Принципите на толеранција мора да бидат вткаени во сите пори на општеството

16.11.2017 12:58
Принципите на толеранција мора да бидат вткаени во сите пори на општеството

 

16 ноември, Меѓународен ден за толеранција

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода го одбележува и ги поддржува сите активности поврзани со Меѓународниот ден за толеранција и ги повикува сите граѓанки и граѓани да дадат активен придонес кон негувањето и практикувањето на принципите на толеранцијата во општеството.

Државата, институциите и сите структури на политичка, општествена или финансиска моќ имаат обврска да ги почитуваат и негуваат различностите и слободното изразување на секој поединец или група во општеството. Почитувањето на различностите и слободата на изразувањето се иманентни на човековите права и слободи кои им припаѓаат на сите граѓанки и граѓани, според Уставот, законите и меѓународното право.

Без оглед на произволните дефиниции на поимот толеранција во општеството, тоа е јасно дефинирано во меѓународните правни и други акти. Во Член 1 од Декларација за принципите на толеранција, која Обединетите нации ја усвои со Резолуција A/RES/51/95 се говори за значењето на толеранцијата:

Толеранцијата претставува почитување, прифаќање и ценење на богатата разновидност на културите од нашиот свет, нашите форми на изразување и начини да се биде човек. Тоа се негува со знаење, отвореност, комуникација и слобода на мисла, свест и верба. Толеранцијата е хармонија на разликите. Таа не е само морална обврска, туку исто така е и политички и правен услов. Толеранцијата е доблеста што го прави мирот возможен, придонесува за замената на културата на војната со култура на мирот.

Не постои друго толкување на толеранцијата во оваа смисла и нема зошто да се релативизира овој поим со тоа што се наведува дека не е соодветен или дека подразбира нешто друго, освен тоа што е веќе дефинирано со овој меѓународен документ.

Тоа е дополнително дефинирано во истиот член од Резолуцијата:

Толеранцијата не е отстапка, удостојување или попуштање. Толеранцијата е, пред сè активен однос што се промовира со признавање на универзалните човекови права и основните слободи на другите. Таа никогаш не може да се користи за да се оправда прекршувањето на овие основни вредности. Толеранцијата треба да ја практикуваат поединци, групи и држави.

Државите членки на Обединетите нации имаат обврска да ги почитуваат човековите права и да ја негуваат толеранцијата преку механизмите кои ѝ стојат на располагање. Член 2 од Декларацијата ја определува улогата и одговорноста на државата во овој домен:

Толеранцијата на ниво на држава бара праведно и непристрасно законодавство, спроведување на законите и судски и административен процес. Таа исто така бара и економски и социјални можности кои ќе им се достапни на сите без каква било дискриминација. Исклучувањето и маргинализацијата можат да доведат до фрустрации, непријателство и фанатизам.

Декларацијата за принципите на толеранцијата ги опфаќа и општествените димензии на толеранцијата како принцип и како обврска, а посебно внимание посветува и на образованието. Затоа, според Декларацијата:

Образованието за толеранција треба да се смета за итен императив; затоа е неопходно да се промовираат систематски и рационални методи за подучување за толеранцијата коишто ќе се осврнат на културните, социјалните, економските, политичките и религиозните извори на нетолеранција – главните корени на насилството и исклучувањето. Образовните политики и програми треба да придонесат за развивање на разбирање, солидарност и толеранција меѓу поединците како и меѓу етничките, социјалните, културните и јазичните групи и нации.

Како ретко која организација, ЦИВИЛ има вистински мултикултурен карактер, каде толеранцијата и инклузивноста се императиви во секојдневното дејствување на организацијата. Впрочем, животните патеки на луѓето кои го сочинуваат Цивил се испреплетени и природно го одразуваат мултикултурниот карактер на земјата. ЦИВИЛ води посебна грижа и за родовата рамнотежа во својата структура, како и за застапеност на сите категории на граѓанки и граѓани, со цел секој поединец или група во општеството да се чувствува добредојдено да побара поддршка или да учествува во работата на организацијата. Во ЦИВИЛ нема притисок да се следат принципите на политичката коректност, туку таа произлегува природно од начинот на кој организацијата се конституира, развива и функционира.

Принципите на толеранција мора да бидат вткаени во сите пори на општеството, за тоа да биде интегрирано и подготвено да прерасне во вистински демократско и прогресивно. Секој личен пример и секоја постапка, пракса и процес мора да ги следат принципите на толеранцијата искрено и суштински, а не формално. Само на тој начин може да се надминат последиците од деструктивните тенденции во општеството, кршењето на човековите права и структурното насилство.

Извор: civilmedia.mk

ОкоБоли главаВицФото