За новата рунда компромиси

23.07.2018 00:31
За новата рунда компромиси

Откако Одборот за правосудство на Европскиот парламент на 20 јуни одлучи дека Парламентот може да стапи во меѓуинституционални преговори со Советот на Европската унија и Европската комисија за спорната Предлог Директива на Европскиот парламент и Советот за авторски права на единствен дигитален пазар, изгледаше како аутистичната политика на Унијата во рамки на Стратегијата за единствен дигитален пазар уште еднаш да преовлада и покрај противењето на експертите и најшироката јавност.

Потсетуваме, станува збор за документ кој на ниво на Унијата настојува да ја стандардизира регулацијата на авторските права, со посебен акцент на дигиталниот домен. Во тој поглед има најмногу критики речиси од сите страни – од теоритичарите на интернетот и авторските права, преку истражувачките новинари, па до невладините организации – за членовите 11 и 13, кои се доживеани како голем удар за отвореноста на интернетот. Така, членот 11 на издавачите на електронски публикации им дава исклучиво право за давање овластувања или забрана за пренесување на нивните содржини, вклучувајќи ја и можноста за барање отштета (но, отштетата не ја прави задолжителна, како што погрешно се пренесува во низа медиуми!), што ја гуши слободната интернетско-медиумска циркулација на информациите со речиси неприменливата логика на лиценцирањето. Членот 13 пак пропишува обврска за интернет сервисите на кои корисниците прегледуваат различни содржини за користење на технологијата за нивно препознавање со цел да се спречи неовластена употреба на авторските дела – во превод, воведува автоматска проверка и филтрирање на секоја корисничка објава, отворајќи простор за цензура и злоупотреба на податоци.

Дека во Парламентот сепак постојат доволен број луѓе кои ги следат критиките на Директивата покажа групата од 84 претставници предводени од Јулија Реда, потпретседателка на Клубот на претставниците од Зелените/Европскиот слободен сојуз и членка на Германската пиратска партија, која го активираше правилото 69ц, став 2 од Правилникот на Европскиот парламент. Станува збор за одредба која на претставничките клубови им овозможува одлуката за стапување во меѓуинституционални преговори во склоп на законодавните процедури да ја стават на гласање во Парламентот, со што се обезбедува корективен механизам во случај ако најмалку 10 проценти од претставниците се спротивстават на предлогот на некој одбор. Сепак, се работи за ретко искористена алатка – како што пренесуваат низа медиуми, претходно Парламентот само еднаш одбил таков предлог.

Јулија Реда

Но притисокот на јавната кампања овојпат беше доволен мнозинството да одбие да го поддржи Одборот за правосудство, со 318 гласови против, 278 за и 31 воздржан од вкуно 627 претставници. Како што предвидува Правилникот, пред гласањето зборот на Одборот е даден на демохристијанскиот претставник на ЦДУ на Меркел, Аксел Вос кој ја нагласи нерамноправната положба во која се наоѓаат уметниците наспроти интернет сервисите и повика да се поддржи Предлог Директивата. Меѓутоа, Вос, како што пренесува порталот Фактограф.хр, се најде во незавидна положба зашто неговата сопствена партија еден ден пред гласањето им испрати писмо на своите претставници во кои ги повикува да гласаат против Предлог Директивата, искажувајќи грижа за „стартап екосистемот“ и неговото преживување на пазарот покрај интернет гигантите како главна причина.

Потоа следеше обраќањето на британската лабуристка Кетрин Стилер која во име на Одборот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите, меѓу другото, предупреди дека при изработката на Предлог Директивата не се водело сметка за нивните забелешки за членот 13 и опасноста што ја содржи во однос на корисниците на интернет сервисите. Стилер со потсетување на критиките на релевантни експерти и функционери наведе и дека на нејзина адреса пристигнала петиција која ја потпишале повеќе од милион граѓани на Унијата кои се противат на Директивата.

Поддржувајќи ја аргументацијата на нејзините критичари, мнозинството во Европскиот парламент донесе одлука чија последица е Предлог Директивата, наместо во брзи меѓуинституционални преговори, да мора да оди на расправа на следната пленарна седница на Парламентот кон средината на септември. Тоа сосема сигурно значи дека Директивата ќе претрпи доработка и нови амандмани, а во тој процес на нејзина ревизија сигурно најсилни ќе бидат обидите поинаку да се адресираат потребите на кои членовите 11 и 13 – судејќи според сè, штетно и нефункционално – се обидуваат да одговорат. Меѓутоа, засега хоризонтот на дискусијата најпрвин се однесува на заштита на пазарниот натпревар и заштита на потрошувачите. Во таа смисла, не треба да се надеваме на посебни поместувања кога, на пример, станува збор за изнаоѓање добри модели за финансирање на новинарската работа. Накратко, додека треба да се поздрави враќањето кон широка дискусија за регулација на авторските права на ниво на Унијата, најновата одлука на Парламентот само нè враќа кон нова рунда компромиси за која во најдобар случај можеме да се надеваме дека ќе биде помалку штетна од моменталниот облик на Директивата.

Извор: https://www.kulturpunkt.hr/