Заев има три клучни квалитети: концепт, енергија и ресурси!

13.06.2017 17:02
Заев има три клучни квалитети: концепт, енергија и ресурси!

 „Госпон Панче, кад бу вратили бана на трг!?" Немало ден газдарицата да не го праша својот потстанар за судбината на Јелачиќ. Со шепот, со кој се зборува за најтајните работи. На скалите на станот во центарот на Загреб, во раните седумдесетти години на минатиот век. Таа, стара госпоѓа, со некакви усташки корени, врски или симпатии, а тој студент од Македонија. Интересот бил за споменикот на хрватскиот бан што комунистите го демонтирале веднаш по ослободувањето на Хрватска од фашистичкиот режим на НДХ. Од плоштадот кој за нивно време ќе се вика „Трг Републике".

Се сетив на овие анегдотални секвенци од нашите студентски денови во атмосферата во која вмроните се прашуваат, со шепот, како да се загрепски усташи во процутот на комунизмот: кога ќе се врателе на власт!?

Услови за враќање на Груевски

На еден таков тип денеска му реков дека не е неможно Груевски бргу да се врати на власт, но дека за тоа треба кумулативно да се исполнат најмалку три услови:

1. Да не умре пред да се врати на власт.

2. Ако умре пред да се врати на власт, Јово да ја прогласи неговата смрт за неважечка и да го врати случајот на повторно разгледување кај убијците, сеедно дали се тоа вируси, бактерии, карактери и мераци или луѓе.

3. Ако се утврди дека и покрај убедливиот изглед, не е умрен, времето да се забрза со инсталација на моќен сет ветерници за забрзување на времето во Овче Поле.

Само што на получовекот му ги издиктирав овие услови, од Брисел ми стигна транскриптот од разговорите меѓу лидерот на злосторниците во Македонија и комесарот за проширување на Унијата:

Хан: Повелете господине Груевски, што може Европската унија да стори за Вас!?
Груевски: Сакам да се вратам на власт во Македонија.
Хан: Исклучиво во Македонија или може и во некоја друга земја!?
Груевски: Во Македонија и тоа бргу.
Хан: Доообро, чекајте да видам што имаме слободно, опа, еве, знаев дека нешто ќе најдеме за Вас, значи, вака, имаме слободна премиерска фотеља на шест месеци во 2067 година, а во полн мандат од четири години имаме нешто во 5.648 година од новата ера, да ве чекирам или...
Груевски: Па, не е баш близу, но, да, запишете ме за оваа втората варијанта, шест месеци ми се малку!
Хан: Може ли уште нешто да сториме за вас, господине Груевски?
Груевски: Сакам да имам телевизор во чекалната во „Идризово".

Селска пљачка

Ете, драги пријатели, така стојат работите со вмро-дпмне. Нивната злосторничка мисија полека се вообликува во планетарен спектакл кој ако се стави на филмска лента може за Македонија да претставува тоа што е течниот гас за несреќниот Катар: тој широк откос на вмровската коса на стрвот и антимакедонизмот, под која паѓаат милијарди долари и опљачкани буџети на мега-проекти и на канапиња од горгонзола и тартуфи, еднакво како и „ситните" пари на фамилијарните бизниси и касите на селските општини, па тоа е сага која може да трае повеќе од „Коџак" или „Светец" со Тели Савалас, односно Роџер Мур.

Исчезнувањето на таа злосторничка екипа ќе се случи прво во нејзиното извлекување од партиско-политичкиот контекст по сила на приликите, а не поради некакви политички решенија на новата власт, дури и пред судските правореци. Еве, да ги земеме најновите откритија за селската пљачка на канцелариската опрема, на стрвното самозадоволување со лапачки на државен трошок, па до милионските далавери на патните правци Смоквица- Демир Капија и Кичево-Охрид. Секој вмрон, драги мои, со секое дишење, мочање, серење, вртење, наведнување, исправање, седење, патување, летање, бил должен да и прави зло на земјата и на луѓето. Најголемите светски злосторници правеле повеќе пауза.

Веќе денес, без формални одлуки, вмро-дпмне не постои како политички субјект, туку само како субјект кој е во напредната фаза на сопствената кремација. Тој аспект е клучен за рехабилитацијата на Македонија. Ништо не смее да се прави или да не се прави со респект на тоа што тие мислат или се закануваат, со преценување на нивната деструктивна моќ. Мртви се!

Тоа може да биде најголемиот државен празник, мислам смртта на вмро.

Македонското историско нишало веќе е на другата страна од вмровската деструкција. Не само според тоа што имаме нова влада, нов премиер и ново парламентарно мнозинство туку и според општата внатрешна клима и позитивните надворешни перцепции на кои сме изложени.

Клучни квалитети

Заев има три клучни квалитети: концепт, енергија и ресурси! Концептот се темели на внатрешната преобразба на општеството преку рехабилитација на принципите на правната држава и социјалната правда, а на надворешен план преку забрзување на процесите на евроатланското интегрирање кое дефинитивно ќе ги реши прашањата на македонските перспективи.

Енергија проткаена со страст несомнено има и таа енергија ќе станува обновлива и се посилна преку позитивните меѓународни позиционирања кои ќе имаат позитивни и безбедносни и политички и финансиски ефекти и преку сменетата клима внатре, со големата потисна моќ на општествената ориентација кон победникот.

Во овие комбинации се и ресурсите со кои располага Заев и кои не се само финансиски, туку се и психолошки и културолошки. Таа позиција може да ја држи релативно лесно ако продолжи правниот, медиумскиот, политичкиот, културолошкиот и меѓународен процес на греење на вмровската грутка снег, ако во прво време, преку стоп на општата пљачка, се рехабилитираат јавните финансии при непроменети макроекономски показатели, ако се искористи позитивната енергија тие показатели да се подобрат во релативно краток рок, ако ја искористи општата клима да преземе храбри чекори за симнување од дневен ред на измислените и манипулативни прашања за името и идентитетот. И името и идентитетот се во Успехот, господине Заев, а не во Уставот!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат