Тито на 9 мај 1945: Четници и усташи, предајте го оружјето!

09.05.2018 19:16
Тито на 9 мај 1945: Четници и усташи, предадете го оружјето!

По повод денот на победата над фашизмот, прочитајте ги писмата на благодарност што Тито ги праќал до Труман, Черчил и Сталин, како и победничкиот говор што го одржал на денот на капитулацијата на Германија на 9 мај 1945 година.

До Хари Труман

9. мај 1945 г.
Во деновите на победата на Обединетите народи врз фашистичка Германија, Вам и на народот на Вашата земја ви упатувам топли поздрави и изразувам благодарност за помошта што ни ја пруживте во оваа заедничка борба против истиот непријател.

Уберен сум дека здружените народи по оваа крвава војна ќе обезбедат мир и безбедност која, на сите ни е потребна.
Тито

 

До Винстон Черчил

9 мај 1945 г.
Ви упатувам најтопли честитки Вам и на Вашите народи во овие историски денови на победа над хитлеровска Германија и изразувам благодарност за сè што направивте Вие и Вашата земја за нашите народи во борбата против нашиот заеднички непријател.
Тито

 

До Јосиф В. Сталин

9 мај 1945 г.
Во овој највеличествен момент на победа над хитлеровска Германија, народите на Југославија упатуваат топли поздрави и изразуваат длабока и братска благодарност на Црвената армија и на народите на Советскиот Сојуз за сите огромни напори и жртви што ги поднесоа за спас и подобра иднина на целото човештво.
Тито

 

Говорот на Тито на белградското радио

9 мај 1945 г.
Народи на Југославија!
Војници, подофицери и офицери! Работници, селани и граѓани!

Денес, 9 мај, точно 49 месеци и три дена од нападот на Југославија, капитулираше Германија, најголемата агресорска сила во Европа. На осми мај во 23.01 часот, германската врховна команда во Берлин потпиша акт за капитулација.

Четириесет и девет месеци на натчовечки напори и пролевање крв на нашите народи вродија со плод, вродија со целосна победа на нашите народи во заедница со Обединетите нации, во прв ред со Советскиот Сојуз, Англија и Америка. Некогаш страшната и наизглед непобедлива сила, денес е скршена. Победи праведната работа на Обединетите народи над оние разорни сили кои сакаа на човештвото да му наметнат некој нов поредок, поредок на ропство и страдање. Оваа најстрашна војна во историјата на човештвото чинеше десетина милиони жртви во Европа. Збеснатиот германски и италијански фашизам и нивните крвави слуги, кои се најдоа во сите европски држави, во позадината го истребуваа мирното население, ги истребуваа сите оние кои не се помируваа со судбината на таканаречениот „европски нов поредок“ на Хитлер - стотиците логори од типот на Мајданек и Јасеновац. Логорите на грозотии и смрт, за вечни времиња ќе останат како морничава опомена за сите народи, никогаш повеќе да не дозволат повторување на таква трагедија, да направат сè што е причината за таа трагедија – фашизмот, во корен да се уништи.

Војници, подофицери и офицери на Југословенската армија! Партизани и партизанки!

Вашиот хероизам и пожртвуваност од почетокот на војната во 1941 година па до денес, под најстрашни услови во борба со неспоредливо понадмоќни сили на непријателот, беше пример за сите поробени народи во Европа. Вдахновени со решеноста својата поробена татковина да ја бранат до последна капка крв, инспирирани од длабоката верба во победата на правдата, вие од 1941 година му задававте немилосрдни и жестоки удари на заедничкиот непријател на Обединетите народи. Вие чесно го извршувавте својот долг кон татковината. Вашите бесмртни дела вечно ќе живеат во срцата на нашите народи и нивните идни поколенија. Местата на славните битки на Сутјеска, Зеленгора, Козара, на Неретва итн. ќе останат вечни споменици на вашиот хероизам и на вашите паднати другари. Тие ќе ги инспирираат идните поколенија на нашите народи како се сака татковината и како се умира за неа. Тие ќе бидат споменици на нашата народна гордост во борбата за нашата слобода и независност.

Новата Југословенска армија, искована во екот на најжестоките борби, армија што вие ја сочинувате, вистинската народна армија, која извојува такви блескави победи, мора да остане и ќе остане непоколеблив бранител на придобивките на нашата надчовечка борба. Нашите народи на Југославија, нашите ослободени браќа во Истра, словенечкото Приморје и Корушка, гледаат во вас со длабока верба дека вие ќе знаете да зачувате нивната извојувана слобода.

Народи на Југославија!

Срби, Хрвати, Македонци, Црногорци, Муслимани!

Осамна долго посакуваниот ден, кој го чекавте со голем копнеж. Дојде празник и на нашите улици. Конечно е победена најголемата фашистичка сила во Европа – Германија, која им зададе многу јад и жртви на нашите народи. Победена е онаа сила што сакаше да ве пороби и истреби. Германските и италијанските фашисти меѓусебно ве скаруваа самите меѓусебно да се истребите. Но вашите најдобри синови и ќерки, инспирирани од љубовта кон својата татковина и кон вас, своите народи, го спречија овој пеколен план на непријателот. Наместо меѓусебни раздори и непријателства, вие денес сте обединети во една нова и посреќна Југославија. Наместо старата, гнила одвнатре со корупција и бесправност, ние денес ја имаме демократска федеративна Југославија на рамноправни народи. Тоа е резултат на победата на нашата славна Југословенска армија, тоа е резултат на вашата упорност, вашата пожртвуваност и верба во својата правдина.

Осамна голем ден на мир и слобода. Доаѓаат нови денови на мирна изградба на нашата разорена земја. Сега треба да извојуваме нова голема победа, да ја изградиме нашата разорена земја и да ја зајакнеме нашата вистинска народна власт. Уште повеќе да го зајакнеме нашето братство и единство, за никогаш, ниедна сила да не може да ја разурне. И за таа победа ќе бидат потребни огромни напори на сите народни сили. И за таа цел ќе треба да се вложи сиот свој елан и пожртвуваност, како што вложуваа вашите синови, браќа и сестри на бојното поле. Само со максимални залагања ќе се скрати рокот за обнова на нашата земја.

На денот на големата победа на Обединетите народи над заедничкиот непријател, мислите на сите народи на Југославија се упатени со благодарност на славната и непобедлива Црвена армија – ослободителката и нејзиниот генијален раководител Сталин. Упатени со благодарност се кон херојските народи на Советскиот Сојуз кои во оваа надчовечка борба дадоа најмногу жртви. Упатени се кон нашите големи сојузници Англија и Америка и на нивните армии, кои за победата на правдата на Обединетите нации дадоа многу жртви. Нашите мисли се упатени кон сите оние народи кои се бореа и страдаа во фашистичкото ропство. На овој голем ден на победата, мислите на нашите народи се упатени кон браќата по оружје и крв на Балканот, кои исто така издржаа големи страдања од истиот непријател и дадоа свој дел во оваа величествена победа.

Деветти мај 1945 година е ден на заедничка победа, тоа е заеднички празник на сите Обединети народи. Сакаме овој голем ден да биде ден на вдахновеност и тежнеење на сите Обединети народи кон траен мир и меѓусебно разбирање. Уверен сум дека ја пренесувам желбата на сите народи кога велам дека за да народите на Југославија се чувствуваат среќни и по оваа голема победа на бојното поле, меѓу Обединетите нации треба да владее иста еднодушност и разбирање во мирот како што владееше за време на војната.

Им го упатувам својот повик на сите наведени кои служеа со оружје во раката за окупаторот, без оглед дали се четници, усташи, домобрани и така натаму, веднаш да го положат своето оружје и да им се предадат на најблиските власти. Во исто време изјавувам дека народите во Југославија – градителите на нова, посреќна Југославија, нема никому да дозволат да ги попречува во нивните напори во таа изградба. Со сите оние кои тоа ќе го продолжат нашиот народ и нашата војска немилосрдно ќе постапи.

Им наредувам на сите воени единици, без разлика каде се наоѓаат, веднаш да ги разоружаат сите вооружени формации кои досега беа во служба на окупаторот или кои ќе се оформат надвор од рамките на Југословенската армија. Наредувам целиот воен материјал, лесното и тешкото вооружување, магацините со воена опрема и храна, воените и други објекти, веднаш да се предадат во рацете на единиците на Југословенската армија.

Да живеат нашите големи сојузници Советскиот сојуз, Англија и Америка!

Да живее најголемата заедничка победа на Обединетите народи над заедничкиот непријател!

Да живее непобедливата Црвена армија – ослободителка и нејзиниот голем водач Сталин!

Да живее славната Југословенска армија, гордост на народите на Југославија!

Да живее братството и единството на народите на Југославија!

Слава им на паднатите борци за ослободувањето на нашата татковина!

Смрт на фашизмот – Слобода на народот!

(Пренесено според: Владимир Дедијер, „Нови прилози за биографијата на Јосип Броз Тито“)

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото