Како победуваат популистите и кога губат

06.07.2017 11:15
Како победуваат популистите и кога губат

Како сите европски избори да се занимаваат само со едно прашање: „Дали популистите ќе победат или ќе изгубат?“ До мартовските избори во Холандија се чинеше дека популистичкиот бран, или како што вели Најџел Фараж, поранешниот лидер на Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) – „цунами“, е практично незапирлив. Но, тој бран како да се повлекува: по убедливата победа на Емануел Макрон на претседателските и парламентарните избори во Франција наводно преминавме во „ера на пост-популизам“.

Оваа интерпретација на подемот и падот на популизмот страда од недостаток кој често им се припишува токму на популистите – односно, на нивната склоност премногу да поедноставуваат сè. Во приказната за незапирливиот бран се зема здраво за готово дека брегзитот во Британија и изборот на Доналд Трамп во Америка се победи на популизмот, а не на конзервативниот естаблишмент.

Фараж и Трамп секако се популисти, но не затоа што ги критикуваат елитите. Критичкиот став спрема елитите, впрочем може да биде знак за добро функционирање на демократијата и ангажираноста на граѓанството. Она што е карактеристично за популистите се тврдењата дека тие се единствените застапници на интересите на „обичните луѓе“ или „нечујното мнозинство“. За популистите, суштината на изборната трка никогаш не е во соочувањето на спротивставените политики: главни теми на нивните кампањи се корумпираноста, неморалот и суштинската нелегитимност на противкандидатите.

Помалку воочлива и дотолку поопасна е импликацијата дека граѓаните кои не го споделуваат нивното популистичко гледање на „народот“, и оттука политички не ги поддржуваат, не се легитимни припадници на политичката заедница. Да се сетиме на Фараж и неговата изјава дека брегзитот беше „победа на вистинскиот народ“. Дали тоа значи дека оние 48 проценти кои гласаа за останување во Европската унија не му припаѓаат на „вистинскиот“ британски народ?

Друг пример е изјавата на Трамп на еден од минатогодишните митинзи: „Единствено важно е обединувањето на нашиот народ – зашто другите луѓе немаат никакво значење“. Со други зборови, популистите одлучуваат кој е вистинскиот народ, а секој што ќе одбие да им се придружи под нивни услови ќе биде исклучен – дури и да има британски или американски пасош.

Според тоа, популизмот е облик на анти-плурализам. Тврдењето дека „народот“ се крева против „естаблишментот“ не е само неутрален опис на политичките случувања: тоа е јазик на популизмот. Со таквиот опис се потврдува популистичкото положување право на улогата единствени автентични претставници на „народот“.

Вистина е дека луѓето какви што се Фараж и холандскиот екстремен десничар Герт Вилдерс ни одблиску не се во состојба да добијат поддршка од мнозинството на гласачкото тело. Кога политичарите и новинарите лесно признаваат дека популистите ги артикулираат „реалните проблеми и грижи“ на народот, тие покажуваат длабоко неразбирање за начинот на кој навистина функционира претставничката демократија.

Процесот на демократско претставување не е само механичка репродукција на објективно дадени интереси и идентитети. Интересите и идентитетите се формираат динамички, во процес во кој политичарите нудат услуги на политичко застапување, а гласачите реагираат на тоа. На пример, Трамп очигледно успеа да наведе некои Американци себеси да се доживеат како припадници на нешто што би можело да се опише како идентитетско движење на белците. Но, тој идентитет и начинот на кој го прифаќаат луѓето ги дефинира нивните интереси – нестабилни се и подложни на брзи промени.

Претставата за незапирливиот популистички „бран“ беше заблуда уште од самиот почеток. Фараж не е единствениот кој е заслужен за резултатот од референдумот за излегување на Британија од ЕУ. За да успее му беше потребна помош од етаблираните конзервативци како што се Борис Џонсон и Мајкл Гов (сега двајцата се членови на постизборниот кабинет на премиерката Тереза Меј). Исто така, Трамп не беше избран како кандидат на сенародно движење на незадоволната бела работничка класа; пред сè, тој беше кандидат на една етаблирана партија и имаше поддршка од нејзините најистакнати претставници како што се Руди Џулијани и Њут Гингрич.

Впрочем, најважната поука од победата на Трамп е откритието колку партиски е поделена денешната американска политика: 90 проценти од декларираните републиканци гласаа за Трамп. Очигледно, за нив беше неприфатливо да гласаат за демократски кандидат, иако многумина беа незадоволни од кандидатот на својата партија. Десничарското популистичко движење никогаш не ја освоило власта во западна Европа или Северна Америка без соработка и поддршка од етаблираните конзервативни елити.

Оние што тврдат дека со резултатите од изборите во Холандија и Франција е означен преминот во „ерата на пост-популизам“, очигледно не ја согледуваат разликата помеѓу популизмот како полагање право на моралниот монопол на претставување на гласачкото тело, од една, и државните политики – на пример, ограничувањето на имиграцијата – кои ги промовираат популистите во рамки на својата дискриминаторна идентитетска политика, од друга страна. На пример, Вилдерс, кој секако е популист, на изборите во март помина послабо од очекуваното. Но, неговиот главен противкандидат, премиерот Марк Руте, претставник на десниот центар, усвои реторика слична на онаа на Вилдерс и им порачуваше на имигрантите дека можат да ја напуштат земјата ако одбијат да се однесуваат „нормално“.

Руте не стана популист – тој не тврди дека е единствениот легитимен претставник на автентичниот холандски народ. Но, целата политичка култура се помести кон десно, иако гласачите не дадоа прописно демократско одобрување за таквото поместување. Изгледа дека популистите победуваат дури и кога формално губат, зашто конзервативците им препишуваат нивни рецепти.

За каква динамика станува збор можеше да се види од примерот на последните избори во Британија. Тереза Меј распиша предвремени избори во момент кога истражувањата на јавното мислење покажуваа дека конзервативците водат со разлика од 20 проценти, сметајќи дека може да го елиминира УКИП на Фараж така што ќе го копира. Успеа, но патем оддалечи бројни гласачи со трамповската реторика и изјавите дека е последен момент Британците да се обединат под нејзината „силна и стабилна“ влада.

Како што истакнува Даниел Зиблат од Харвард, за консолидација на демократиите во Европа отсекогаш било пресудно однесувањето на конзервативните елити. Во периодот помеѓу двете светски војни, кога конзервативците се определија за соработка со авторитарни и фашистички партии, демократијата исчезна. По Втората светска војна, одлучија да се држат до правилата на демократската игра дури и кога тоа не им одеше во прилог на нивните конзервативни интереси.

Секако, нашата ера не може да се спореди со меѓувоениот период од 20 век и денешните популисти не се фашисти. Но, тогашните лекции не го губат значењето: судбината на демократијата зависи од ставовите на етаблираните елити исто колку и од предизвиците кои ѝ ги упатуваат незадоволните аутсајдери. Оние кои соработуваат со популистите – или ги преземаат нивните идеи – мораат да се повикаат на одговорност.

Илустрации: Patrick Chappatte

Извор: https://www.project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото