Четиригодишен курс за уништување на Македонија

27.07.2010 14:48
Четиригодишен курс за уништување на Македонија

Не им верувам повеќе на рејтинзите! По четири години анкетен фетишизам кој ни го наметна власта, не мислам дека анкетите повеќе се во состојба да го опишат духот на една земја.

Дури и кога се негативни, никогаш го немаат сензибилитетот, а всушност, ниту треба да го имаат, за вистинско пренесување на човековите состојби и за претставување на реалноста на една земја. Недостатокот на сензибилитет, пак, доаѓа од самите нас, од нашата лична апатија, па така, сигурно таа апатија нема да ја излечиме со неколку бројки.

Посебно не кога бројките и се наштелувани. Како е можно - премиерот го креира јавното мислење, потоа го испитува и, на крајот, тој заклучува дека неговиот легитимитет се мери само според личниот рејтинг. Всушност, изборите кај нас се претворија во скапа финална анкета каде се очекува луѓето да го заокружат она за што така добро се извежбани.

Можеби, некого ќе го збуни овој мој почеток, но немам никаква намера да се занимавам со анкетите и со рејтинзите, напротив, ова е само еден пример за контрадикторно општество. Општество каде обични помошни инструменти и алатки стануваат главни средства за манипулирање, додека важните и реалните состојби се потчинети на тотална незаинтересираност или закржлавување.

Ретроспектива

Ќе ги видиме или барем ќе се обидам да ги споменам некои од најголемите заблуди во овие четири години. Една мала ретроспектива, една тажна ретроспектива која ќе нè потсети како живеевме и како живееме денес, какви можевме да бидеме, а во што всушност се претворивме. И нормално, сетоа тоа без анкети, рејтинзи и разни статистички помагала. Едноставно, од срцето и од душата, од длабочината на нашето битие.

Некогаш е најдобро е да се слушнеме самите себеси и да му се потчиниме на тоа некое примордијално рацио, бидејќи еволуираното е потиснато и да го послушаме тоа што го чувствуваме длабоко во себе, а што посебно можеме да го почувствуваме околу самите нас.
Постои една сензација која доминира над сите останати и поправете ме ако грешам, тоа е сензацијата дека не ни почнаа, а веќе завршија нашите убави времиња.
Звучи контрадикторно и навистина е, но, таквата е нашата судбина, на измешани емоции.
За волја на вистината, постоеше еден момент, некаде во блиското минато, неколку години по конфликтот, каде и покрај сите контрадикции, имавме некаква позитивна визија за нашата иднина. Имавме неколку стабилни точки на кои можевме да се потпреме и кои будеа надеж.

Успеавме без премногу болка и крв да ја прифатиме и санкционираме реалноста на мултиетничко општество и тоа беше повод за голема мотивација и гордост. Ја живеевме реалноста и институциите ги моделиравме според неа. Нема нешто поголемо од тоа што една земја може да го направи за себе. Имавме предизвик и испливавме.

Институции

Денес, институциите се безгласна буква, гнасни и глуви ходници, преплавени единствено од партиски војници, диригирани апаратчици, луѓе кои фигурираат, но не регулираат. Сè постои како и порано, но денес нашите институции немаат повеќе свој живот, робови се на тесно и фамилијарно раководство, постојат само за изрекување на некаква санкција. Нашите институции никогаш не биле пример за егзалтирање, но денес не постои причина зошто постојат, не нудат никаква сигурност, немаат никаков авторитет, освен авторитетот да не прават, да контрираат, да забошотуваат.

Понатаму, во блиското минато, бевме во период кога другите стратегиски определби ги спроведувавме кохерентно и принципиелно. Бевме во зенитот на нашата меѓународна позиција, почитувани и пријатели со сите, решени да водиме реална политика која ги запазува нашите интереси. Напредувавме кон сите меѓународни институции, во воздух се чувствуваше дека за неколку години ќе бидеме дел од едно поголемо, побогато, посигурно семејство. Денес, сето тоа го заменивме со убава колекција на митови, на лажни херои и проблеми кои само ни помогнаа во изолирање и оддалечување од довчерашните пријатели. Направивме сериозно опасна размена, иднината ја заменивме со минатото, сомнежот и волјата со заблуди, реалноста и работата со митови и самосожалување. Никогаш во историјата на нашиот регион, освен можеби со распадот на Југославија, една земја не фрлила, не уништила, самосвесно не се откажала од толку многу, за да добие толку малку, за речиси ништо, за сопствена штета.

Демократија

Трето, во блиското минато, живеевме демократија, не којзнае каква, но беше демократија. Секоја личност живееше слободно, избираше слободно според своите лични убедување и никој не мораше да живее со некакви стигми дека е предавник или кодош, дека е антички или словенски Македонец. Едноставно, беше почитуван основниот принцип на слободно општество, со слободни луѓе, без индоктринации, без мешање на државата во личните права и слободи беше запазено.

Просто кажано, можеше да не ти е гајле за ништо и да бидеш среќен, да знаеш дека нештата одат напред, дека некој мисли. Денес имаме толку многу гајлиња и стравови, што немаме време за слободата, таа е виша состојба за совесниот Македонец денес. Сега сме робови на туѓи и наметнати паранои, следбеници на илјадници разни заблуди и небулози. Денес сме уморен народ, народ кој нема што да даде, кој мора од почеток да се избори за својата слобода и да ја стигне политиката, која премногу е напред, премногу се оддалечи од народот. Навистина, убавите времиња не се нашите времиња.

Не ми е толку важно дали власта постојано ќе нè краде или ќе нè манипулира, сè додека не си подигрува со самата држава. Тоа што е клучно за една држава е политиката да не си подигрува со нејзините стратегиски и долготрајни определби. Македонија како држава својата стабилност и својот напредок ги базираше на три основни столба. Тoа се, напредокот на демократијата во земјата, кохерентната надворешна политика и меѓународна позиција на државата и одржувањето и унапредувањето на меѓуетничките односи. Секој од овие три столба е подеднакво клучен за стабилноста и напредокот на земјата. Доволно е еден да се сосече и притисокот врз останатите два веднаш се чувствува. Проблемот денес е што премиерот и власта систематски ги поткопуваат сите три стожери на македонската државотворност. Македонија наместо држава која сигурно стои на здрави нозе, која знае да згази цврсто и да чекори напред, денес лебди помеѓу несигурноста и бесперспективноста.

Споредби

Можеби најболното нешто е кога ќе се направи споредба. Споредба со светот, со Европа, со нашите соседи. Бевме лидер во регионот, земја која од година во година правеше нешто ново и постепено напредуваше. Денес сме последниот вагон, дури би рекол дека сме откачен вагон кој оди во спротивна насока од локомотивата. Неверојатно, но и земјите кои изгледаа како да се со ѕвездени години зад нас, нè престигнаа. Не постои поле, параметар, ставка, во која не сме убедливо последни во регионот. Доживуваме таква политичко-економска регресија, која во случајот да беше позитивна, поради своите размери, ќе бевме прогласени за економско чудо, за регионален лидер. Наместо тоа, во 2010 година мораме да се помириме со реалноста дека допрва ги прележуваме болестите кои нашите соседи толку болно и мачно ги пребродија. Но, грешките постојат за нешто да се научи и јас верувам дека оваа грешка која денес ја живееме или ќе не убие или ќе не направи толку силни, да никогаш повторно нема низ ова да поминуваме.

Но, најстрашно од сè е нашата духовна и морална регресија. Колку е во право Никола Гелевски и многу други кога проблемот повеќе не го гледаат во пирамидата, во врвот кој нè уништи. Најголемата грешка и нешто што никогаш не смееме да им го простиме на ВМРО е што нивната конструкција, нивните болни идеи, нивната параноја ја всадија кај народот. Денес немаме џелат, џелатот сме самите ние и нашата поделеност е таа која ќе нè уништи. Бубачката на раздорот и поделеноста длабоко навлезе во нашето битие, уништувајќи го здравото ткиво, здравиот разум, правејќи нè робови на една погрешна логика, на емотивноста и на расипаноста. Пред нашите очи се менува моралниот основ на цела една земја, а со тоа се менуваат и самите причини, самата вредност на тоа зошто треба да живееме како заедница. Подемот на јавната корупција, безбројните малверзации со кои се навикнавме да живееме, газењето на секое право, на секоја слобода, ѕидот на бесперспективноста, се само дел од нештата кои говорат за една квалитативна промена која во својата срж знае само за разединување, за дисолуција, за конечно разнебитување на македонскиот народ.

Заминување

Многумина го поставуваат прашањето, какво ќе биде заминувањето од власт на Груевски и многумина навестуваат насилни сценарија. Ниту јас не сум многу далеку од таквите размислувања, но сакам да потсетам дека некогаш и најголемите диктатори, најголемите националисти и популисти, оние кои со крв и малтретирање го карактеризирале своето владеење, потоа паднале и си заминале на најмирниот од начините.

Тоа што мене повеќе ме загрижува е дека заминувањето на овие штетници нема да го смири народот, нема да го сплоти, напротив, ќе го остави и понатаму разделен, разнебитен, со разорен идентитет и емоции. Дури тогаш на повеќето ќе им се отворат очите и сликата што ќе ја видат, ќе ги направи особено гневни. Ова сега што го живееме не е гнев, ова е предавање, апатија, морално и интелектуално проституирање. Но, нештата кај нас нагло се менуваат и акумулацијата која е преполна, мора порано или подоцна да се испразни.
Нашата мисија воопшто не завршува со падот на Груевски, напротив, тогаш само почнува.

Денес Македонија е како големо море, кое како што реките имаат бројни притоки, тоа има различни струи. И тоа е во ред, но денес немаме брегови, ги срозија, а нашите брегови се нашиот идентитет. Слободно пловиме во хаос од разлики и несогласувања. Оваа метафора ја претставува разликата помеѓу Единството и Разликите, помеѓу Целината и Делот, помеѓу Единството и Поделбата. Тоа е однос кој заедно со антиподите од типот левица/десница, пријател/непријател, внатрешен/надворешен се на некој начин конструктивен дел од политиката. Таква е државата, претпоставува разлики кои нема да и’ наштетат на логиката на единство, сè додека поделбите не ги срозат корените на целината. Проблемот е кога постојат разлики, но на нив не им се дава реален живот, не им се дава простор конструктивно да се развиваат и решаваат.

Тоталитарните партии како ВМРО не ја разбираат контрадикцијата, дека токму со нивната догма за обединетоста, за една вистина, токму поради нивната нетолерантност на разликите, тие всушност придонесуваат единството во Македонија да биде невозможно. Разликата е демократија. Никој никогаш не ја негирал различноста на ВМРО, на нивната идеологија и нивните големи заслуги во независноста на Македонија. Но денес, тие не ја почитуваат различноста на другите, на останатите кои поинакво размислуваат. Уште повеќе, нивната нетолерантност и нивната различност се претворија во уништувач на целината. Нивните идеи, митови, заблуди истегнати до апсурд, го заменија реалниот живот, се скараа со секојдневието и со најреалните потреби на земјата и луѓето. Истото важи и за нашите стратегиски определби кои беа срозени и заменети со примитивен популизам. Останува заклучокот дека ВМРО не успеа да се реформира, дека не успеа од движење да се трансформира во одговорна партија која знае да владее за доброто на сите.

Напротив, доблеста што ја имаа како движење ја изгубија еднаш како владејачка партија, сега ја губат по втор пат. Трет пат мислам дека не заслужуваат. Како партија тие дегенерираа, се трансформираа во банда која намерно е насочена кон конфликтуалност, кон клиентелизам, кон грабање на сè и сешто, кон удирање нож во грб, кон загрозување на единството, кон потценување на ефикасноста, на адекватноста и меритокрацијата, која директно работи против препознатливоста на сопствената партија, а со тоа и кохерентниот карактер на македонската држава. Го видовме тоа во минатото, го гледаме денес, ги чувствуваме последиците и тие само ќе растат преку ширењето на нивната анти-политика. И нема формула со која можеме да ги научиме или кого било да го научиме еднаш засекогаш кој е добриот сооднос помеѓу партискиот живот и плурализмот, помеѓу делот и целината, помеѓу единството и поделбата. Политиката, повеќе од егзактна наука е и уметност, а ВМРО се покажаа како најобична банда промотори на кичот.

Политиката е уметност затоа што таа има повеќе потреба од сензибилитет и од внимателност отколку од прости калкулации. Политиката се занимава со комплицираноста на животот, од која, пак, произлегуваат сите можни разлики, а од разликите произлегува демократијата. Кој тоа не може да го разбере, подобро е да не се занимава со политика.

Прагма

Мора еднаш за секогаш да се порази и разглоби катастрофалната прагма и идеологија на ВМРО. За да се дојде до помирување меѓу Македонците, мора заедно да се изнајде еден нов општествен договор, да се стави мир над минатото, да се разбере духот на времето и да се почне со нова визија, овој пат, вистински обединети.

Тоа што мислам дека досега го постигнавме е да го разглобиме функционирањето на владејачката партија со сите свои неадкватности. Мислам дека ВМРО за мнозинство од народот се апсолвирани, разбрани и сфатени како штетен елемент. Сега останува борбата за конечно надминување на таа штетност, за ослободување од стравот и за нова политичка понуда и акција од страна на опозицијата.

Анти-политиката се победува единствено преку политика, преку позитивни политики и решенија, преку реформистички пристап, кој ќе работи во согласност со народот, а не против неговите интереси. На опозицијата и’ требаше време, и’ требаше време да се консолидира, да застане на здрави нозе за нешто да може да менува. Сега, кога тој исчекор е направен, нема друга опција, не постои друг начин освен опозицијата да дејствува, да нуди реални решенија и програми и да го исполни вакуумот на анти-политиката со политика.

Политиката на опозицијата не смее да му абдицира на груевизмот, нема логика да го победува со неговото оружје или да остави и да чека тој да стигне до политичко самоубиство. Опозицијата нема право на таква неодговорност и нема право на реваншизам. Една од причините за подемот на Груевски е или затоа што на левицата и’ одеше толку добро и создаде здрави основи за мирно менување на власта или, пак, и’ одеше толку лошо што самата го донесе аутсајдерот Груевски на власт. Левицата денес има право само на едно нешто.Тоа е совесно да работи и да влезе во фазата на политичка понуда. Луѓето сè уште се скептични, постојано ги повторуваат тие досадни флоскули дека и да се смени власта сè ќе биде исто. Нема да биде и не смее да биде исто. Како што десницата не заслужува трета шанса, така левицата нема право третата шанса да ја прокоцка. И тука не зборувам за фасадниот морал, зборувам за вистинско етичко ресетирање, каде тој што ќе згреши ако не се самоказни, треба да биде казнет од повеќето. Доста беше и од мангупи и од дебели вратови, доста е од сезнајковци и од луѓе кои изгинаа за партијата. Откако ќе изгинеш за партијата, треба да се изгине и за државата. Левицата мора да стане модел, да биде промотор на здравата логика. Ниту имаме повеќе време, ниту имаме ресурси за поинаку, ниту пак луѓето се во состојба да поднесат уште едно разочарување.

Затоа од ветувањата и празните најави на кои нè навикнаа, треба да ја победиме анти-политиката со факти кои можат да се верифицираат. Со решенија и позитивни, практични политики. Доста ни е од референдумски лидершип, доста ни се идентификации со сличниот, доста ни е од човекот кој прави нешто единствено на екраните. Ни требаат високи цели и приземни практични политики, ни требаат здрави модели и работливи луѓе, меѓу луѓето, а не далеку од истите. Новата десница во Македонија испадна медиумско популистички проект со катастрофални последици. Новата левица ја има шансата не само да го смени тоа, туку и да ја сруши десничарската теорија и пракса на лесен режим, нешто што критички треба да се разглоби дали воопшто режимот може да биде лесен. Како се демонтира таквиот анти-систем?

Приоритети

Прво, со рушење на приватизицијата на целото општество, приватизирањето на политиката, монополизирањето на финансиите и на одлуките. Државата е нешто јавно, нејзината судбина мора да се врати на луѓето и на јавните политичари, оние чие дејствување е подложно на контрола и на верификација.

Второ, мора да се сруши недемократичноста која се воочува во секоја институција, во секое тело, во секој политичар од десницата. Власта не може да биде диктатор, судството не може да биде џелат. Парламентот наместо претставнички дом се претвори во владеено тело, во продолжена рака на власта. Денес парламентот е аполитичка институција.

Кризата на левицата настана токму од овие анти-политички процеси, каде претставничката демократија се замени со владејачка демократија или демократија на власта. И тука би го надоврзал последниот случај или инцидентот во Собранието.
Нема подобар доказ од тоа како власта го сфаќа парламентот како своја куќа, свој домен, како сервис за манипулирање, наместо како заштитник на граѓаните.

Не е проблемот само во узурпацијата на власта. Колкава само е патетиката во инструментализацијата на власта. Каква е таа власт која одбира да прави притисоци со тоа што ќе одглуми жртва. Власт која демонстрира сила со тоа што ќе испадне послаба од политичкиот противник. Која во дејствувањето на опозицијата, а не во постапките на одговорниот и тој што ги има конците на моќта, односно самата себе, ќе бара узурпатор, дестабилизатор, ќе ги претставува како востаничка тајфа, анти-уставна, анти-државна и анти-легалистичка.

Која е таа власт, чии пратеници поради 100 стечајци пред парламентот излегуваат од законодавниот дом преку подрумот, како кукавички банди кои откако се опустошиле, сега се кријат од топлиот катран и пердувите. Сево ова говори многу за нивната ментална состојба. Па, што ќе прават ако излезат 10.000 или 20.000 луѓе на улица, пред парламент, пред влада?! Власта си ја има мувата на капата, сами си знаат што направиле и што ги чека. Затоа и се плашат. Затоа и вака панично реагираат.

И колку повеќе панично реагираат, толку повеќе ќе влегуваат во контрадикции, толку повеќе ќе се преставуваат како спротивно од сè она што биле во овие четири години или што ментално отсекогаш биле.
Почнав со контрадикции и ќе завршам со контрадикции. Тешко е да се избегнат, затоа што не постои поле во Македонија каде нема контрадикции. Еве уште еден пример.

Кукавичлак

Телохранителите и силеџиите на Груевски и на братучедот убиваа луѓе, делеа шлаканици и тупаници, секој знае за нивната насилна и агресивна егзистенција, а нашиот премиер наивно си се прашува, каков е тој човек кој удира друг човек. Што ли тој човек мисли? Колку христијански. Колку патетично. Колкава желба да се глуми жртва. Секогаш ме фасцинирал моментот на апсурд, кога агресорот, узурпаторот, диктаторот, натрапникот, одеднаш ќе сфати дека единствен спас му е да се измеша и идентификува со оние кои до вчера ги малтретирал, со ние кои крв поплукале, со неговите жртви. Но немојте ни случајно да ве зафати некакво сентиментално сожалување, тоа всушност и се чека, за во првиот момент кога ќе го спуштите гардот, бодежот повторно да ве удри по слабината. Таков е стилот на кукавицата.

Кукавичлукот е најсмешната, најмизерната особина на авторитарните владетели. Јас сум сигурен дека Груевски е мртов уплашен, дека нема никакво сценарио, ни црно, ни бело, туку сè што прави, го прави во целосна паника. Овој човек не би можел да се судри ни на пет минути со некој што мисли поинаку од него, затоа и денешното општество е такво какво што е, слика, урамена со паранојата на Груевски.

Колку е кукавица, можевме да забележиме и за време на признавањето на Косово, кога одлуката се донесе доцна навечер, улиците беа мртви празни, на сите полициски единици им беше наложена максимална борбена готовност, а Груевски се криеше во некој бункер. Јас мислам дека ако на овој човек му излезат 100 луѓе пред зграда дека или ќе направи масакр или ќе се самоубие, поинакво решение од неговата глава не гледам. Или како кога одлучи спомениците на Даме и Гоце да ги постави на плоштадот во три наутро. Или секое донесување на неродни закони без каково било јавна расправа. Или кога не излегува на дуел и нема храброст да ги соочи своите ставови пред јавноста.

Време е да престанеме да му се плашиме на кукавицата, затоа што со секоја наша отстапка тој станува похрабар, поарогантен, порасипан и помалку способен здраво да расудува. А да се има охрабрен кукавица како лидер е најлошото нешто што на една земја може да и се случи.

Извор: Глобус

Слики: Yue Minjun

http://sitel.com.mk/dnevnik/m

Ова боли...

Ова боли...

Ивор Мицковски навистина

Ивор Мицковски навистина станува одличен политички аналитичар. Но, она што е посебно вредно кај него е моралната вертикала: принципиелноста да се застане на вистинската страна, храброста да се кажат вистинските зборови, некалкулантството, нецинизмот... Вистински пример за помладата генерација политички аналитичари! Драго ми е што неговите текстови се појавуваат и на Окно!

делови што посебно ми се

делови што посебно ми се допаѓаат:
Понатаму, во блиското минато, бевме во период кога другите стратегиски определби ги спроведувавме кохерентно и принципиелно. Бевме во зенитот на нашата меѓународна позиција, почитувани и пријатели со сите, решени да водиме реална политика која ги запазува нашите интереси. Напредувавме кон сите меѓународни институции, во воздух се чувствуваше дека за неколку години ќе бидеме дел од едно поголемо, побогато, посигурно семејство. Денес, сето тоа го заменивме со убава колекција на митови, на лажни херои и проблеми кои само ни помогнаа во изолирање и оддалечување од довчерашните пријатели. Направивме сериозно опасна размена, иднината ја заменивме со минатото, сомнежот и волјата со заблуди, реалноста и работата со митови и самосожалување. Никогаш во историјата на нашиот регион, освен можеби со распадот на Југославија, една земја не фрлила, не уништила, самосвесно не се откажала од толку многу, за да добие толку малку, за речиси ништо, за сопствена штета.

Денес немаме џелат, џелатот сме самите ние и нашата поделеност е таа која ќе нè уништи. Бубачката на раздорот и поделеноста длабоко навлезе во нашето битие, уништувајќи го здравото ткиво, здравиот разум, правејќи нè робови на една погрешна логика, на емотивноста и на расипаноста. Пред нашите очи се менува моралниот основ на цела една земја, а со тоа се менуваат и самите причини, самата вредност на тоа зошто треба да живееме како заедница. Подемот на јавната корупција, безбројните малверзации со кои се навикнавме да живееме, газењето на секое право, на секоја слобода, ѕидот на бесперспективноста, се само дел од нештата кои говорат за една квалитативна промена која во својата срж знае само за разединување, за дисолуција, за конечно разнебитување на македонскиот народ.

Изборите не се медиум на

Изборите не се медиум на вистината. Еден од најголемите примери за тоа е Франција 1940 (да не зборуваме за Германија 1933 и за многубројни други примери кога народот си го копа гробот). Дури и Жак Дукло, вториот човек на фр. Комунистичка партија призна дека, ако во тој момент беа одржани слободни избори во Франција, ќе победел маршалот Петен, и тоа со 90% од гласовите. Кога Де Гол одбил да капитулира пред Германците, зборувајќи во името на вистинската Франција (а не само во името на „повеќето Французи“!) тоа било длабоко вистинито, дури и ако, „демократски“ зборувајќи, тоа било ем нелигитимно, ем во спротивност со мислењето на мнозинството од францускиот народ.
 

vladejackata partija i

vladejackata partija i nejziniot rejting se samo ogledalo na narodot. do koga ke ni bide nekoj drug kriv? pa vmro se odbrani od narodot i nivnite proekti se poddrzani od narodot(mnozinstvoto) morame da prifatime deka nasiot narod e uzasen i deka treba da pocne da se prevospituva, sve ke si proizleze od toa

Само делумно се согласувам со

Само делумно се согласувам со констатацијата дека нашиот народ е ужасен. Више-мање е ужасен ко и секој друг народ (италијанскиот што го избира манипулантот Берлускони, францускиот со демагогот Саркози, српскиот со плиткиот нарцис Тадиќ итн.). Македонскиот народ е сосема дезориентиран - тоа е, ми се чини, нашата примарна општествена вистина. На врвот на своето владеење (2008, веројатно) Груевски можеби имал поддршка од 30%, но во ниту еден момент бројот на скептичните (главно апатични сеирџии) во мк изминативе 4 години не паднал под 50% (а расте и накај 60 и више). Ние живееме тешка криза на доверба. И во личности и во институции и во целокупната држава. Грујо вешто ја менаџира таа недоверба (тој цинизам), но таквото владеење во суштина е страшно: ги убива позитивните чувства на луѓето, верата, надежта, оптимизмот... Се владее само со страв и цинизам, дека сите се исти, дека можеби груевизмот е катастрофа, ама барем е „автентична“ катастрофа итн.
А се согласувам, се разбира, дека со народот треба да се работи, дека сите треба да се трудиме...

http://kanal5.com.mk/default.

Sto sakas da kazes so

Sto sakas da kazes so anketata na "Pavel Satev"? Deka gjabe brblame ne tepate..so koj stav pogore sporis?

http://alsat.mk/vesti/zemja/2

povekjeto od narodot e

povekjeto od narodot e zapushte, neobrazovan i ne znae shto se vistinski vrednosti. Do dusha instiktivno, koga raboti vo stranstvo, pochnuva da gi sfakja pridobivkite od demokratijata, slobodata, odgovornosta i mozhnosta sam da si ja sozdavash sudbinata. Povtoruvam, sepak, toa e samo instiktivno, ne znae da go gi izdigne na povisoko, gragjansko nivo, kako norma i da go pretochi vo zhivotot

 Заклучоци од колумната и

 Заклучоци од колумната и некои од коментарите :
- анкетите се лажни
- резултатите од изборите се лажни
- дури и да се вистинити победничката партија нема легитимитет (ова особено ако се работи за ВМРО-ДПМНЕ)
- народот е глупав, прост, дезориентиран и потребни се уште десетина вакви аналитичари за конечно простиот народ да прогледа
____________
Единствено не видов решение и прогноза на аналитичарот? Ако решението на според него катастрофалната ситуација е заминување на Груевски и враќање на Бранко Црвенковски и СДС нека престане да анализира засекогаш. Се додека некој од вас не каже Бранко е минато, на СДС му требаат темелни реформи ќе знаеме дека сте неискрени и работите од други побуди.

 Dotogas batka ti glasaj si

 Dotogas batka ti glasaj si za Grujo kako edinstvena opcija

ако не си ве допаѓа народот и

ако не си ве допаѓа народот и државата, шо мајка барате уште тука, идете шо подалеку и немојте да се враќате НИКАД !
Еве ако решам да не гласам за Грујо? Која ми е другата опција?
Со вашето пљукање вие му го кревате...рејтингот константно, па после не верувал он у анкети, приказни за мали деца.

Dzhovek, choek, tipov ne samo

Dzhovek, choek, tipov ne samo shto e analitichar, nego i politichar.
Do urednikot na okno.mk: Mislam deka korektno bi bilo da stoi do imeto na avtorot, ili pak pod tekstot "Avtorot raboti vo PR delot na SDSM", kolku za transparentost i celosen legitimitet. Inaku ne e losha analizata sama po sebe, kamo srekja povekjeto partiski vojnici da ni bea vaka nadezhni.

Не треба да стои под Авторот

Не треба да стои под Авторот туку под уредникот :-D
До 2016 ќе имаат работа сигурно за после не се знае...

Добро е што партиските

Добро е што партиските позиции не мора да се ставаат транспаретно под вашите коментари, државата без мастило ќе останеше.

"ако не си ве допаѓа народот

"ако не си ве допаѓа народот и државата, шо мајка барате уште тука, идете шо подалеку и немојте да се враќате НИКАД !" Koja demagogija! Koja naakanost i prostotija. Ama te prifakjam, del si od mojata sudbina, jas ne te teram od ognishteto zatoa shto razlichno razmisluvame! I zatoa,  nema Makedonija da ja prepushtam na takvite kako vas. Ova e i moja tatkovina, samo nie razlichno  ja gledame idninata. Jas ja gledam kako ubava, gorda zemja so zadovolen narod koj gi znae osnovite na politichkoto zhiveenje, koj znae da bide toleranten, kulturen, obrazovan, koj ne mozhe da dishe bez sloboda, koj ne sozdava idoli od politicharite, koj poradi toa shto se opekol od nacionalizmot i despotizmot, znae vednash da gi prepoznae i marginalizira!
 

ОкоБоли главаВицФото