Сега кажувам #7

19.01.2018 17:43
Сега кажувам #7

Ана Јовковска

Имав 25 години. Работев во телевизија. На состанок во канцеларија (јас и "шефот") додека го презентирав новиот ТВ проект "шефот" ми се доближи толку блиску што ми влезе во интимниот простор на мојата аура. Ме залепи за врата. Мојот отпор беше само еден збор -"недолично". Проба да се извади со "фраерски" комплименти и хумор, но веднаш го напуштив состанокот. Не ме уплаши, но ме згрози. Класично микронасилство од позиција на моќ. Другиот ден дадов отказ и не се појавив веќе на работа. Им кажав веднаш на двајца колеги, но тие рекоа дека тоа е вообичаено однесување за него. Им кажав на пријателите, но тие ме посоветуваа да не ја раскажувам секаде случката оти сум јавна личност. Не ги послушав. Им кажав и на моите. Ме поддржаа во одлуката да си заминам од работа. Останав да се прашувам што прават колешките и жените што не можат така лесно и безкомпромисно да донесат одлука да ја напуштат работата.

Ирена Ристиќ

Професорот по ОНО ладно си го драпаше половиот му орган, потседнат што на катедрата, што на нашите клупи.
На Стрелиште легнуваше врз нас, со цел да бидеме попрецизни, де.

А, ние?

У фаца му се смеевме! Боже, каков кретен!

Елена Чемерска

Тинејџерка сум, имам нешто повеќе од 18 години. После една целодневна дружба време е за разлаз. Друштвото е големо и мешано. Се групираме за по дома. Има повеќе луѓе отколку коли. Мене ми се паѓа да ме вози дома познаник за кого имам фино мислење. Доста е повозрасен од мене, колку што знам пристоен е, знам и дека е женет. Како што почнува патувањето, овој почнува да ме закача. Демек ми се пушта, ама подбивно. Поточно се забавува, ме заебава. Ич не ми се свиѓа, а и ме буни, не знам точно како да реагирам. Знам дека ме заебава и се обидувам, колку што можам, да се одржувам со хумор над вода, да не ме види колку ми е непријатно, зашто таа перфидност некако ме стави во позиција да почувствувам дека да кажам дека ми создава некомотност ќе биде драматизирање. Како заробено заморче. Ме тормози речиси цел пат. Сè на сè, стасав дома жива и здрава, само се чувствував ужасно глупо. Глупо и грдо, зашто неповикано, најверојатно заради возраста, се најдов во позиција на предмет на подбив некому кому мојата неудобност му се виде забавна. А и во позиција да се приспитувам со денови дека не, ништо не направив за да го предизвикам.

Biljana Hayhurst

Тоа што требаше да биде обична, деловна соработка брзо стана случај на сексуално вознемирување и насилство. Откако се потпиша договорот за соработка односите се сменија во корен. На едната страна во конфликтот остана тој - директор пред пензија со имиџ на моќник во браншата, а на другата страна младата жена - претприемач на возраст со неговата ќерка.

На состанок ја викаше во четврток и петок вечер и со часови говореше бесмислици додека се налеваше со алкохол и сексуално ја напаѓаше. По неколку неуспешни обиди тој се надеваше дека со малку повеќе психичко насилство ќе успее да ја „скрши“, па, за да ѝ покаже кој е „газда“, престана да ги плаќа обврските од договорот. Заслепен од суета не сфати дека е крај.

Таа еднострано му го раскина договорот. Ги изгуби работата и приходите и мораше да ја надомести загубата за да обезбеди финансиска стабилност. Зголемувањето на платите на вработените се одложи за некое друго време, а двете нови вработувања за проектот никогаш не се случија.
Кога по неколку години случајно го сретна на улица тој ѝ рече: „Не Ве добив, но, Ви покажав дека сум посилен од Вас!“

Љуми Бекири

Имам неполни 18 години, долга коса скоро до половина. Се враќам после полноќ од забава во град накај дома. Влегувам во првото такси пред мене и седнувам на задното седиште. Таксистот во свои 40 и кусур години ми се обраќа во женски род. Не му замерувам и си молчам, ослободен од родовите стереотипи важно во тој момент ми е единствено да стигнам дома и да спијам.

Разговорот или подобро кажано монологот на таксистот се одвива од временската прогноза до сексуалноста на денешниве девојки, кои според него менувале партнери како чорапи. Ме прашува дали имам дечко, му велам не. Се чуди како тоа и ми објаснува како сексот е природна потреба. Застанува сред улица и ми нуди да се преместам во предното седиште, одбивам, а тој не продолжува да вози. Ми нуди цигари, телефонски број за да ми бил приватен таксист, ми вели да не се срамам. Му велам со погруб тон дека сум машко и излегувам од колата. Остана само неговото вџашено и збунето лице во исто време и моето вечно прашање низ што се поминуваат моите сограѓанки од само едно обично возење во такси.

Фросина Стојковска

Еве и јас #СегаКажувам уште еднаш. Се радувам што се реактуализира темава и се надевам дека нема да стивне сѐ додека не се смени нешто драстично во нас! И колку и да им изгледа смешно сето ова на некои, за многумина фактот што не се сами значи премногу. И не, ова не се кампањи што се борат против флертувањето. Огромна е разликата меѓу флертување и малтретирање, ако не ја разбирате, распрашајте се. Фала ви на сите што споделувате приказни, а и на сите што не сакате да ги споделите своите. За да не се повторувам, еве еден текст што го напишав пред некој месец за дел од моите вакви искуства.

„Ш'ц, мала, сакаш да прајме порнографија?“

Слики: Lise Hanawalt

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото