Демократска репродукција на дебилизмот или Зошто сме тука?

18.08.2010 10:22
Демократска репродукција на дебилизмот

Религија е верување што се обидува да му даде смисла на она што е тешко да се разбере, како на пример: Зошто сме тука?“

од повлечениот учебник „Општество“ за 5-то одделение

Настаните со
учебникот по Општество ја брануваа домашната јавност...уууууу. Одговорните се почувствуваа одговорни, но не и виновни....оооооооо. Автор(к)ите (можеби) нема да ги добијат своите хонорари тешка неколку илјади евра...ааааааа. Конечно циркусијадата со учебникот се чини ќе биде „разрешена“ со тоа што учебникот ќе бил повлечен. И сите ќе продолжиме да живееме среќно и весело...или сепак не?
 
Проблемите кои излегоа на површинa со Учебникариките се само врв од сантата мраз на аматеризмот и дебилизмот кој владее со нашата реалност. Отако учебникот, авторките и незнаењето ќе бидат жртвувани на олтарот на Силата и Моќта на институциите, сите оние „помалку“ скандалозни, а секако во иста мера штетни дебилизми и аматеризми, ќе продолжат да опстојуваат и да функционираат. И така сè до некој следен скандал кој преку нова жртва треба само да го репродуцира аматеризмот и незнаењето на сите оние кои нема да бидат фатени in flagrante delicto.
 
Кои се причините за конкретниов случај? Незнаењето на авторките? Мрзливоста на рецензентите? Презафатеноста на одговорните по заводите и министерството? Брзањето? Алчноста по лесни пари? Падот на образованиот систем? Врскаџиството на авторките со оние кои ги ангажирале? Се се тоа легитимни веројатности, многу од нив имаат допирни точки и со аматеризмот во случајот Енциклопедија и покажуваат дека не се работи за исклучоци туку за правила кои доминираат. Некако во ист ден дојде одлуката за повлекување на учебникот и затворање на десетици прехранбени објекти кои не почитувале никакви стандарди за прехраната на своите корисници. И учебникарите и сендвичарите се жртви на брзата репродукција: во првиот случај брзото знаење, а во другиот брзата храна.
 
Пред некој ден во книга на домашен автор, на сериозна научно-општествена тема, ја најдов следнава фуснота: „Во овој текст повремено ќе се користат наводи од Википедија енцикlопедијата кои во најголема мера се обидовме да ги провериме и од други извори“.
 
Што? Повторете, молам? Во најголема мера?!? Ма, дајте, ви се молам, па не може така...или сте провериле или не. Па, ако проверувате наведете ги тие извори, а ако веќе проверувате што ќе ви е Википедија? Ако за авторот може и да се најде некое човечко оправдание, како да се најде разбирање и оправдување што никој не реагира(л)? Вакви ситуации на системски поткопувања на знаењето се секојдневни. Каде и да фрлите мотика, исто: аматеризмот и површноста се длабоко навлезени во општеството, од образованието, преку новинарството, до високата политика. На сите негативни фактори за вакви појави кои ги наметнува капитализмот (брзината на живеењето, искомерцијализираното образование, ефтините информации, суровата борба стекнување, каков-таков, статус во општеството), ние си ги имаме традиционалните и домашните како врскаџиството, непотизмот, некомпетентноста и партизираноста, па во динамична хемија на негативностите, добиваме „бомбастични“ резултати.
 
 
За да му дадеме на феноменот на дебилизмот нешто поширока перспектива мора да признаеме дека тој е во подем и во глобални рамки. За жал, сите обиди за создавање на разумна, рационална и самосвесна јавност некако водат кон исти одредишта: грандиозни промашувања и неуспех. Тоа сценарио го гледаме и со интернетот денес: иако, слично како радиото и телевизијата пред него, интернетот беше рекламиран и прокламиран како златен рудник за информациите, знаењето и на општополезната комуникација. Денес на него доминираат тривијалности и затупувачки содржини кои го поткопуваат и закопуваат рационализмот. Почнувајќи од масовните порнографски содржини, преку разни Фармвили, Покери, Мафиаворси, брутално вулгарните расправии по сајтовите и форумите и ред други примитивни форми на комуницирање, се соочуваме со реалноста дека просветителството, знаењето и рационалноста бидуваат поразени речиси на сите фронтови. Се разбира, не може да се биде исклучив и генерализирачки за ваквиот заклучок, но огромната маса на вакви појави драстично го спушта нивото на полезност на интернетот, но и ги диктира трендовите за неговиот развој.
 
Ако се согласиме дека дебилизмот во различни форми опстојува во различни средини, тогаш легитимно е да се прашаме дали е тоа случајно? Дали се работи за неизбежност човештвото да уништува сè што е вредно, од природата до знаењето, или пак постојат други, можеби скриени, причини? Колку и да ја славиме сегашноста заради нејзините слободарско-демократски вредности, треба да се запрашаме дали на оние кои управуваат со неа им договара „високо просветена, рационално ориентирана јавност“ или можеби „затупена, емотивно напрегната и фрагментирана маса“?
 
 
Одговорот е повеќе од јасен; и на политичките и на економските дрматори повеќе им одговара жителство на кое лесно ќе им ги продадат своите политичко-пропагандни понуди, производи, услуги, конзумеристички фантазми... Дефинитивно повеќе им одговараат купчиња од псевдо-јавност заробена во своите зависности и митови. Јавност која знае што сака и која не дозволува да биде манипулирана мора да се избегне по секоја цена. Во таа смисла поткопувањето на просветителскиот и рационалистичкиот проект е постојана определба на оние кои ја имаат вистинската моќ. Секако ова поткопување најлесно се прави преку медиумите и популарната култура, но од него не е лишен ниту образовниот процес: тој или се фрагментира (знаете се за некоја специјализирана област, но немате поим за крупната перспектива на науката со која се занимавате) или пак се комерцијализира (систем на „плати-носи дипломи“). Медиумите стануваат предозирани со тривијалности, вулгарности и „крвави“ содржини (хроники, криминал, девијантност, нечовечност, неморал и сл.) кои влијаат демотивирачки за да публиката ги развива своите рационални и просветителски капацитети.
           
Сето ова нема за цел да ве приклони кон теориите на заговор, туку да ве охрабри да согледате дека затупеноста и некадарноста опстојуваат на сите нивоа, и дека тоа не е случајно. Земете го и следниов пример: распространетото сфаќање на политичката сцена во Македонија како арена за дебилно препирање на три-четири политички елити. Среде таа манипулација многумина ќе си речат: „можно ли е да имаме толку дебилни политичари, кои за наједноставни нешта не можат да најдат заеднички јазик, да се разберат, да се договорат за елементарни национални и државнички прашања?“. Па ќе се појават дури и политичари кои јавно ќе ја осудат ваквата наводна дебилизација на политичкото како „потценување на интелигенцијата на граѓаните“.
 
Вистинскиот проблем овде е во тоа што ваквата дебилизација е намерна политичка тактика и стратегија која треба да поткопа какво било оформување на рационална и самосвесна јавност, која логички, а не во некаков колективно споделен афект, ги носи одлуките. Јавноста во афект треба да решава за себе, а таквата јавност себе си се сведува на предвидлива маса, која многу полесно се контролира и манипулира. Во таков контекст на наметната инфантилна комуникација, препирање, расправање и одбегнување на рационално однесување се создава „win-win“ амбиент за моќниците: или ќе се фатите во тоа блесаво оро или ќе избегате од него, ниту обидувајќи се да побарате или создадете алтернативи. Сето тоа заради една едноставна причина: најдиректен можен интерес на политичките дрматори е да расте бројката на апатичните и аполитичните, оние кои се гадат од политиката, оние кои не сакаат да се дел од политичкиот циркус и оние кои не ни помислуваат да земат некаво учество во јавниот живот, а камоли да гласаат. Што повеќе апатични има, толку помалку работа за партиите во однос на поединци и групи кои треба да ги контролираат, убедат, вработат, потплатат, искорумпираат, навлечат во разни активности и слично. Стеснувањето на обемот на граѓанството кое зема учество во јавните работи е нивен вистински сон на кој, гледаме, континуирано работат.
 
И додека ние џагориме ли џагориме, и им се смееме на нивните детски расправии и се чувствуваме супериорни, тие продолжуваат да го репродуцираат системот за дебилизација кој им ги зачувува позициите на моќ во општеството. Тивко ни се смеат за возврат, задоволни од тоа како лесно успеваат да ни ги продадат своите ефтини приказни.
 
Скулптури: Sabi Van Hemert

Супер текст! Браво за

Супер текст! Браво за авторот! Да потсетам само на уште едно чудо од издание финансирано од Владата („Уметност мината уметност сегашна“ од Дејвид Г. Вилкинс, Бернард Шулц и Кетрин М. Линдаф во издание на „Нампрес“) http://dnevnik.com.mk/?ItemID=948DC7D32C3CA542BD8CF344165E92C1

Текстов е несомнено одличен ,

Текстов е несомнено одличен , практично секоја реченица содржи нешто важно а на крајот еве, мене ми се мота едно друго прашање..
После се ова што слушнавме во изминативе години, за како тоа Македонците се најписмени , по 5000год писменост до 70,000год.. па ние сме го описмениле и сиот славјански свет (кирилица), во СФРЈ не’ диригирале и сме биле дискриминирани,толчени и сл.  ..... прашањето е  Кој ни е крив сега? Како да се оправдаат ваквите пропусти како во актуелниов случај -учебникот за петто одд. ? 
Соодветно на тоа, дали можеби за да се сочува македонскиот јазик, образованието ,културата треба едноставно некој (било ЕУ или некоја нова СФРЈ) да ни ги одработи учебниците, испечати и достави и да си тераме така, зошто очигледно вака сами и покрај толку магистри,доктори по науки , не само што не идат некои работи напред , тие напротив, регресираат и тоа во домени каде што навистина нема оправдување и нема изговори.

Купишта магистри и доктори на

И покрај толку магистри и доктори на науки?! :)

Во повеќе наврати имам дискутирано со некои од титуларите на мојот поранешен факултет, и 99% од нив не сакаа ни да писнат против состојбите во државата. Ма, не смееја ни да помислат да го сторат тоа. Не знам дали беа/се во состојба.

Тие шепотливи муабети, нормално, воглавно се случуваа во удобните фотелји на нивните раскошни канцеларии, а ним многу-многу не им пречеше каубојското владеење на тогашната катастрофа од државничка багра наречена СДСМ. Неколку години подоцна, се по старо, само ја со песок во левиот бубрег и со дефинирани стомачни мускули од работа на шипка.

Ама, тоа е тоа. Една крвава недела и двата табора ќе мора да ги маваме по лавиринтот на плоштад со противавионска артилерија, а катранот и пердувите ќе ги чуваме исклучиво за Бучковски, Бичиклиски и уште за по некоја од нивните угледни карикатури.

Чисто ради заебанција. И пошто така имам видено на филм.

Дверски, убаво од тебе што го

Дверски, убаво од тебе што го сподели ова со нас.
Но , тоа би било некаква сосема друга тема.  Конкретно, алудирам на оној дел во кој велиш, ти познаваш магистри,докторанти од твојот поранешен факултет, а не смееле ни да писнат.
Не знам за кој факултет се работи и за каков домен,гранка станува збор ??
Она што е најважно за ова наше и било кое општество е тоа да стручњаците, луѓето кои се експерти во некој домен,професија, навистина бидат ЕКСПЕРТИ и професионалци без разлика кој е на власт.  За оние луѓе кои се по универзитетите, институтите,министерствата за образование во Англија,Германија,Франција, сосема сеедно им е дали е на власт Тачер или Блер.. Шредер или Меркел ..итн..
Затоа и од нашите пред се стручњаци се очекува професоналност и сериозност и ниеден граѓанин не го интерсира дали авторите припаѓаат кон ова крило или она, или дали имаат доволно стаж,услови и слично.
Било каква критика упатена кон аферава “учебник за 5то одд.“ е критика за (не)професионалноста на авторите. 
 

Spored mene problemot lezi

Spored mene problemot lezi bas vo tie tolku mnogu magistri, doktori na nauki i razni ti razni strucni kadri. So izvinuvanje na isklucocite, pogolemiot del od niv gi krasi samo diploma i nisto poveke. Nitu Z od Znaenje.

 Проблемот најмногу лежи во

 Проблемот најмногу лежи во нивото на политизираност и партизираност на општеството во Македонија, така што е невозможно да станеш носител на повисока функција во било која приватна или државна организација без да си член (по правило активен!) на одредена политичка партија. А обично ретки се случаите магистри и доктори со интелект и знаење да се вплеткуват во мрежата на политиката, така да порадо би се одлучиле за "brain drain" отколку за "brain wash".

Браво Копач! Браво и за Roxy

Браво Копач! Браво и за Roxy - одличен изржан коментар!

Големо благодарам Трајче!

Големо благодарам Трајче! Секое добро :)

 Го начекав учебникот на

 Го начекав учебникот на интернет и само кратко поминав низ првите страни. Искрено бев запрепастен од изгледот на истиот. Сите ја коментираат содржината - што е легитимно, но никој не се осврна на тоа како тој изгледа. Не се бавам со дизајн, меѓутоа имам чувство дека јас да седнев во Ворд ќе го средев подобро (ништо чудно и во таа апликација да го правеле). 
Можеби ова звучи тривијално, меѓутоа сметам дека баш на таков начин треба да се гради чувството за естетика, за симетрија итн кај децата. Ништо чудно ако истите имаат одбивност кон него, ни јас не би сакал да учам од него, па и да е и најдобриот во содржинска смисла учебник за 5-то одделение. Оние учебници од кои јас учев пред 15 години изгледаа далеку поубаво и покрај тоа што дизајнерите ги немаа алатките кои им се достапни денес. 
Можеби некако би се помирил со статус кво, меѓутоа ова е комплетно уназадување во секоја смисла!

Ма ич нема да се секирав само

Ма ич нема да се секирав само овој учебник да беше катастрофално дизајниран, ама - НИТУ ЕДЕН од оние што ги видов на ТВ не го биваше. Насловните страници беа правени како да сакаат да ги плашат децата а не да им вродат љубов кон книгата и кон учебникот. За жал ситуацијата со учебниците не е од 2010 година, речиси сите учебници што ми паднале во раце во последниве 10 години се на исто такво ниско рамниште! Дизајнерската култура, општо земено, во Македонија е на многу ниско ниво во сите сфери, да ве потсетам само на дизајнот на градски аптеки - единствени се во свет што имаа жолто-црвен натпис на аптека со скоро па готски фонт :(

Така е! Комјутерската

Така е! Комјутерската обработка е повеќе од очајна. Малку да се имаше осет за естетика ќе ги мрднеа нештата и ќе поставеа други, современи стандарди. За содржината да не се повторуваме. Јасно е ко бел ден. До кога ќе го јадеме и стапот и срамот што ни го наметнуваат? Владее неписмена, во подобар случај за нив, полуписмена, квази интелектуална маса на билдери и тепачи.

Учебниците по општествени

Учебниците по општествени науки (за другите не сум стручен) од „независноста“ наваму се катастрофа, само сега за „среќа“ Нора и Тони привлекоа внимание.

Демократска репродукција на дебилизмот или Зошто сме тука?

Авторот на текстов несомнено веќе завршил со процесот на дебилизација.Колку па аплаузи доби во коментариве,"доџе ми да вриснем твоје име".
Свесна дека коментаров или нема да биде објавен или "Копачот" ќе го извади "копачот "за да си го одбрани дебилниов текст се впуштам во ризик да бидам "ископачена".
Прво,кој тоа се о обидува ? ооооооо
"За жал, сите обиди за создавање на разумна, рационална и самосвесна јавност некако водат кон исти одредишта: грандиозни промашувања и неуспех."
Што е јавност за копачите не знам.Знам дека такво нешто не постои и дека реченицава е гола фраза.Ако почнам да анализирам кои се тие што ги прават обидите,ќе треба авторот да си ги изеде последните реченици од текстов.
На интернетот доминирале тривијалноссти? Ооооо ,само затоа што  авторот обрнува најмногу внимание на порнографски сајтови и форуми на кои се расправа вулгарно,не значи дека е така.
Ќе ви шепнам една мала тајна:ни ова не е точно.
На интернет има комерцијални сајтови кои апелираат на ниските страсти што е сосема нормално,зарем во 21 век ќе чувате голишави карти во фиока и Плејбој над казанчето во ве-це?
На политичките и на економските дрматори повеќе им одговарало  жителство на кое лесно ќе им ги продале своите политичко-пропагандни понуди, производи, услуги, конзумеристички фантазми... -псевдо-јавност заробена во своите зависности и митови.
Добро бе апсолвенту на дебилизмот,кои се тие политички и економски дрматори? Тие не се јавност?Јавност се жените ,децата и старците? Многу ова ми мириса на Старите Словени,посебно што во текстов се спомнуваат и митови. Овде во текстов се говори за бракот меѓу капиталот -макро и политиката- нели ,курва?
Какво дебилно клише.
Простете,јас не сум жителство.Простете ,го користам интернетот за да дознаам работи за кои пред десетина години требаше да одам во Универзитетска библиотека.Простете јас не сум дебил затоа што сум консумент.
Секој што аплаудира на текстов е дебил затоа што токму овој текст ја потценува интелигенцијата на "јавноста".Што и да му значи тоа на авторот.
Ах ,ќе заборавев.Демек дебилната маса не гласа против власта и дозволува да биде изманипулирана без да бара трето решение.
Простете но во демократијата и алтернативата ќе биде партија а не играорно друштво.
Ни вакво ќоро окно богами.
Јас знам зошто сум тука.За да плукнам низ окново.
Простете,навика од форуми ,ја видов Рокси во коментари.
 
 
 
 
 
 

"Оооо ,само затоа што 

"Оооо ,само затоа што  авторот обрнува најмногу внимание на порнографски сајтови и форуми на кои се расправа вулгарно,не значи дека е така." -------> Од вакви коментари, или кој носел јамболија или не, преку таквото (извинете на израз.) Па добро бе, до кога ќе не сељачите избегнувајќи ја поентата која се наметнува на било која дискусија? Кој воопшто говори дека ако си косумент по дефиницја си дебил? Тоа само дебил може да извлече таков заклучок. Сами си се местите. Жалам. И продолжете да си плукате. Дисциплина - во далечина. Онака само ќе се излигавите.

за мене најжалното е што не

за мене најжалното е што не гледам излез од оваа ситуација!
луѓето се престрашени, гледаат да се докопат до каква и да е државна службичка, учителитете ќутат и се тресат секој септември, дали ќе им се обнови договорот, да стигнат до пет години стаж, па да бараат решение...и гледам прекрасни личности како на фејсбук се обожаватели на оваа партија или на овој политичар, заедно со се  децата, оти немаат друг излез...
за учебницте: жално е што требаше да се појават имињата на Нора Шаќири и Тони Михајловски, за некој јавно да се запраша што има внатре!! сте ги виделе лиучебниците по македонски јазик?
полни се со правописни грешки, нејасни прашања, текстови на кои не им се знаеа каде е главата а каде е опашката!! заради тоа, сите наставнички по македонски јазик си предаваат по учебниците од од бившото време „поуки за јазкот“ и „граматика“.
за да ги предаваат четивата, често мора да ја прочитаат книгат за да знаат што се случува во текстот и да им објаснат на децат што е тоа што го читаат.
како и сите други, и мојот коментар е констатација.
има ли некој што може да понуди решение? теоретско барем?

Mirjana Najcevska Ми се

Mirjana Najcevska Ми се допаѓа. Се придружувам со мојот правен аспект на целата ситуација > http://kvadraturanakrugot.crnaovca.mk/2010/08/19/ministerot-za-obrazovan...

@леле Ете ти , што ќе чуеш од

@леле Ете ти , што ќе чуеш од форумски опушоци..
На самата тебе не ти е јасно ни за што се зборува во текстот ни што ова или она значи ..и гледаш само по некој збор од тоа пајачината врз очи.. па си правиш филмови, како сеа јас или некој друг да ти помогнеме, што очекуваш, не знам:??
Еве мал обид, можеби ќе те однесе на прав пат па во иднина ќе знаеш да прочиташ - текст.
За тој првиот цитат што велиш, не ти е јасно.. “јавност“
Авторот алудира на јавноста како во > public opinion
Значи , во холандија имаш кофи ганџа шопови , имаш порносписанија и нивни власници и имаш производители на пиперки, итн итн. и можеби сите нив иако се дел од јавноста (public opinion) ништо воопшто не ги интересира, ама апсолутно ништо, секогаш ги имаш оние други две третини , кои се public opinion и поради кои, ако некој воз се зачука во поле со сончогледи Министерот за транспорт ќе поднесе оставка, иако не е воопшто дирекнто па ни индиректно крив токму поради таа ’освестена јавност’ за која копачот зборува.
 
Во меѓу време , ти секако како оној овде (види десно) Тодоров измочкани изкакани седнати во фотељи со компјутери можете да антикварите и  порнографирате колку ви душа сака.
 

Прекрасните придобивки на

Прекрасните придобивки на државното образование:

- Мотивиран наставен и административен кадар
- Родители и деца кои одлучуваат каква програма ќе се учи
- Удобни простории за учење и други активности (со одличен мебел)
- Прекрасно концепирани предмети (ОПШТЕСТВО) каде што што учиме за татковината (гер. Vaterland) преку малку историја околу битките и крватите незгоди на народот кој решил да се самоопредели и да формира прекрасна држава каде што ќе учиме за државата и нејзиниот народ кој решил да формира држава (спонтано, милиони луѓе, ветуваме)....... ќе учиме малку химни, малку сликици од дипломати, малку за лошата дрога и болестите на мoдерното општество и многу многу повеќе...
- Гратис Верско образование (status: pending)
= 12 години радост
 
ормула која победува одново и одново и креира генерации гении!

Слични содржини

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото