Во одбрана на Горан Самарџиќ

15.03.2018 01:21
Во одбрана на Горан Самарџиќ

Татко му на Џими беше Црногорец, од стар ков и никшиќка сорта. Иако по Втората светска војна работата го однесе во Сараево, каде се ожени со вистинска босанска убавица и наскоро доби син, неумоливиот магнетизам на Белград, кој особено важи за Црногорците, многу брзо го привлече кон Врачар.

Подоцна во еден роман единецот Џими ќе го опише растењето на тврдиот белградски асфалт. Го запознав ова секогаш благо иронично насмеано момче во средината на 80-тите во сараевската кафеана Корзо, во која се собираа маалските пијаници и младите книжевници. Џими од Белград дојде во својот роден град, пред Олимпијадата, заради голема љубов. Остана да заврши факултет – книжевност. Во Корзо железниот пепелник секогаш беше полн, а купот пивски шишиња растеше на масата. Тука се одвиваа бескрајни разговори за литературата.

Татко му прерано почина и тоа остави едвај забележлива сенка врз мангупскиот начин на однесување на Џими. А бидејќи и мојот татко беше Црногорец кој исчезна од семејниот живот уште пред да тргнам во основно училиште, нè поврзуваше болното отсуство на црногорските патријарси во нашите животи; и страста кон поезијата.
Џими беше боксер со добар динарски генетски склоп, сакаше да ги покажува мускулите под тесните маици и девојките го сакаа. Ги познавав речиси сите негови сараевски девојки, од оние кобните до попатните љубови.

Со нив речиси редовно разговараше другарски и опуштено. Имаа две заеднички одлики. Беа убави и немаа влакна на јазикот – пцуеа како кочијаши.

Џими отворено зборуваше за сексуалноста, кажувајќи урнебесни шеги на своја и туѓа сметка. Ниту една жена во негова близина никогаш не се навреди. Напротив, во конзервативно втемелениот микросвет на маалата, кои здружени и залепени го чинеа саќето на градот, со своето разбивање на вербалните конвенции Џими беше освежување. Неговиот хумор имаше белградско улично потекло, но беше префинет со лектирата на целокупната светска и југословенска поезија. Му се восхитуваше на Оскар Давичо, поранешниот сосед од Врачар, револуционер, поет и женкар.

Од неговите приказни знам дека една чудна белградска ноќ добил нож во грб зашто го претепал локалниот кабадаија кој ја силувал својата девојка. Знаеше да ја покаже лузната некаде кај бубрегот и да каже дека ја научил лекцијата. Не е важно дали си посилен, туку дали си подготвен да убиеш.

Во неговите свет послабите беа изложени на самоволноста на суровата сила, а тој со емпатија секогаш беше на нивната страна, на луѓето што страдаа опколени со примитивизмот на мнозинството.

Се сеќавам на еден наш престој во ноќна сараевска кафеана, во 1986 година. Сараево ноќе навистина беше фасцинантно и сè поголем број кафулиња и кафеани работеа до утро. Некаде по полноќ Џими и јас дојдовме во една темникава кафеана со гласна музика. Нашиот разговор како и секогаш се вртеше околу книгите и книжевните кулоари.

На соседната маса, еден низок тип стануваше сè погласен. Ѝ викаше на девојката, која беше претерано нашминкана и ги бришеше црните солзи. Типот на девојката ѝ удри шлаканица, а потоа ја дигна ногата и ја клоцна. Џими скокна како попарен и тргна кон типот. Тогаш блесна скакавец – јасно го видов сечилото на ножот како стрчи од раката на насилникот. Џими колебливо подзастана. Се виде дека би му било жал ако мора да се повлече. Со подигнати раце како да се предава го следеше типот кој се повлекуваше кон излезот. Ја научи лекцијата. Типот со себе ја повлече и девојката и набрзо двајцата останаа само сеќавање на темната страна од зашеќереното лице на олимпискиот град.

Се прашаувам дали јас ќе се обидов да ја заштитам таа жена. Одговорот не го знаев. Факт е е дека од петнаесетина мажи и неколку жени во просторијата, реагираше само тој.

Во 1991 година, пред да си заминам од државата, засекогаш ја разбрав надмоќта како факт проверен со искуство во однос на нашите идеолошки копнежи и дрдорења. Мојата идеалистичка проекција – тогаш тоа се викаше Реформисти – на првите повеќепартиски избори беше тешка само неколку проценти. Луѓето кои беа поблиски, а тоа подоцна се докажа со војната, до подведувачот што ја тепа проститутката, отколку до Џими, беа надмоќно мнозинство.

Не ми остануваше ништо друго туку да признаам дека модернизацијата на идејата „братство и единство“ со економски средства, како и која било друга трансформација на мојата земја во модерна заедница, просто беше неприменлива врз мнозинството што ме опкружуваше. Тие се определија за трибалното, архаичното и насилното во нас.

Џими остана во својот град да ги истрпи последиците на таа подготвеност да се посегне по насилството, јас заминав во Германија, каде сличната подготвеност, пред повеќе од 70 години, беше насилно поразена.

Го пишувам сето ова бидејќи во 2018 година Џими, како успешен човек и јавна личност, сосема се изгуби во акутно воспалените дигитални синапси на нашиот регион. Неодамна, неговата наводно долгодишна другарка од својот инбокс на фејсбук извади некоја негова глупава формулација и ја даде на увид на севкупната дигитална чаршија. Она што пропушти да ѝ го предочи на крволочната заедница е нејзината еднакво невкусна ласцивна инсинуација што претходела на несолената шега на Џими.

Се покрена хајка против Џими која уште трае и поприма гротескни особини. Џими два пати јавно се извинуваше. Но, тој веќе не е личност, туку проекциска површина за сите луѓе исфрустрирани од балканскиот патријахат, но и за сите божемни еманципаторски апостоли, кои од безбедна дистанца чукаат гадости за човек што не го познаваат, за приватна преписка што не ја прочитале, проголтувајќи ја мамката на манипулативното вадење од контекст. Или едноставно сакаат да играат валкано. Или, пак, пишуваат гадости за човек што го познаваат, но со него сведуваат некои сосема други сметки.

Виртуелната харанга не е далеку од својот историски модел. Имено, харанга првобитно значела свечен говор пред толпа луѓе. Потоа попримила фигуративно значење на подбуцнување и хушкање на толпата. Мислам дека најголем број на виртуелните харангаши навистина мисли дека зборува во име на благородни принципи, притоа употребувајќи ги техниките на хушкањето.

Затоа сакам да говорам кој беше и за мене остана Горан Самарџиќ, кого само јас го викам Џими, Сарајлија од Никшиќ со белградски менталитет: Она момче што наспроти сечилото на макрото сакаше да направи нешто против бруталното насилство врз конкретна жена, додека мнозинството се колеба или само набљудува.

Извор: Vijesti

*Откако новинарката Јелена Калениќ на твитер објави што ѝ напишал писателот и коспоственик на издавачката куќа „Buybooks“ од Сараево, Горан Самарџиќ - беше обвинет за брутален сексизам и шовинизам. Иако тој се извини, не стивнува бурната дебата на социјалните мрежи и во медиумите.

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото