Враќање

07.12.2017 02:58
Враќање

Лемур

се мачка со путер, составот пробива во брчките на месото;
трае сè дури надразнетите пори
не се отворат уште повеќе,
сè дури од нивната срж не избие ново, дрчно месо,
сè дури трупот не се соедини
со органите.

се гледаме очи в очи –
крвната краста нè поврзува
сè до зглобовите на рацете,
за неколку мига на неизвесност
усните стремат во таа насока.

не постоиш, ти реков денес;
мислам дека си отелотворување
на моите психички состојби; не смеј се,
утре се разделуваме,
те сакам, го знаеш тоа понекогаш.

(немаше во мене доволно простор...)

немаше во мене доволно простор таблетката
за да не закрцка; ја земав секое утро,
неколку мига посматрајќи се во огледалото:
си го опфаќав вратот со дланките
и гледав како се движат тие 75 mg
низ душникот; на дното од грлото купчето
личеше на ритче издигнато среде поле.
по неколку минути немаше повеќе
облик на релјеф. во тој временски интервал
гркланот не тежеше повеќе од 75 mg.
приближно 10% од тежината на еден полумајмун.
со парче животно голтнато
секое утро, сето тоа можеше да помине
мошне добро:
максимални нивоа на беснило. би знаел дека имаше право:
личи на оргијастично-анксиозен синдром.
неизбежните падови би биле надоместени
со други неколку mg.

Враќање

не си го замислував така враќањето:

под стапалата зрнца талог
што се тркалаат при секое движење.

како чувството на странец кога го сонува некој,
напнување на рацете што стегаат, нови миризби.
ноќеска го усовршив гестот,
сосема, до крај:

зедов без да ми се даде, чував кришум
сè до состојбата на бдение.

корените останаа длабоко забиени, во истиот малтер

никаква разлика
помеѓу свивањето на колената и коленичењето.

никаква разлика:
посакувани гестови и тежина на корените

 

Превод: Лидија Димковска
Слики: Маркос Наваро

Андра Ротару е родена е 1980 година. Живее во Букурешт. Работи како новинар во културата и уредник е во неколку книжевни списанија. Основала и менаџирала неколку еснафски здруженија: Агенција за книги, Здружение за книжеви авторски права, била директор на Федерацијата на издавачи и книжари. Организира поетски читања и иновативни поетски настани по уметничките галерии, клубовите и пабовите низ Романија. За својата дебитантска книга поезија „Во постела под белите чаршави“, 2005 година добила неколку еминентни книжевни награди, „Михај Еминеску“, „Тудор Аргези“, наградите на писателите од Сибиу и Букурешт. Списанието „Магазин 22“ ја прогласува за еден од најдобрите современи романски поети. Третата книга поезија Лемур, од 2012 година била прогласена за најпродавана поетска книга на саемот во Букурешт и наградена за најдобра поетска книга. Нејзините песни се преведени на француски, шпански, англиски, арапски, германски, еврејски, чешки и тн. Учествувала на повеќе фестивали, книжевни резиденции и била официјален гостин на неколку значајни книжевни саеми.

ОкоБоли главаВицФото