Драго ми е што сум дел од групата која прогресивно гледа на својата земја и иднина

13.06.2018 14:12
Драго ми е што сум дел од групата која прогресивно гледа на својата земја и иднина

Предолго време владееше парадигмата на лажните патриоти и профитерите од национализмот, да не’ делат и стигматизираат како предавници зошто мислиме отворено и сакаме подобра иднина.

И што гледам утрово, гледам народ помирен со промените, дури и задоволен од себе, дека е во состојба да направи исчекор кому светот му аплаудира.

Се разбира, има и искрено загрижени, некои луѓе се едноставно поемотивни на национални теми. Има и злонамерни, кои шират пизма и нервоза, патетики и заблуди.

Ама најмногу од се’ приметувам луѓе кои се доживуваат и денес како горди Македонци, и ќе продолжат така да се чувствуваат, свесни дека се на пат да направат промена, која само може да ги направи подобри и поголеми.

Израснавме со наши и наметнати проблеми. Мојата генерација влегува во петтата декада и ако нешто научивме, е од секоја фрактура - а сме ги имале 3-4 големи - од секое пропаѓање на нашиот свет, одново да се бориме, да не се зомбифицираме, еден дел од нашиот мозок и тело и понатаму да пркосат и се борат.

Денес не се чувствувам дел од едно малцинство, човек кој сам си плаќа политичка цена за своите ставови и мислења, човек без ни еден сојузник. Напротив, денес ја гледам желбата за промени кај многумина, ги гледам леснотијата и хуморот, ја гледам искрената и акумулирана желба за откачување од статусот кво, желбата да се решаваат проблеми, и баш да ви кажам, барем еднаш, ми одговара ова чувство дека сум дел од група која нешто разбрала и прогресивно гледа на својата земја и иднина.

Слика: Дилан Дог (стрип)