Македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ постави дело во јавен простор во Солун

10.05.2018 01:12
Македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ постави дело во јавен простор во Солун

Македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ со инсталацијата насловена „Зад аголот“ учествува на фестивалот „SKG Bridges“ што од 9 до 13 мај се одржува во Солун.

Се работи за интервенции со „сообраќајни знаци“ што претставува продолжување на уметничката пракса во јавен простор што Јовановиќ ја развива во изминатите години.

Уличните знаци во својата иконографија содржат препозналиви мотиви со цел да го привлечат внимнието на минувачите. Јовановиќ со ова дело прави обид да даде едно толкување и го истражува значењето на перцепирањето на уличните знаци за да ги рефлектира и коментира горливите теми и проблеми на современиот, турбулентен и фрагментиран свет, како што се влијанието на лажните вести, социјалните неправди и нееднаквоста, финансиската криза итн. Овие знаци можеме да ги гледаме и како предупредување за опасностите и предизвиците на нашето време и како одраз на нашиот заеднички, визуелен, социјален и урбан простор.

Инсталацијата на Јовановиќ е поставена пред Центарот за современа уметност, во комплексот музеи на солунското пристаниште.

Целта на фестивалот „SKG Bridges“ е да воспостави соработка и размена помеѓу културните институции, креативните групи и иницијативи од градот со уметници од различни сфери од регионот на јужна Европа.

Учеството на Јовановиќ на фестивалот „SKG Bridges“ е резултат на неодамна започнатата соработка помеѓу музеите на современа уметност од Скопје и Солун.

 

ОкоБоли главаВицФото