел од нив, како што беше наведено во соопштението на скопскиот суд, признаа дека илегално ја поминале македонската граница.

Судскиот процес за случувањата во кумановско Диво насеље започна на 09.02.2016 година во Основниот суд Скопје 1, а вооружената криминална група се товари за сторени кривични дела „Терористичка организација“ од член 394 – а и „Тероризам“ од член 394 -б од Кривичниот законик.

По неколкумесечата истрага Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција во ноември минатата година поднесе обвиненија против 29 лица. Од друга страна, сите 29 обвинети за случувањата во Куманово изјавија дека не се чувствуваат виновни. Според одбраната, случајот треба да се достави до специјалниот обвинител, „бидејќи мотивот, како што велат, не е тероризам, а обвинетите се жртви на некое друго сценарио“.

По петчасовното сослушување, обвинетите ги отфрлија обвиненијата за „тероризам“ и „организација во терористичка група“. На 25.02.2016 со сослушувањето на неколку сведоци предложени од обвинителството во кривичниот суд Скопје 1 продолжи судскиот процес за случувањата во Диво Насеље. Некои сведоци се земени на сослушување од страна на јавниот обвинител. Според изјавите на адвокатите на дел од обвинетите, намерата на обвинителство со овие сведоци била да докаже дека настанот на 9 мај предизвикал чувство на страв и несигурност кај луѓето кои биле во близина на конфликтот.

Судскиот процес е сè уште во тек, јавноста бара разрешница а граѓаните - НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПООРИ.

Извор: Фактор

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет
Општество / Европа / Свет / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото