За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (1)

02.09.2017 12:13
За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (1)

1) Толкувања без консензус

Пред речиси шеснаесет години јас бев еден од последните луѓе кои се беа искачиле на една од кулите на светскиот трговски центар, а кои беа срушени во терористичкиот напад на 11 септември 2001 година. Нападот се случи во вторник наутро. Јас од покривот го гледав Њујорк и реката Хадсон во сабота на 8 септември. Неколку дена подоцна се сретнав со добар пријател од САД кој ми кажа: „ништо повеќе нема да биде исто“. Според него, нештата, во политичка и геостратешка смисла, во претходните четири децении доведоа до овој чин со глобален одек кој е само симптом на една севкупна ера. Досегашниот развој на настаните оттогаш го потврди неговото предвидување. Толкувањата и предлозите за да се надмине ерата на тероризмот кој веќе не бира место, средства и жртви се најразлични, но едно нешто им е заедничко на сите толкувања. Корените треба да ги бараме во поствоениот неоколонијализам кој на суптилен и уште повеќе перфиден начин ја продолжи и ја продлабочи експлоатацијата на веќе богатиот Запад на своите неодамнешни колонии. Околу оваа констатација имаме широк консензус.

За еден друг феномен, кој исто така своите корени ги има во периодот по Втората светска војна, а особено од средината на шеесеттите години на дваесеттиот век, во глобални рамки има сè само не консензус. Станува збор за сексуалната револуција која, покрај примарните заложби за „слободна љубов“, што и тоа да значело, пројавува силни анти-институционални, анти-авторитетни и анти-милитаристички карактеристики. „Водете љубов а не војна“ е веројатно најпрепознатливото мото на оваа револуција. Резултатите ги гледаме денес. Нивното толкување е крајно различно и често противречно, соодветно со вредносниот систем на оној кој ги толкува. Ни оваа статија не може да претендира дека има некаква целосна неутрална појдовна точка во размислите кои следуваат подолу. Но, за да се избегне каква било пристрасност што е можно повеќе, во заклучоците пред сè ќе се воздржам од вредносни квалификации на резултатите, а ќе направам увид колку од ветувањата на сексуалната револуција и попатните идеали денес може да се сметаат за исполнети.

Еден од главните двигатели на светогледот врз кој се развивала сексуалната револуција чии најсилни гласноговорници денес се разните групи за права на таканаречените сексуални малцинства највпечатливо преку лезбејки, геј мажи, бисексуални, трансродни (вклучувајќи ги и транссексуалните) и квир личности
или познати како ЛГБТ заедницата, акроним кој според логиката на своите заложби би можел да ги содржи буквите на неколку азбуки, е радикалниот индивидуализам кога е во прашање разбирањето на општата благосостојба на човештвото.

Денес за најголем грев се смета лицемерието кое поттикнува доследно држење до формалните норми наметнати од какви било институции, авторитети или традиции, додека најголемата доблест е автентичноста или слободата личноста да го изрази своето вистинско ‘јас’. На предмодерните морални определби кои се заеднички за речиси сите култури, за сите времиња на организираното човечко општество, сега им се наметнува нов морален идеал за тоа што значи да се биде во потполност човек. Не само што ова е нов морален идеал, тој е истовремено и морална задача. Заложбите да се дојде до своето вистинско ‘јас’ не само што тоа го претпоставуваат како право на избор, туку денешните наследници на идеологијата на сексуалната револуција инсистираат дека тоа е врвна должност. Сите можни надворешни стереотипни стеги во врска со дефиницијата на тоа кој сум јас мора да бидат отфрлени како угнетувачки. Само поединецот со посредство на своите лични преференци решава за тоа, а претходните дефиниции се сметаат за социјални конструкти на еден ригиден и во суштина дискриминирачки светоглед.

На човештвото денес треба да му биде јасно дека нема дадености, секоја личност може и мора тоа да го одлучи сама за себе. Дури и самите тековни перцепции и одлуки не може да се сметаат за нешто постојано. Единственото константно кај човекот и човечкото општество е дека тие се константно флуидни процеси. Човештвото до пред само сто години ги градело темелите на своето опстојување врз мудроста на неброените генерации пред нив. Тоа е нешто слично како што матријархот меѓу слоновите се следи во тешки времиња како оние за време на суша, бидејќи таа од своите предци ги научила местата на кои има вода. Сепак, луѓето на нашата генерација не чувствуваат никаква потреба за таква кумулативна мудрост. Во најдобар случај на таквите нешта се гледа како на фолклор кој има уметничка и сентиментална вредност, но кој секако е целосно ирелевантен за живот во благосостојба во модерното време.

Ваквата состојба на отфрлање на традицијата всушност наликува на религиозно-филозофското учење познато под името гностицизам кој своите почетоци ги има во доцниот втор век од н.е. Денешниот гностицизам ги има повеќето карактеристики на својот древен претходник, а една од најпрепознатливите е дуализмот во поглед на создадениот свет. Класичниот дуализам верувал дека видливите материјални нешта потекнуваат од еден злонамерен демијург. Како такви тие се без суштинска добрина и убавина, а на она вистинското, поточно на духовното му претставуваат затвор или товар. Според гностицизмот, човештвото треба да ја препознае илузорноста на материјалното ако воопшто сака да има увид во она возвишеното и во духовното. Класичниот гностицизам тоа ниво го нарекувал посебно, тајно „знаење“ или „гноза“. Ова знаење е предвидено за малубројна елита која единствена има можност да дојде до вистинското познавање на своето јас, а потоа тоа да им го протолкува и до некаде да им го направи пристапно на широките маси.

Како ова се манифестира во денешното општество? Очигледните дистинкции кои човештвото од почетокот на цивилизацијата ги сметало за природни се толкуваат како некоја материјализирана илузија. Илузијата пак заслужува само презир и единствениот правилен пристап кон нив е „согледувањето“ низ нив со што се изразува бунт против телесното, против дадената природа и она кое нè дефинира однадвор.

Ваквиот светоглед предизвикува два можни пристапи кон телесното. Прво, бидејќи телесното е толку ништожно и илузорно и воопшто не претставува дел од вистинскиот духовен поредок, со него може да се постапува на крајно разблуден начин (блуден овде се користи во неговото основно етимолошко значење а тоа е „трошење“ или „абење“). Другата крајност се води од претпоставката дека илузорното и материјално зло треба да се стави под ригорозна контрола на духовното така што телесното ќе одумре, а духовното ќе се ослободи од него за вистински живот. Ваквото „проникнување“ во вистината на светот се вика „гноза“ или „мудрост“, а единствениот начин да се дојде до неа е да се гледа внатре во себеси.

Водечките манифестации на модерниот гностицизам се највпечатливи во рамките на сексуалната револуција. Современиот технолошки и електронски развој ја овозможи врвната цел на секој гностик – уживање без ограничувања или страв од какви било последици. Разбивањето на општествените табуа, социјалната мобилност, контрацепцијата и декриминализацијата на абортусот овозможуваат сексот конечно да биде „ослободен“ од стереотипите за строго определените родови и полови дистинкции, од несаканата бременост, од општествениот суд и срамотење, од сексуално преносливите болести и од дволичноста на таканаречените морални столбови на едно општество.

Ваквата радикализирана индивидуализација е во освојувачки поход против реалноста како што ја разбирале сите генерации до пред не повеќе од два века. Ова е посебно точно за личниот идентитет, или пак откривањето на нечие вистинско јас1. Така ги имаме неодамнешните стории на еден биолошки маж, татко на седум деца, кој го напуштил семејството за да живее транс-родов живот како шестгодишно девојче2. Друг драстичен пример е оној на една биолошка жена која тврди дека е родена во погрешниот животински вид. Ослободена од привидните спецификации на човечкиот род, таа за себе смета, на она личносно, идентитетско, духовно ниво – дека е мачка3. Уште побизарен е оној на една млада индивидуа која се подложила на бројни операции затоа што верува дека судбината ѝ е да стане бесполов вонземјанин4.

Овие радикални примери се крајна логичка последица на новата идеологија за тоа што всушност претставува нечиј род. Под наплив на едно филозофско и интелектуално движење од доцната половина на дваесеттиот век кое во недостиг на попрецизен термин се нарекува постмодернизам, „реалноста” и можноста таа објективно да се дефинира е отфрлена како концепт. Таа ќе одговара не на однапред дадените физички карактеристки, на пример на еден маж или на една жена, туку на нивната перцепција за тоа од кој род се тие. Така може да излезе мажот во суштина да ти бил жена, а жената маж заробена во женско тело. Значи, она што треба да се смени не е нечија перцепција ако таа не одговара на видливата реалност. Напротив, реалноста мора да се конформира кон нечија перцепција. Ова е античкиот гностицизам адаптиран за дваесет и првиот век!

Истата методологија на толкување на стварноста се применува и за личните посакувања кои во рамките на радикалната индивидуализација и потрага по своето вистинско ‘јас’ тежнеат кон поместувањето и поништувањето на какви било „надворешни“ дефиниции кои им противречат. Еден таков пример од не така одамна е одговорот на славниот Вуди Ален кога е прашан во врска со сексуалната врска која ја почнал со малолетната посвоена ќерка на неговата поранешна сопруга Миа Фароу (комплицирано е, нели?). Прашањето станува уште покомплицирано со неодамнешните обвинувања на другата посвоена ќерка Дилан Фаору која тврди дека била сексуално злоупотребена од Ален кога таа имала седум години. Ален прашањата кое во себе имаат ред морални, легитимни, легални и кривични потпрашања ги разрешува како Александар Гордиевиот јазол. Ги сече со еден замав на јазикот. Неговиот одговор на обвинувањата за секс со девојка на која некое време ѝ бил татковска фигура е: „срцето го сака она што го сака“5.

(продолжува)

 

Слики: Sanam Khatibi

_______________________________________________________________

[1] https://www.nytimes.com/2015/10/11/magazine/the-year-we-obsessed-over-id.... Пристапено на 22.08.2017.

[2] http://www.independent.co.uk/news/world/americas/stefonknee-wolschtt-tra.... Пристапено на 15.07.2017.

[3] http://www.telegraph.co.uk/news/newstopics/howaboutthat/12127067/woman-s.... Пристапено на 15.08.2017.

[4] http://www.skynews.com.au/culture/offbeat/2017/03/07/man-to-undergo-surg...

[5] http://www.huffingtonpost.com/sarakay-smullens/the-heart-wants-what-the-_b_4776654.html.